Партиите се гоштеваат, гладните плаќаат!
Државата не треба да одвои ниту еден денар за финансирање на политичките партии, а не, пак, да им ги плаќа и рекламните кампањи. Тоа е дегутантно. Од авион се гледа дека со ваквиот закон се прави бизнис, но и многу злоупотреби на државните пари. Сè води кон злоупотреба и кон криминал - објаснува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување на Законот за финансирање на политичките партии. Тоа значи дека политичките партии ќе ги добијат парите коишто законски им следуваат, а кои беа запрени во услови на вонредната состојба заради нивно користење за справување со економските и социјалните последици од пандемијата со коронавирусот.
Законот претходно им дозволуваше на партиите да добиваат 0.15 отсто од буџетот, но во јуни годинава, поради пандемијата со коронавирусот, ова беше изменето и со уредба со сила на закон беше предвидено финансирање од само 0.4 отсто, односно 1.1 милиони евра наместо 5.2 милиони евра. Но сега, откако пратениците минатиот викенд сложно го изласаа Законот за финансирање, а претседателот Пендаровски декеска ја официјализираше одлуката, партиските каси ќе се наполнат со 0.10 отсто од буџетските пари, односно 3.5 милиони евра.
Поголемите политички партии за кои е предвиден најголем дел од колачот се правдаат дека со Законот за финансирање тие повеќе нема да бидат зависни од донации и дека ќе имаат поголема контрола врз трошењето пари. Помалите политички партии, пак, на кои им следува многу помал дел од вкупниот буџет, обвинуваат дека системот е така направен само големите партии да земаат најголеми парчиња од тортата.
Лидерот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, вели дека е против тоа државата да ги финансира политичките партии.
– Не може државата да ја финансира медиумската кампања, имаме партиски институции кои ги финансира државата. Ни требаат помали партии, не треба државата да финансира, системот е така направен само големите партии да земаат од големиот колач. ДС доби 6.000 евра за 2019 година за активност на партијата. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ добија многу пари. Не ни требаат партии од 200.000 членови, нека се финансираат самите, штом имаат толкаво членство. Двапати расправаме за Буџетот, главната активност на пратениците е контрола на трошењето на парите. Треба кога се креира Буџетот, да се дадат идеи – вели Трајанов.
Од авион се гледа дека со ваквиот закон се прави бизнис, но и многу злоупотреби на државните пари.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во изјава за Плусинфо вели дека државата не треба да одвојува ниту денар за политичките субјекти, бидејќи, како што објаснува, партиите веќе се претвориле во бизнис за злоупотреба на буџетските пари.
– Дефинитивно се согласувам дека државата не треба да ги финансира политичките партии, без разлика на бројката на нивното членство. И малите партии се офајдуваат согласно гласовите што ги добиваат, а да не зборуваме за големите. Ако се сеќавате, партијата Левица пред некоја година се офајди со 300.000 евра, а тоа се огромни пари за една мала партија. Затоа не треба да се чудиме зошто сите сакаат да влезат во партии, да формираат нови партии и да влезат во политика. Ова е доказ дека партиите станаа бизнис. Според мене, државата не треба да одвои ниту еден денар за финансирање на политичките партии, а не, пак, да им ги плаќа и рекламните кампањи. Тоа е дегутантно. Од авион се гледа дека со ваквиот закон се прави бизнис, но и многу злоупотреби на државните пари. Сè води кон злоупотреба и кон криминал – објаснува Пекевски.
Тој упати критика и до пратениците кои минатиот викенд кренаа рака за изгласување на Законот за финансирање на политичките партии.
– Сите пратеници сложно кренаа рака за да си ги префрлат парите на партиската сметка. Тука не станува збор за мали или за големи партии, туку станува збор за хипокризија за сите оние кои зборуваат дека не треба државата да ги финансира партиите, а потоа во Собрание го даваат својот глас за да помине законот. Тоа значи дека едно зборуваат, а друго прават, и тоа веќе стана новата нормалност во Македонија – вели Пекевски.
Од друга страна, пак, некои помали политички партии сметаат дека државното финансирање има голема важност за опстојувањето на оние партии кои намерно избегнуваат финансирање од крупен капитал и приватни донатори заради обезбедување политичка независност. Ваков е ставот на партијата Левица од каде што велат дека токму државното финансирање на политичките партии игра клучна улога во одржувањето на политичкиот плураризам.
– Сумите кои се трошат за плати, придонеси и службени трошоци како и обезбедувањето на разни привилегии, карактеристични за естаблишментот, како и трошоците кои ги прават одвишните министерства и еден куп разни управи, агенции, дирекции, инспекторати, комисии, заводи, бироа, центри, служби, установи, како органи во состав на министерствата, се многу поголеми од оваа сума која се одвојува за политичките партии – објаснуваат од Левица за Плусинфо.