ПАПАТА „ВЕЛИЧАШЕ“ РУСКИ ЦАРЕВИ Ватикан вели дека Франциско не мислел да го каже тоа така
Откако го прочита својот говор во петокот папата им кажал на младите Руси да имаат на ум дека се наследници на цареви како Петар Први и Катарина Втора.
Папата Франциско во минатонеделниот говор не планирал да го величи рускиот империјализам кога се повикувал на царевите кои го прошириле Руското Царство, соопшти денеска Ватикан откако Украина ги критикуваше неговите изјави, пренесува Ројтерс.
Од другата страна на Европа, Кремљ изрази задоволство од зборовите на Папата.
Откако го прочита својот говор во петокот папата им кажал на младите Руси да имаат на ум дека се наследници на цареви како Петар Први и Катарина Втора. Двајцата монарси го прошириле руското царство во 17. и 18. век, меѓу другото, освојувајќи делови од Украина, а претседателот Владимир Путин се повикал на нивното наследство оправдувајќи ја својата инвазија и анексијата на украинските територии.
„Папата планираше да ги поттикне младите луѓе да го чуваат сето тоа што е позитивно во големото руско и културно и духовно наследство, а никако да ја величи империјалистичката логика и владејачките лица кои ги спомна за да укаже на некои историски референтни периоди“, рекол портпаролот на Ватикан Матео Бруни во соопштение.
Со реакција за зборовите на папата се јави и Киев. Оттаму велат дека „за длабоко жалење“ е видеообраќањето до католичката младина во Санкт Петербург.
За Кремљ зборовите на папата се „многу задоволувачки“.
– Тоа што руската држава, активистичките групи, училишните и универзитетските професори сега го работат е пренесување на тоа наследство на нашата младина. Фактот дека Папата звучи во склад со тие напори е многу задоволувачки – рекол Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ.