Директорот на Јувентус, Фабио Паратичи, даде широко интервју, во кое се дискутираше за изборот на клубот, иднината на некои од играчите на „бјанконерите“ и можноста за земање нови sвезди.
Тој ги коментираше извештаите во печатот за евентуална размена помеѓу Миралем Пјаниќ и играчот од средниот ред во Барселона – Артур.
– Разговараме со Барса како што прават повеќето големи клубови. Во моментов разменуваме идеи, можности за размена и нови работи за следниот трансфер прозорец – вели шефот.
Според него, ова лето ќе има можности играчите да се разменуваат, како во НБА, затоа што парите на пазарот ќе бидат многу помалку и ќе се бараат различни опции за зделки. Друга претпоставка е дека фудбалерите ќе бидат привлечени за изнајмување на 2 или дури 3 години.
– Поминуваме во тежок период за сите во светот, не само во фудбалот. Последиците ќе се почувствуваат насекаде – коментира тој.
Паратичи додаде дека трансферот од 100 милиони евра на Кристијано Роналдо бил исклучок: „Кристијано е различен играч од сите други. Тој носи неверојатно зголемување на приходите и е бренд скоро голем како еден клуб“.
За Пол Погба вели дека е одличен фудбалер, но логично, барањата за плата на ова ниво сега ќе бидат потешки за исполнување.
– Ќе има помалку екипи подготвени да ги извадат тие пари – рече тој .
Шефот на Јуве, исто така, даде детали за иднината на некои актуелни играчи на клубот: „Ние работиме на продолжување на договорот на Пауло Дибала. Сакаме тој да биде дел од Јувентус за многу години. Преговорите со Буфон и Киелини се пред крај. Целата ситуација ги прекина разговорите“.
Паратичи, исто така, ги коментираше шпекулациите дека Гонзало Игуаин немал намера да се врати во Италија од Аргентина.
– Кога замина, тој беше многу загрижен од лични причини. Тој е многу чувствителна личност. Ние го сакаме, тој има неверојатна сезона и се надевам дека ќе продолжи да биде со нас за годината што останува од неговиот договор – рече Паратичи.