ПАРИ ЗА БУЛЕВАРИ, УЧИЛИШТА, ГРАДИНКИ ЗА СИТЕ ОПШТИНИ Почна владиниот проект за доделување 250 милиони евра за капитални проекти во општините
Сите општини имаат рок од седум дена да поднесат апликации, а потоа имаат десет дена да достават соодветни проекти за изградба на капитални објекти според локалните потреби.
Почна проектот на Владата за доделување на 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините и за подобрување на животот на граѓаните, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Сите општини имаат рок од седум дена да поднесат апликации, а потоа имаат десет дена да достават соодветни проекти за изградба на капитални објекти според локалните потреби. Како што најави министерот за локална самоуправа Златко Перински, се очекува доделувањето на парите да почне веќе од октомври.
– Објавен е јавниот повик за аплицирање на општините за инфраструктурни проекти врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на министерствата за транспорт, за животна средина и просторно планирање, за образование и наука, за социјална политика, демографија и млади, за спорт и на Министерството за култура и туризам. Целта на овој отворен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво, со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните – рече премиерот.
Право да поднесуваат апликации и предлог-проекти, додаде Мицкоски, сите општини како и Градот Скопје. Тој упати апел да аплицираат што е можно повеќе општини, независно од политичката провениенција на градоначалниците.
– Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. Двесте и педесет милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните – рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како сега со 250 милиони евра.
– До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат шест милијарди денари и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра. Одблиску ќе ја следам реализацијата на проектите, а процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност. Со ова покажуваме дека се гради за народот. И дека помагаме и се грижиме за секој еден граѓанин – рече Мицкоски.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински појасни дека општините можат да аплицираат со еден или повеќе проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието.
– Рокот за пополнување на апликативниот формулар е седум дена и пополнет со предлог-проекти треба да се достави до Министерството за локална самоуправа. Потоа во рок од десет дена целосната проектна документација општините треба да ја достават до ресорното министерство од областа на проектот, каде ќе се врши евалуација. Таа ќе заврши за десет дена и врз основа на таа евалуација ресорните министерства ќе изготват предлог-одлуки кои проекти ќе се финансираат и тие одлуки ќе се достават до Владата на усвојување. Парите ќе се доделат преку шесте министерства и тоа Министерството за култура, за транспорт и врски, за социјална политика, за образование, за животна средина и Министерството за спорт – рече министерот Перински.
За следење на целиот процес е формирано Координативно тело со кое ќе раководи Министерството за локална самоуправа, а ќе членуваат претставници од шесте министерства преку кои ќе се реализираат проектите.
– Со објавата на повикот Владата го исполни ветувањето, сега се на потег општините. Како никогаш досега единиците на лок имаат можност да ја унапредат својата инфраструктура и на тој начин да влијаат директно на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните – рече Перински.
Парите на општините ќе им се префрлуваат дел по дел, на наменски сметки.