„ПАР РАСПАР“, „СЛЕПЦИ“ И „КАЗАБАЛКАН“ ВЕЧЕРВА НА „ЧЕРНОДРИНСКИ“ Фестивалот ги живее своите славни денови

Велешкиот театар синоќа ја изведе претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, како дел од официјалната програма. Одличен впечаток кај публиката остави и театарската минијатура „Вампири“ во режија на Милош Б. Андоновски, што беше дел од независната продукција.

226

Нa програмата на претпоследниот ден на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, на Театар Комедија закажана за 18 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Претставата е во режија на Нина Николиќ, а играат: Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димоски, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков.

Во 21 часот ќе следува „Слепци“ во режија на Кендрим Ријани, на сцената „105“. Во претставата од официјалната конкуренција, играат: Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радинчиќ и Един Јакуповиќ. По изведбата на претставите од официјалната конкуренција ќе следуваат тркалезни маси со тимовите на фестивалот.






Во 22 часот во гастробар „Монарка“ ќе следува „Казабалкан“ на Здружението за развој на театарската продукција „Оска“ од Скопје. Веднаш по изведбата ќе следуваат разговори на тркалезна маса. Во претставата, во режија на Дамјан Костовски, играат: Мирјана Трпковска Костовска, Владимир Петровиќ, Васко Костовски, Горан Ников, Марина Поп Панкова, Јана Вељановска, Христијан Поп-Симонов, Димитар Паскоски и Саша Димитриевска.

Велешкиот театар синоќа ја изведе претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, како дел од официјалната програма. Одличен впечаток кај публиката остави и театарската минијатура „Вампири“ во режија на Милош Б. Андоновски, што беше дел од независната продукција.

Тркалезни маси за две претстави од официјалната програма беа организирани вчера во фоајето на „Марко Цепенков“.

На интересен и креативен начин, подарувајќи им љубовно писмо на сите присутни на тркалезната маса на критиката за претставата „Парови“ од Драмскиот театар – Скопје, модераторот Милош Б. Андоновски, откри дека „негов пар е, односно дека се вљубил“ во скопската претстава поради повеќе причини, меѓу кои и поради тоа што текстот и режеијата се производ на македонски автори. Креативното отворање на тркалезната маса ги изненади актерската екипа и авторката на текстот Ана Ристоска Трпеноска.

Таа изрази задоволство што претставата ги допрела гледачите, а режисерката Ивана Ангеловска истакна дека им е благодарна на актерите, бидејќи претставата е сплет на сите енергии и светови.

Актерот Лазар Христов рече дека претставата е без сценографија, без костими, реквизити и дека успеале да ја испровоцираат публиката.

– Претставата започнува со пет раскинувања на врски и тоа е лабавиот дел, прекрасен апсурд и коментар на животот – рече Христов.

Веднаш по екипата на „Парови“, настапија и актерите од претставата „Бура“ на Прилепскиот театар. Тие прв пат ја изведоа претставата не на својата матична сцена, ами во Центарот за култура. Го нагласија стравот од прилагодувањето на сцената, потребата од местење сценографија за неполни два часа и измените кои биле направени поради техничките околности.

На прашањето од модераторот Александар Војнески, зошто „Бура“ и Шекспир и за соработката со режисерот Џон Блондел, експлицитно објаснување даде драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиовска, која рече дека го користела преводот на Шекспир од Драги Михајловски.

– Сите признанија за текстот му ги давам на режисерот. Генијално е скратен, фрапирана бев, како ги одбира пресвртните моменти. Признавам дека најмногу во овие 10 години научив од Џон Блондел. Оптимално „Бура“ би можела да трае 12 часа – рече Лидија М. Ѓорѓиовска.

Дека „Бура“ е текст кој е актуелен напомена актерката Ангела Наумоска.

– Текстот е за двајца браќа, за две институции, две фигури, за желбата за превласт, да се згази другиот. Мене клучен момент ми беше помирувањето, односно простувањето наместо одмаздата. Секое време носи бура со себе – рече Наумоска.

Симпатичната театарска минијатура „Вампири“ во режија на Милош Б. Андоновски ја одушеви прилепската публика во киното „Мис Стон“. Во претставата од независната продукција настапија актерките: Ангела Стојановска, Филарета Атанасовска и Марина Поп Панкова.

Поврзани содржини