ПАРТИЦИПАЦИЈАТА ЈА ТРОШЕЛЕ ЗА ГОРИВО, СМЕТКИ ПО РЕСТОРАНИ, ПИЦЕРИИ, СЛАТКАРНИЦИ… Обвинение за проневери во прилепската болница тешки 316.000 евра

Покрај ова, поранешната директорка е обвинета и за злоупотреба на постапката за јавна набавка, за избор на обезбедување во болницата со која болницата е оштетена за 107.000 евра.

948

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинителен акт против осум физички лица и една фирма за серија тешки злоупотреби во прилепската Општа болница. Според обвинението, станува збор за продолжени кривични дела – проневера во службата и злоупотреба на постапките за јавни набавки, со што на болницата ѝ била нанесена милионска штета.

За проневера се обвинети поранешната директорка на болницата и уште тројца вработени, кои од почетокот на 2022 до јули 2024 година проневериле 9.605.081 денар. Парите, како што наведува Обвинителството, биле доверени во службата, а завршиле како лична корист.






Средствата се исплаќале преку фиктивни налози за работа и лажни каси-исплати за наводно извршени услуги. Исплатите оделе од наплатената партиципација за здравствени услуги, без да се користи системот на УЈП, без договори за дело и без каква било документација што би го оправдала трошењето.

Дел од исплатите биле „покривани“ со фискални сметки за гориво, но и со сметки од пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња и слаткарници – трошоци кои, според обвинението, немале никаква врска со потребите на болницата. За да ги сокријат трагите, обвинетите манипулирале и со сметководствениот систем, внесувајќи лажни податоци и коригирајќи веќе направени записи за да одговараат на фиктивните налози.

Покрај ова, поранешната директорка е обвинета и за злоупотреба на постапката за јавна набавка, заедно со еден обезбедувач во болницата, управителот и двајца сопственици на фирма за обезбедување, како и самата агенција. Во два наврати, свесно биле прекршени правилата за јавна набавка, со тоа што фирмата не ги извршувала договорените обврски за физичко обезбедување, а сепак редовно наплатувала услуги.

Со ваквото постапување, според обвинението, фирмата за обезбедување остварила противправна корист од 6.567.538 денари (околу 107.000 евра), додека болницата претрпела значителна финансиска штета. И покрај тоа што услугите реално не биле обезбедени, се водела фиктивна евиденција и фактурите редовно се плаќале.

Поранешната директорка дополнително се товари и за злоупотреба на службената положба, бидејќи одобрувала исплати кон кафеани, ресторани и колонијални продавници од контото наменето за храна за болни. Обвинителството наведува дека тие трошоци не биле за потребите на хоспитализираните пациенти, со што на болницата ѝ била нанесена штета од 1.439.987 денари.

Во истиот период, таа одобрувала и неосновани исплати за прекувремена работа на селективно избрани вработени, со што болничкиот буџет бил оштетен за уште 1.850.895 денари (околу 30.000 евра).

Обвинителството информира дека за дел од дејствијата, кои биле откриени по кривична пријава од Финансиската полиција и по наодите на Државниот завод за ревизија, истрагата продолжува во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Поврзани содржини