ПАРЧИЊА ОД ТЕЛОТО ПРОНАЈДЕНИ ВО ЗАМРЗНУВАЧ Трагичен крај на потрагата по исчезнатиот германски бизнисмен
Полицијата ги пронашла неговите останки во вреќа за ѓубре во замрзнувачот на изнајмена куќа во Тајланд, уапсени се двајца германски државјани кои се осомничени за убиството.
Потрагата по 62-годишниот германски бизнисмен, Ханс-Петер Мек, заврши трагично во понеделникот вечерта кога полицијата ги пронашла неговите останки во вреќа за ѓубре во замрзнувачот на изнајмена куќа во Нонг Пру, град на југот на Тајланд.
Уапсени се двајца германски државјани кои се осомничени за убиството. Ханс-Петер Мек кој работел како агент за недвижности и со сопругата од Тајланд живеел во источниот град Патаја, исчезна на 4 јули. Полицијата вели дека двајцата осомничени се договориле да го убијат Мек, а потоа го транспортирале и го сокриле неговото тело.
Мек последен пат бил виден во неговиот Мерцедес во Патаја, според известувањето за исчезнато лице, издадено од неговото семејство, кое понудило 3 милиони бати (86.000 долари) за информации за неговата локација.
Според извештаите, неговиот автомобилот бил пронајден на паркингот на станбена зграда во Нонг Пру во неделата. Истражителите покрај телото нашле безжична моторна пила, ножици за жива ограда и ролни од пластика. На тајландската телевизија беше прикажана снимка од пронајдените предмети.
Полицијата открила и траги од течност за која се верува дека е средство за чистење на седиштата, контролната табла, воланот и други делови од автомобилот, користено со намера да се уништат доказите, информираа од полицијата.
Властите откриле и дека недостасува голема сума пари. од банкарската сметка на германскиот бизнисмен.