Ако немаме барем до 20 новозаразени на дневна основа, ни во август нема да ги исполниме условите и параметрите за патувања во ЕУ, изјави докторот Никола Пановски за емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Тој предупреди дека не треба луѓето да се враќаат во затворен простор.
– Слушнавме и од нобеловецот Монтање дека вирусот е лабораториски дека сам ќе се уништи за два месеци, но од тогаш пројдоа повеќе од два месеци. Многу други експерти дадоа лоши прогнози. Сепак мал модел е Бергамо, каде што немаат ниеден случај на заболен, каде што докторите велат дека нема тешки случаи и каде што 45 проценти од населението имаат антитела, и тие што прележале и тие што биле во контакт – вели Пановски.
Тој вели дека тие што користат јавен превоз, здравствените работници и младите деца можат да ја донесат болеста и тоа ширење може да се случи.
Пановски рече дека мали бројки на новозаразени, како што имавме кон крајот на април кога имаше околу 20 позитивни, може да се очекуваат за една година, односно април другата година.
– Ова ќе трае, но се надеваме дневниот биланс ќе продолжи да биде 100 заразени со 100 излечени, како што имавме деновиве. Ако ги почитуваме мерките и продолжат овие бројки како досега, мало намалување на новозаразените може да се очекуваат во месец август – вели Пановски.
Тој дополни дека после изборите очекува казните за групирањата да бидат драконски.