Партиите во исчекување на пресудата од Уставен – ќе го врати ли судот Собранието на работа?

Во политичките кругови се коментира дека доколку Уставен ја поништи одлуката за самораспуштање на Собранието, ќе донесе политичка, а не правна одлука.

537

Најголемите политички партии се во исчекување дали Уставниот суд во среда ќе ја прифати иницијативата и ќе поведе постапка за одлуката за распуштање на Собранието и решението за распишување на изборите. Иницијативата е поднесена од уставен судија со барање судот по службена должност да поведе постапка за укинување на одлуката за распуштање на Собранието оти смета дека Парламентот треба да биде функционален откако поради пандемијата на коронавирусот изборите не се одржаа на 12 април.

Заедничко на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ е ставот дека прво ќе почекаат да видат дали Уставниот суд ќе ја прифати иницијативата и дали ќе има мнозинство при одлучувањето да ја поништи одлуката за самораспуштање на Собранието и да го поништи решението потпишано од претседателот на Парламентот Талат Џафери за распишување на предвремените парламентарни избори.






Разидувањата меѓу партиите се дали Уставниот суд може да ја цени намерата за самораспуштање на Собранието, како што брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нема ништо спорно во одлуката за самораспуштање на парламентот, односно таа е уставна.

СДСМ е воздржан откако не им успеа обидот преку иницијатива потпишана од 30 пратеници да го вратат Собранието во функција.

Од ДУИ, пак, велат дека тие веќе го повикале Уставниот суд да се произнесе за повторното свикување на веќе распуштено Собрание и додаваат дека ќе ја почитуваат одлуката на судот каква и да биде таа.

– Чекаме да видиме дали Уставниот суд ќе ја разгледува иницијативата за укинување на одлуката за самораспуштање на Собранието, како и решението за распишување на изборите. По ова, ќе видиме како ќе се позиционираме – вели висок функционер на СДСМ.

Тој додава дека Џафери сѐ уште не пратил писмен одговор на иницијативата на 30-те пратеници за свикување на Собранието. Претседателот на парламентот преку медиуми го повтори својот став дека нема да свика веќе распуштен парламент, бидејќи тоа е противуставно.

Според функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Уставниот суд не може да ја укине одлуката за самораспуштање на Собранието и решението за распишување на изборите.

– Не може да се поништи нешто што е донесено според Уставот и законите. Одлуката за самораспуштање на Собранието е уставна и е еднаква, како и сите претходни одлуки кои парламентот ги носел изминативе години кога се самораспуштал, освен таа во 2016 година кога беше со одложено дејство. И решението со кое Џафери ги распиша изборите е во согласност со Уставот. Уставниот суд нема надлежност да ја цени намерата на одлуката за самораспуштање на Собранието, туку само да цени дали таа е во согласност со Уставот – смета функционерот на ВМРО-ДПМНЕ и додава дека партијата ќе се произнесе откако ќе видат дали за иницијативата Уставен воопшто ќе расправа.

Од партијата на Али Ахмети велат дека ќе ја почитуваат одлуката на највисокиот суд, каква и да биде таа. Од ДУИ потсетуваат дека тие први го повикале Уставниот суд да се произнесе за целата ситуација, односно за повторно ативирање на веќе распуштеното Собрание.

Во политичките кругови се коментира дека доколку Уставен ја поништи одлуката за самораспуштање на Собранието, ќе донесе политичка , а не правна одлука.

Доколку Уставниот суд реши да расправа за иницијативата и одлучи да ја поништи одлуката за распуштање на Собранието и решението за распишување на изборите, актуелниот парламентарен состав ќе биде функционален. По ова би следувала нова одлука за распуштање на Собранието и за распишување на изборите која, пред сѐ, ќе зависи од договорот на партиите дали ќе се оди повторно на предвремени парламентарни избори веќе летово или пратениците ќе го истуркаат цел мандат и ќе одат на редовни парламентарни избори во зима.

Поврзани содржини