Парадоксите на еден судски случај: Професорот Јовчески тврди дека е „решен“, зашто доставил инкриминирачка снимка за директорот на ОТА?!
Директорот на ОТА Зоран Ангеловски вели дека судскиот процес кој се води против поранешниот вработен е поведен од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, за дејствија кои Јовчески ги сторил како службено лице во вршење на службата, кога неовластено, без знаење и согласност на директорот на ОТА, во службени простории во безбедносна зона, направил снимки при водење на службен разговор за полугодишно оценување.
Д-р Јован Јовчески, експерт за следење на комуникациите и професор по кривично материјално и процесно право со звање доцент, се најде на обвинителна клупа, во контроверзен судски предмет, по поднесена тужба на директорот на Оперативно-техничката агенција (ОТА) Зоран Ангеловски.
Директорот Ангеловски го тужи Јовчески дека неовластено тонски го снимал, а снимката, во својство на овластено лице за прием на пријави од укажувачи во ОТА, професорот на 14 август 2020 година ја доставил во Јавното обвинителство на РСМ, односно ОЈО Скопје и во Основниот граѓански суд Скопје, како доказ за сторени злоупотреби на директорот на ОТА.
Парадоксално во овој судски предмет е тоа што професорот, кој за себе вели дека е и еден од основачите на ОТА, а сега како самохран родител и татко на три деца, останал без работа, откако во скопското обвинителство пријавил злоупотреби на функционер, во кои сега обвинетиот Јовчески вели дека бил жртва. Директорот на ОТА Зоран Ангеловски, пак, вели дека судскиот процес кој се води против поранешниот вработен Јовчески е поведен од скопското обвинителство поради неовластено снимање во безбедносната зона на Оперативно-техничката агенција.
Врз основа на поднесената тужба од Ангеловски, јавната обвинителка од скопското обввинителство Зорица Павловиќ, на 1 декември 2020 година поднела обвнителен предлог до Основнот кривичен суд Скопје за неовластено прислушување и тонско снимање. Судот го прифатил обвинителниот предлог и покрај тоа што во ОЈО Скопје (26 март 2020 година) веќе бил оформен предмет, по основ на поднесената кривична пријава против директорот Зоран Ангеловски, кон која била приложена и „спорната“ снимка како доказ.
– Не постои ниту една судска пресуда, а ниту поведена судска постапка, барем јас не успеав да пронајдам во судската пракса во РСМ, во околните држави и во праксата на судот во Стразбур, како пример против некој што поднесол снимка како доказ во постапката за сторено кривично дело во кое тој бил жртва, да се поведе обвинение и судски спор за повреда на приватноста на сторителот на кривичното дело – вели професорот Јовчески.
Наспроти тоа, додава тој, постојат мноштво судски случаи во кои судот правилно го одредува и одмерува односот и судирот на преовладувачкиот општ интерес над приватноста на поединецот, на избраните и именувани државни службеници.
Ангеловски: Очекуваме судот објективно да ги оцени фактите и доказите
Директорот на ОТА Зоран Ангеловски вели дека судскиот процес кој се води против поранешниот вработен на ОТА Јован Јовчески е поведен од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, за дејствија кои Јовчески ги сторил како службено лице во вршење на службата, кога неовластено, без знаење и согласност на директорот на ОТА, во службени простории во безбедносна зона, направил снимки при водење на службен разговор за полугодишно оценување на Јован Јовчески, кое според правилата за оценување е од доверлива природа и истите ги пренел надвор од ОТА.
– Сознанијата за таквите дејствија, во ОТА беа примени со големо изненадување и жалење. Имајќи во предвид дека како директор се залагам за објективно, без закани, институционално и процедурално решавање на прашањата, беа преземени конкретни чекори за пријавување на настанот кај надлежните авторитети – вели Ангеловски.
Почитувајќи го начелото на пресумпција на невиност, додава Ангеловски, како едно од основните начела на кривичната постапка, која своја основа има и во член 13 од Уставот на Република Северна Македонија, конкретно предвидено во членот 2 од Законот за кривичната постапка, очекуваме судот објективно да ги оцени фактите и доказите и да донесе законски заснована пресуда.
– Исто така очекуваме и државните органи, средствата за јавно информирање и другите субјекти да се придржуваат до правилото за пресумција на невиност, внимавајќи со своите јавни изјави за постапката што е во тек да не ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност – вели Зоран Ангеловски, директорот на ОТА за Плусинфо
OTA е самостоен и независен државен орган што обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи за следење на комуникациите, во случаите кога со судска наредба е одобрено следење на комуникациите заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. Агенцијата беше формирана за да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или на операторите. Д-р Јовчески во ОТА беше од првиот ден, кога новата власт убедуваше дека „Големото уво“ оди во историјата. Подоцна, поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, обвини дека поранешната УБК, а сега Агенција за национална безбедност (АНБ), ја задржала техничката можност за следење на комуникациите и дека ги прекршува законите и препораките на експертскиот тим на Прибе. Тогаш ОТА ги негираше обвинувањата на Чулев и тврдеше дека единствено тие имаат посредничка улога за поврзување меѓу операторите и овластените органи.
