ПАРТИСКИТЕ ДИРЕКТОРИ ОД ДУИ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ТАКА ЛЕСНО ОД М-НАВ Безбедноста не е загрозена, а вработените што го поддржале Тасевски биле „замаени“, тврди Хамиди
Не сакам да дадам оставка денеска поради тоа што Владата веќе најави дека ќе не разреши - истакна извршниот директор на Македонска навигација, Фахрудин Хамиди на денешната прес-конференција.
Безбедноста не е нарушена, ниту ќе биде, рече извршниот директор на Македонска навигација (М-НАВ) Фахрудин Хамиди на денешната прес-конференција по вчерашниот инцидент кога активисти на ДУИ помогнати од советникот на Хамиди и поранешен министер за економија од ДУИ, Беким Незири упаднаа во институцијата и нападнаа вработени во Контрола на летање.
Според Хамиди репутацијата на М-НАВ е доведена во прашање „поради клевети дека ништо не чинело“. Изрвршниот директор на М-НАВ вели дека биле „атакувани од страна на синдикалецот Тасевски“ кој како што вели „не ги остава да работат“, а дека колегите кои застанале зад него биле „замаени“ во случајот.
– Овој Управен одбор и покрај тешката финансиска криза не запре со обуката на нови контролори за летање. На 8 им дадовме договор на неопределено време. Имаме нов кадар, но и искусни кадри. За жал, цело време бевме атакувани од страна на синдикалецот Тасевски. Не сакавме да излеземе пред медиумите и можеби тука згрешивме. Тој перманентно не повредува сите нас и не не остава да работиме поради негови лични интереси. Репутацијата е доведена во прашање поради клевети дека ништо не чинело. Безбедноста не е нарушена, ниту ќе биде нарушена. За жал, колегите излегоа зад него, иако добро ги разбирам, бидејќи на крајот ќе застанат зад него иако се замаени во случајов. Јас не ги оставам на цедило моите контролори. Тасевски кажува за непотизам, за други работи. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, истовремено беше вработен тој, а и брат му е вработен како контролор – рече Хамиди.
На прашањето за вчерашниот инцидент и упадот на 7 надворешни лица, кои од вработен кој сега е под полициска истрага, биле спроведени директно во радарската заклучена соба и таму нападнале контролор на летање, Хамиди го релативизира дека било само „кошкање како што има во секоја фирма“.
– Се случил немил настан, тоа било мало кошкање. Кошкање има во секоја фирма – рече извршниот директор на М-НАВ.
Хамиди рече дека е подготвен да даде оставка, но дека нема да го сторил тоа затоа што смета дека има направено многу позитивни работи за институцијата.
-Не сакам да дадам оставка денеска поради тоа што Владата веќе најави дека ќе не разреши – истакна Хамиди.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање во државната М-НАВ, Александар Тасевски претходно најави дека доколку по вчерашниот инцидент не биде сменето целото раководство на М-НАВ или не си поднесат оставки, од 10 јануари ќе излезат на штрајк и ќе го затворат целиот воздушен простор над Македонија.