ПАРК КОЛКУ ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“ Донација за граѓаните од фирмата „МГ Фешн“ која ќе го гради комплексот „Гранд“
Визијата на инвеститорот за овој јавен простор е да се уреди налик урбаните паркови во светските метрополи, како оној на „Porta Nuova“ во Милано, за што е потребна соработка со надлежните органи на Општина Центар бидејќи важечкиот ДУП на оваа градежна парцела предвидува само партерно уредување со фонтана и спомен обележје.
Со најавата за почеток на градбата на комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1 на паркингот спроти „Холидеј Ин“, компанијата „МГ Фешн“ најави и капитална инвестиција на јавен парк со фонтана на површина близу 7.500 м2 како донација за градот и сите граѓани.
Оваа површина, велат од „МГ Фешн“, e колку површината на плоштадот „Македонија“, а предвидена е за нов, урбан, отворен и јавен простор за сите граѓани во рамките на ДУП Ц08 на територијата на Општина Центар.
Визијата на инвеститорот за овој јавен простор е да се уреди налик урбаните паркови во светските метрополи, како оној на „Porta Nuova“ во Милано, за што е потребна соработка со надлежните органи на Општина Центар бидејќи важечкиот ДУП на оваа градежна парцела предвидува само партерно уредување со фонтана и спомен обележје. Оттука, она што инвеститорот го нуди како решение за парцелата кај „Холидеј Ин“ е уредување на просторот со разновидно парковско зеленило, оплеменето со современа фонтана, урбана опрема и бројни останати содржини од отворен карактер, достапни за сите граѓани, но и распишување јавен конкурс за идејно решение во соработка со Општината.
– Ваков модерен јавен простор, налик на светските уредени урбани паркови и простори, ќе понуди дополнително заживување и модернизирање на овој дел од центарот на градот, што е во интерес на сите граѓани и целата наша заедница – изјавија од „МГ Фешн“, додавајќи дека за граѓаните од Ново Маало кои се сопственици на приватните парцели на кои е предвидена јавна површина, предвидено е обесштетување во истиот сооднос како и за останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти.
Дополнително, компанијата изрази подготвеност за соработка со Град Скопје, Шумарски факултет и зелените организации да изготви решение и да инвестира и во обновување на делот од Кејот 13-ти Ноември кој се протега по должина на локацијата.