Д-р Јован Јовчески е стручњак кој предавал на Академијата за судии и обвинители, на постдипломските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на Факултетот за безбедност, а потоа и на Американ колеџ. Јовчески зад себе има големо научно и практично искуство, повеќе од 12 научни трудови само за специјалните истражни мерки, повеќе од 50 домашни и меѓународни семинари и проекти како предавач и експерт од таа област. Тој е и еден од изготвувачите на Законот за следење на комуникациите, на Законот за кривичната постапка од 2010 година, како и на Прирачникот за судии и обвинители за спровдување на мерките за следење на комункциите од 2019 година. Неговото име како изготвувач стои и на две антикорупциски програми за органите за спроведување на законот во 2006 и 2011 година. Ваквото портфолио остава впечаток дека во случајов, не би можело да стане збор за „грешки во чекори“ на Јовчески, во обидот да пријави злоупотреби, со снимка како доказ, туку за судски предмет кој уште на својот почеток е оптоварен со сомнежи кои, ако не се расчистат во нашите судници, епилог ќе добијат во меѓународниот суд во Стразбур. Од друга страна, пак, според директорот на ОТА, зачудувачки е токму тоа што Јовчески е стручњак кој добро ги познава законите и не би смеело да стори неовластено снимање и во заштитената зона на Агенцијата.
– Мојот предмет во Основниот кривичен суд Скопје сведочи не само за прекршувањата на човековите права во една судска покана и постапка, туку и за состојбата во државата во однос на проблематиката на заштита на правата на граѓаните, на владеење на правото, кои се недозволиви во ниту една држава, а камоли во земја кандидат за членство во Европската Унија – вели професорот за Плусинфо.
Апсурдноста во случајов е тоа што некој се гони поради тоа што поднел доказ за сторено кривично дело до надлежните инстутуции, во својство на жртва на кривичното дело и истовремено во својство на овластено лице за прием на пријави од укажувачи. Тоа, како што вели професорот Јовчески, не успеал да го објасни во судницата, затоа што судијката не му дозволила.
Парадоксално е и тоа што професорот, кој со години предава и младите ги учи како да ги заштитат граѓанските права, од прва рака се соочува со неправда во македонските судски лавиринти, со блокади, со неоправдани одолжувања, со чекање, а не се исклучени и други влијанија. Зашто, како поинаку да се најде логично оправдување за постапката на судија кој кани обвинет на рочиште, спротивно на Уставот, на Законот за кривична постапка и на Европската конвенција за човекови права?
Токму поради вакво еклатанто прекршување на постапката, Јовчески бара од Основниот кривичен суд изземање на судијката Елена Јосифовиќ, поради, како што објаснува, постоење основани сомневања во непристрасноста на делителката на правдата.
– Основано се сомневам во непристрасноста на судечкиот судија Елена Јосифовиќ и барам да се изземе од постапката, бидеќи оправдано и разумно се сомневам дека веќе има оформена волја да донесе осудителна пресуда. Тоа би претставувало преседан во демократската повоена европска (и пошироко) јуриспруденција и реликт од некое дамнешно време на авторитарни системи, опишани во литературните опуси на познати писатели Вилијам Шекспир („Венецијански трговец“), Емил Зола („Афера Драјфус“), Франц Кафка („Процес“) и други – наведува Јовчески.
Јовчески: Од кафеана дознав дека сум обвинет
Тој на 31 декември 2020 година добил покана од Основниот кривичен суд Скопје да се јави во судот во врска со кривичен предмет во својство на обвинет.
– Во поканата немаше наведено за кое кривично дело се товарам, ниту кои докази се поднесени и без при тоа да биде приложен каков било обвинител акт или предлог во прилог на поканата, а ниту беше наведен идентитетот на судијата, сево ова спротивно на член 12 од Уставот на РСМ, член 5, член 70 и член 145 став 2 од Законот за кривичната постапка на РМ и член 6 од Европската Конвенција за човекови права. За причините заради кои ме повикуваше Основниот кривичен суд Скопје и за идентитетот на судијата (обвинителот веќе ми беше познат) дознав на многу невообичаен начин – вели д-р Јовчески.
Всушност, за идентитетот на судијата и за крвичното дело за кое се товари Јовчески дознал од негов познаник, гостин во една скопска кафеана, каде што седел директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, како и од еден вработен во Оперативно-техничката агенција.
