ПАРНО ЌЕ ИМА АМА МОСТ НЕ СЕ ЗНАЕ Санацијата на мостот „Беласица“ чека Арсовска да ги засука ракавите

Од Град Скопје до објавувањето на текстот не одговорија на нашите прашања кога ќе започне санацијата, колку време ќе трае и што точно ќе се санира на мостот.

897

Не се знае кога ќе почне санацијата на мостот „Беласица“ кој беше оштетен од пожар и кога тој ќе биде пуштен за сообраќај. Од 1 септември, кога ќе завршат летните одмори и децата ќе почнат на училиште, скопјани повторно ќе се нервираат поради тоа што не ќе можат да го скратат патот преку мостот.

Од Град Скопје до објавувањето на текстот не одговорија на нашите прашања кога ќе започне санацијата, колку време ќе трае и што точно ќе се санира на мостот. Единствено ЕСМ досега интервенираше и ги отстрани опожарените цевки од топловодната мрежа. Оттаму уверуваат дека нема да има прекини во снабдувањето со топлинска енергија оваа зима.






Директорот на АД ЕСМ, Влатко Стефанов, денеска рече дека новиот топловод ќе биде во функција до крајот на септември.

– Стариот топловод е демонтиран и со тоа се создадоа услови за санација на мостот која е во надлежност на Град Скопје. По завршување на активностите за санација на мостот ние ќе продолжиме со активностите, односно ќе го поставиме новиот топловод којшто секако ќе биде во функција до крајот на септември – рече директорот Стефанов одговарајќи на новинарско прашање.

Експертизата за опожарениот мост „Беласица“ ја направи приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и драфт верзијата ја предаде во Град Скопје, минатиот месец. Директорот на Институтот професор Михаил Гаревски вели дека оштетувањата се мали, но дека сепак ќе треба да се изврши санација.

– Потребна е санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот неопходно е да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот – рече Гаревски во јуни.

Во почетокот на јули градоначалниката на Скопје Данела Арсовска најави дека мостот „Беласица“ многу скоро ќе биде пуштен во употреба за сообраќај и ќе биде безбеден.

Мостот беше опожарен на 12 мај 2023, по што веднаш беше затворен за сообраќај.

Поврзани содржини