Партијата од струмичкото бизнис чекмеџе станува стечајна маса

Можно ли е СДСМ во првиот круг да победил на локалните избори, а членството да не може да ја препознае победата?

1,051

Ја разбирам потребата на ова раководство на СДСМ да се обиде политички да преживее и после ваков дебакл на локалните избори. Половина од нив, на чело со Филипче, не се ниту членови на партијата и нивниот мотив е да дочекаат парламентарни избори и по секоја цена да станат пратеници.

За нив членовите кои трчаат на терен и „крварат“ од вакви порази, воопшто не им се важни. Битно е преминот од НВО секторот во партијата да се „наплати“ со четиригодишен пратенички мандат, плус една година апанажа.






Затоа се користат оптички илузии, кои не поминуваат ниту кај малите деца во градинките.

Но, еве, да ја примениме математиката на Филипче и компанија. Нивната клучна илузија е дека ВМРО изгубил во проценти многу повеќе гласови од нив и тоа значело дека СДСМ расте.

Според првичните анализи, сите независни листи топтан освоиле 120.000 гласови, плус има уште 50.000 неважечки ливчиња. Дополнително, ЗНАМ изгубиле околу 18.000 гласови од парламентарните избори. Ова се вкупно 188.000 гласови.

Кога СДСМ навистина би растел, тогаш логично ќе беше барем половината од овој резервоар на гласови да го имаат на своето конто. Но, да не се влезе во втор круг во трката за градоначалник на Скопје и советничката листа на СДСМ да е петта по број на гласови, е јасен сигнал дека партијата од струмичкото бизнис чекмеџе станува стечајна маса.

Навистина, од почит кон искрените, лојалните и добронамерни членови на партијата, не сакав да коментирам за резултатот на СДСМ пред да заврши вториот круг. Сепак, количината на дрскост и ароганција со која се брани овој дебакл на СДСМ ме натера да го напишам ова.

Ќе завршам со цитатот на една членка на СДСМ, која ми се јави на телефон со следното прашање: „Дали ги гледаше настапите на Филипче, Пановска и Чупевска? Ако на ваков резултат умеат да бидат олку арогантни, какви ли би биле кога навистина би победиле?“

(Фејсбук статус на авторката, насловот е редакциски)

Поврзани содржини