ПАПАТА СЕ ЗБУНИ Го цитираше Путин, а мислеше дека ја цитира Меркел
Неопходно е да се запре неодговорната политика на наметнување сопствени вредности на другите и да се обиде да се изгради демократија во други земји, рече папата Франциск, мислејќи дека ја цитира Меркел.
Папата Франциск го критикуваше вклучувањето на Западот во неодамнешните настани кои се случуваа во Авганистан како обид надворешен фактор да наметне демократија. Интересното е во тоа што тој го цитираше рускиот претседател Владимир Путин, а мислеше дека ја цитира германската канцеларка Ангела Меркел.
За време на разговорот со шпанските медиуми, папата беше прашан за новата политичка карта која се формира во Авганистан по повлекувањето на САД и нивните сојузници, по војна од 20 години.
Римокатоличкиот водач изјави дека одговорот на ова прашање ќе го даде со цитат од германската канцеларка, која ја опиша како една од најголемите политички фигури.
– Неопходно е да се запре неодговорната политика на наметнување сопствени вредности на другите и да се обиде да се изгради демократија во други земји врз основа на надворешни модели, притоа не земајќи ги предвид историските, етничките и верските прашања и целосно игнорирање на традицијата на луѓето – нагласи папата.
Сепак, ова се зборови кои ги кажа рускиот лидер, Владимир Путин, за време на престојот на Меркел во Москва.
За време на состанокот на 20 август, Путин го критикуваше Западот поради Авганистан, велејќи дека брзиот напредок на Талибанците покажал дека се залудни обидите да ја наметнат својата демократија.