ПАРАЛЕЛНО ДА ТЕЧАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА И СО ЕУ? Ковачевски вели дека постои таква можност, но дека треба да се изјасни и Софија
Лично, според мене, мислам дека постои можност за паралелно водење на процесите, меѓутоа секогаш треба да имаме став и од другата страна, во однос на можноста за такво нешто, за датумот на почеток на реализација на прашањата, начинот на реализација на прашањата, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека е можно паралелно водење на преговорите со Бугарија и отпочнување на евроинтеграциските процеси на земјава.
Сепак, како што рече тој, во своето вечерашно гостување во „Емисија 200“ на Алсат, за таква евентуална одлука е потребна согласност од Софија.
– Лично, според мене, мислам дека постои можност за паралелно водење на процесите, меѓутоа секогаш треба да имаме став и од другата страна, во однос на можноста за такво нешто, за датумот на почеток на реализација на прашањата, начинот на реализација на прашањата… Јас искрено се надевам дека тие може да одат паралелно, меѓутоа, сепак, ќе зависи од договорот којшто ќе биде постигнат со Бугарија, доколку биде постигнат. Има прашања за кои се разговара, а има и прашања за кои воопшто не се разговара – рече Ковачевски.
Тој посочи дека е отворена нова страница помеѓу Македонија и Бугарија.
-Се договоривме со бугарскиот премиер Кирил Петков да отвориме теми кои досега не беа отворени, како економијата, трговијата, културата. Работните групи веќе даваат резултати. Морате да комуницирате со некого доколку сакате да решите отворени прашања. Мора да ја вратиме довербата меѓу граѓаните, а да не се обвинуваме како што беше во еден период преку пропагандисти. Мешовитата историска комисија си работи врз нејзина методологија и заложбата од членовите на Комисијата е да ја забрзаат работата. Историските прашања треба да бидат мост кон иднината, а не раздор – појаснува Ковачевски.
Комуникацијата со Република Бугарија во одреден период беше сведена на комуникација меѓу пропагандисти кои креираа јавно мислење, доминантно во медиумите кое градеше недоверба меѓу државите, но и меѓу граѓаните на двете земји, додаде премиерот.
– И јас и претседателот на бугарската влада и членовите на владата веројатно бевме водени од тоа да отвориме дијалог кој ќе ја врати позитивната атмосфера, но ние бевме свесни дека веднаш ќе се јават ретроградни сили кои ќе гледаат да го попречат тој процес. Тие сили кои ги има и во едната и во другата држава своето политичко битисување го темелат на овој проблем. Бидејќи, ако не постои проблемот тие не можат да постојат како политичка парадигма, тоа сме го имале во минатото. Како се отворија разговорите, веднаш се отворија теми и провокации кои ги гледаме кои се случуваат и кои гледаат да не се дојде до решение – смета Ковачевски.
Според него, мнозинството од граѓаните и во двете држави сакаат да се изнајде решение, бидејќи, како што рече, земјава го залужува датумот за преговори со ЕУ.
– Доколу сакате да решите отворено прашање, мора да комуницирате. Не може само со обвинувања, како што имавме изминатиот период. Тоа мора да биде комуникација во која може да се видат бенефитите од двете страни и да се врати довербата меѓу нив – рече Ковачевски.
За решавање на спорот, додаде премиерот, постојат различни прашања кои треба да бидат решени меѓу двете држави.
– Ќе видиме што е прифатливо за двете страни, тоа решение кое ќе биде прифатливо за двете страни ќе биде споделено со институциите на двете држави и со оние кои ќе треба да носат одлуки, решението треба да се базира на европски вредности и на почитување на граѓаните на двете држави и почитување на достоинството – истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека со Бугарија воопшто не се водат разговори во однос на основните прашања коишто го засегаат македонскиот народ.
– Што значи дека јазикот на државава и идентитетот по сите основи на македонскиот народ воопшто не се предмет на разговори со Република Бугарија – рече Ковачевски додавајќи дека кога станува збор за вклучување на други заедници во рамки на Уставот, тоа е процес во кој самите заедници што живеат во оваа држава можат да го побараат.
Тоа, вели премиерот, се спроведува врз основа на уставни измени и е процес што трае подолго, во кој се вклучени повеќе институции, вклучително и владата и парламентот и претседателот на државата итн.
– И низ една поширока дебата, бидејќи се вклучуваат и експерти кога се прават уставни измени, тоа може да се отвори како прашање и потоа низ дебата и низ нормално двотретинско мнозинство во Парламентот, треба да се дојде до такво решение. Меѓутоа тоа е барање кое треба да произлезе од граѓаните кои живеат во оваа држава – заклучи Ковачевски.
Тој смета дека секој процес кој предолго трае може да влијае негативно на поддршката од граѓаните, но за среќа, како што нагласи, истражувањата на јавното мислење кај нас потврдуваат дека мнозинството од граѓаните верува во европската иднина на државата.
– Исто така и партиите кои се дел од коалицијата сите имаат став дека единствениот пат на нашата држава е интеграција во ЕУ – рече Ковачевски, изразувајќи надеж дека и опозицијата ќе покаже конструктивен став.