Партиите за предлогот на Пендаровски: Пописот не смее да предизвика меѓуетнички тензии

Владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ сепак не се изјаснуваат прецизно дали е потребно да се потпише декларација во која ќе се обврзат резултатите од пописот да не предизвикаат промени на овие акти, како што предлага шефот на државата.

1,255

Пописот треба да се спроведе со почитување на европските критериуми за попис пропишани од Еуростат, а не во зависност на политичките интереси на власта. Таков попис, кој што би отстапувал од утврдените критериуми спроведувани од напредните европски држави, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи, вели за Плусинфо Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, запрашан за ставот на партијата за предлогот на претседателот Стево Пендаровски лидерите на партиите да чпотпишат политичка декларација дека пописот нема да предизвика промени на Уставот или ревизија на Рамковниот договор.

– Пописот треба да биде статистичка, а не политичка операција. Досега власта не ја консултираше опозицијата за вака суштествено прашање за Македонија Ако и овој попис пропадне, а се спроведе без консултации со опозицијата, како што досега, целосната вина ќе биде на власта – велат од најголемата опозициска партија.






Владејачките социјалдемократи, како што објавивме претходно, велат дека ќе ги разгледаат сите иницијативи, но реализацијата на пописот  треба да се остави на стручни и на надлежни институции, кои ќе го спроведат според меѓународни стандарди.

– Пописот е статистичка операција, а не политичка. Ги почитуваме сите ставови, Законот сѐ уште е во собраниска процедура. Претседателот Заев, но и други претставници на СДСМ, веќе неколку пати јавно посочија дека резултатите од пописот нема да влијаат ниту на Уставот ниту на законски измени или ревизии на Рамковниот договор. Пописот ни е потребен за да се развива нашата држава соодветно и стратешки, за креирање идни издражни економски и развојни политики – велат од партијата.

Во НСДП на Тито Петковски сметаат дека сите релеванти политички фактори, кои на земјата и на граѓаните, како што велат, гледаат низ европски развојни перспективи, треба да ја прифатат и поддржат оваа иницијатива на претседателот Пендаровски. Оваа партија е на ставот дека резултатите од пописот, било какви тие да се од аспект на етничката припадност на граѓаните, не треба да доведат до ревидирања на правни акти или преиспитувања на веќе постигнати политички договори.

– Сѐ друго би значело отворање на прашања и теми кои би довеле до зголемување на меѓуетничките тензии и до нарушување на стабилноста на политичкиот систем, што за една држава која е пред портите на ЕУ е неприфатливо и недозволиво. Правата кои припадниците на одредена заедница ги имаат добиено и ги уживаат во една демократска држава не може да бидат предмет на било какви правни ревизиии или политички договори кои ќе значат нивно губење. Ова е уште позначајно ако се има во предвид дека Северна Македонија е и мултетничка држава, чија правна и политичка стабилност во многу голем степен зависи од релаксираноста на односите помеѓу етничките заедници – велат од НСДП за Плусинфо.

Пендаровски вчера на Телма рече дека е срамота што земјава 20 години нема спроведено попис, кој е важен за релевантни статистички податоци, но и за изборите и за прочистување на Избирачкиот список.

– Знаете и сами, невозможно е во оваа земја да има 1.820.000 гласачи. Не може да има, дај боже да има, но нема. Во оваа држава можно е да нема 1.800.000 жители севкупно сосе малолетниците, а камоли гласачи. Да не зборувам за тоа дека ниту една политика не можете да проектирате, да ја креирате во ниедна област, во здравство, во образование, во социјала, ако не знаете колку луѓе живеат и кој во која категорија припаѓа. Така што јас се надевам дека овој пат ќе надвладее разумот – рече Пендаровски.

Поврзани содржини