ПАНОВСКИ ЗА МАТЕМАТИКАТА НА ЗАЕВ Тешко нас од одлуките на премиерот, Цаци нека му каже колку е 10% !
Тешко нас кога премиерот мисли дека вакцинираните десет пати помалку оболуваат отколку што пријавува Министерството за здравство и врз основа на тоа донесува одлуки, реагира д-р Пановски.
Професорот Никола Пановски вечерва на социјаните мрежи ја анализира тезата за вакцинираните и прележаните од ковид-19 што ја образложи премиерот Зоран Заев во интервју попладнево на Сител.
„Го гледам премиерот Заев на Сител. Вели, „само 10% од позитивните се потполно вакцинирани, тоа е 0,017% од сите вакцинирани. Од 7.700 активни случаи 10% се само 77 лица”. Ете, тој мисли дека само 77 лица се заразиле од вакцинираните. Нема кој да му каже, па и „Цаци” дека 10% од 7.700 е 770. Крај на муабетот. Потоа оди тезата вакцинираните се позаштитени од прележаните итн. Кога ќе најде 770 прележани од 7.700 активни да ми пише, нема да најде ни 77 прележани по неговата пресметка на проценти. Тешко нас кога премиерот мисли дека вакцинираните десет пати помалку оболуваат отколку што пријавува Министерството за здравство и врз основа на тоа донесува одлуки“, реагира д-р Пановски.
Тој ја коментира и владината мерка за прележаните од корона:
„Со документ за прележаност која се случила не порано од 9 месеци, Швајцарија го промени на 12 месеци, можете да патувате во ЕУ без вакцинација, кај нас во кафиќ на тераса не смееш да влезеш ако минале 45 дена!!! Носењето маска на планина и на нива не била толку глупава мерка, секогаш може поглупаво!!!“, вели д-р Пановски.