ПАРИТЕ ОД ДРЖАВАТА ЌЕ СЕ ДЕЛАТ СО ЈАСНИ ПРАВИЛА Перински воведува критериуми за фер развој

Министерот Златко Перински вели дека со подобро планирање, до поголема кохезија меѓу регионите.

194

На денешната 41. седница на Советот за рамномерен регионален развој, која ја предводеше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, се разговараше за една од најзначајните теми за регионалниот напредок – подобрување на системот за планирање и распределба на јавните финансии, преку утврдување на поблиски критериуми за проценка на буџетските програми од страна на ресорните министерства.

– Со дефинирање на јасни критериуми, ќе се овозможи поусогласено планирање на јавните инвестиции, со фокус на вистинските потреби на граѓаните. Ова е чекор во унапредување на рамномерниот развој и во постигнување на поголема територијална кохезија – изјави министерот Перински.






Како што беше посочено, новите критериуми имаат за цел да обезбедат пообјективен, транспарентен и координиран пристап при распределба на буџетските средства, особено кон регионите и општините кои се соочуваат со послаб развој.

Во рамки на седницата беше нагласено дека ваквиот пристап ќе помогне во воспоставување на еднакви услови за економски раст и инвестиции на целата територија на државата. Станува збор за важен чекор во процесот на децентрализација, кој е една од стратешките цели на Владата.

„Советот ќе продолжи со континуирана работа на креирање и усогласување на политики, кои ќе овозможат долгорочен, одржлив и правичен развој на сите плански региони“, нагласуваат од Министерството.

Поврзани содржини