Папата Франциск ќе оди на итна операција на стомакот денеска во римската болница „Џемели“, соопшти Ватикан.
Лекарскиот тим заклучил дека операцијата е потребна и се очекува папата да остане во болница неколку дена.
„Операцијата на стомачниот ѕид ќе се изведе под целосна анестезија“, објави Ватикан.
Папата вчера бил на 40-минутен преглед во истата болница. Тој беше опериран и пред две години, кога му беше отстранет дел од дебелото црево поради болна состојба наречена дивертикулитис. Оваа состојба пред извесно време му се вратила.
Папата се мачи и со постојани болки во коленото, но лани рече дека не сака да се оперира зашто имал непријатни несакани ефекти од анестезијата по операцијата на дебелото црево.