„ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ ЗА ПРИВИЛЕГИИ, ТУКУ ЗА ЈАВЕН ИНТЕРЕС“ Филипче повика на обединување против апсолутната власт

Да го вратиме достоинството на народот и да ја заштитиме државата од партиски режим, рече Филипче на денешната Конвенција.

80

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска на Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници оцени дека државата „живее под последиците на апсолутна власт“ која работи за себе, а граѓаните ги става на последно место. Тој повика на обединување за, како што рече, да се одбрани „заедничкиот дом“ и да се врати достоинството на народот.

– Ние денес живееме во држава и општество кои се жртви на прераната изгубеност на една апсолутна власт – рече Филипче, опишувајќи ја актуелната власт како „неспособна, расипничка, нечесна и неискрена“ кон луѓето што ѝ го довериле мандатот, а истовремено „арогантна, дистанцирана од народот и лажно самоуверена“.






Според него, времето е доволно за реална процена.

– Помина речиси година и пол откако ВМРО-ДПМНЕ има целосна централна власт и четири години откако имаат мнозинска локална власт. Ова е доволно време граѓаните да видат со кого си имаат работа. Наместо резултати, власта продолжи со старите политики на лажен ПР, напади врз опозицијата, партизација на институциите и нејасна стратегија за тоа каде ја водат државата и граѓаните – рече лидерот на СДСМ.

Филипче порача дека одговорот на СДСМ ќе биде решителен и обединет.

– Наша должност е да ја запреме разулавената власт. Наша должност е да се обединиме и да го спречиме рушењето на нашиот заеднички дом и на сето она што сме го постигнале – додаде тој.

Лидерот на СДСМ најави јасен отпор кон авторитарни тенденции, злоупотреби и партизирање на институциите.

– Денеска сме тука за да го вратиме достоинството на народот, да ја заштитиме државата од опасноста да стане партиска сопственост и да се спротивставиме на оние што работат само за себе – рече Филипче.

Во обраќањето Филипче посочи и последиците по стандардот на граѓаните, со порака дека СДСМ ќе се спротивстави на „лажниот патриотизам што служи за манипулација“ и на секоја форма на режим што носи „темнина, застој и угнетување“.

– Да се спротивставиме на оние кои работат само за себе, кои бесрамно ги трошат парите на граѓаните за свои уживања, а на граѓаните им фрлаат трошки – изјави Филипче, оценувајќи дека „оваа држава не видела власт која толку многу лаже, а толку малку испорачува резултати.“

Претседателот на СДСМ додаде дека лажниот патриотизам се користи како алатка за манипулација, додека реалните проблеми на луѓето остануваат нерешени.

– Ќе ѝ се спротивставиме на секоја форма на самоволие и на заканата Македонија повторно да биде ставена под контрола на партиски режим кој носи темнина, застој и угнетување – рече Филипче, повикувајќи на обединување околу јасна агенда за демократија, правда, ред и подобра економија со стандарди за достоинствен живот согласно европските вредности.

Тој нагласи дека единството треба да се гради преку одговорност и грижа за секојдневните предизвици на граѓаните.

– Обединувањето доаѓа од одговорноста да се бориме против дивеењето на цените, против запрениот раст на платите и против претворањето на институциите во партиски канцеларии – рече Филипче, истакнувајќи дека фокусот на СДСМ е кон граѓаните – работниците, младите, пензионерите и сите заедници без исклучок.

– Да го свртиме вниманието кон граѓаните и да подадеме рака секому, водени од грижата, солидарноста, правдата, слободата и еднаквоста – додаде тој.

Поврзани содржини