– По новогодишните и божиќните празници, во два наврати и од различни лица, едниот вработен во ОТА, а другиот присутен гостин во ресторанот „Ла тараца“, ми беше пренесено дека Ангеловски, во пијана и еуфорична состојба, раскажувал дека „ме решил“ преку „негови играчи во обвинителството и судот“, односно „средил да бидам осуден за кривично дело неовластено прислушување и тонско снимање и дека дури имал обезбедено и „заштитен сведок“. Како што успеал да „ме реши“ во Државната Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, преку Даница Чадиева – раскажува Јовчески.
Откако го дознал идентитетот на судијата, на 15 јануари годинава професорот доставил до судијката Елена Јосифовиќ писмено барање да биде известен за кое кривично дело се товари и кои докази се приложени за тоа дело.
– Ја известив судијката за озборувањата од Зоран Ангеловски и дека на таков начин, всушност, сум дознал за нејзиниот идентитет како судечки судија и за кое кривично дело е покренато обвинение против мене. Бараниот обвинителен предлог судијката Елена Јосифовиќ ми го достави на 28 јануари 2021 година, односно еден ден пред закажаното рочиште на 29 јануари. Иако побарав обвинителниот предлог да ми биде доставен навремено, согласно член 476 став 3 од ЗКП, најмалку 8 дена пред закажанто рочиште, односно согласно универзалното законско право на одбрана на обвинетиот, обвинението да биде навремено доставено со цел обвинетиот да има разумно време за подготовка на својата одбрана – објаснува професорот.
И покрај прекршувањето на одредбите од ЗКП од страна на судијката која го оставила обвинетиот без основните информации за кои е обвинет и не му дала време да се подготви, судското рочиште се одржало на 29 јануари годинава. И тоа, како што дознаваме, било проследено со низа други прекршувања на процесното право, што е уште еден аргумент за Јовчески да бара изземање на судијката.
– Инаку, Зоран Ангеловски има доставено уште една кривична пријава против мене (по член 239 од КЗ, затајување), затоа што одбив да го вратам службниот телефон, во кој има докази и кој е приложен како носител на докази во постапката. За таа пријава од Ангеловски е денесено решение од ОЈО Скопје за отфрлање на обвинението, меѓутоа Обвинителството упорно не ме известува, информација ми ја доставија обвинители што ги познавам – вели Јовчески.
Скопското обвинителство со два аршина – еден за дадилката, друг за укажувачот
Во врска со доставувањето снимка како доказ до надлежен орган, дури и во нашата судска пракса има случаи на правилно толкување на постапката и на содржината на снимката, објаснува професорот по кривично материјално и процесно право Јовчевски. Првиот е од неодамна и се однесува на објавената снимка на социјалната мрежа YouTube, за манифестирано насилство на две непознати лица во градски автобус на ЈСП во Скопје од 8.01.2021 година, а вториот е објавената снимка, исто така на YouTube, за дадилката од 18.05.2015 година.
– Во двата наведени случаи, снимките беа јавно објавени на социјалната мрежа YouTube, за разлика од овој случај, каде снимката јас не сум ја обавил, туку сум ја доставил до надлежни институции во својство на жртва и во својство на овластено лице за прием на пријави од укажувачи. И покрај тоа што тие две снимки не биле доставени до надлежните институции за гонење на криминал, ОЈО Скопје, по допрен глас, правилно ги интерпретирало – општ интерес, односно неспорен доказ за сторено кривично дело кое се гони по службена должност – и поднело обвинителен акт против сторителите. При тоа, исправно, не се размислувало за тоа дали биле поднесени приватни тужби против лицата што снимале за повредена приватноста на сторителите на кривичните дела со тоа што било објавено видео во кое тие in flagranti вршат кривично дело и се снимени (аудио, видео) без нивна согласност. Во мојот случај е постапено поинаку – открива Јовчески уште еден аргумен на сомневањата во непристрасноста на судијката, за која бара изземање.
Судијката Јосифовиќ и обвинителката Зорица Павловиќ од ОЈО Скопје, според Јовчески, несомнено добро ги знаат двата случаи, пред се поради нивното објавување и популаризација во јавните пишани и електронски медиуми, а уште повеќе со оглед дека ОЈО Скопје беше подносител на обвиненијата, а Основниот кривичен суд Скопје беше надлежниот суд до кој беа доставени.
– И покрај тоа, судијката Елена Јосифовиќ и обвинителката Зорица Павловиќ постапуваат спротивно на законот (ЕКЧП, Законот за заштита на укажувачи, ЗКП, ЗЗЛП итн) и спротивно на досегашната пракса на ОЈО Скопје и Основниот кривичен суд Скопје, свесно и со намера во сосема погрешна насока ја толкуваат смислата и содржината на создадената снимка, па наместо да го штитат општиот интерес за откривање кривични дела, тие се ставиле на страната на сторителот на кривичното дело, ревносно штитејќи ја неговата приватност – вели Јовчески.