ПАНИКА ВО СКОПЈЕ И ВО КУМАНОВО Дојави за бомби ги затворија училиштата

Електронски дојави за бомби вечерва во Скопје и во Куманово, полицијата брзо интервенираше во училиштата.

546

Во неколку основни училишта во Скопје и Куманово вечерва на електронските адреси пристигнале пораки за наводно поставени експлозивни направи, информира МВР. Полицијата веднаш изврши проверки, а учениците се безбедно евакуирани.

„Денеска (28.10.2025) околу 18:00 часот во СВР Скопје и СВР Куманово пријавено е дека на е-адресите во неколку основни училишта пристигнале пораки за поставени експлозивни направи. Во тек се проверки од страна на полициски службеници“, информираат од МВР.






Според извештаите, во Скопје по дојавите во училишта во Општина Аеродром беа прекинати сите попладневни активности, а учениците безбедно испратени дома. Од Секторот за образование во Куманово потврдуваат дека дојавите биле примени нешто после 17 часот, а полицијата веднаш интервенирала.

– Дојавата за бомби е испратена по електронски пат. Од училиштата повикале полиција која мошне бргу пристигнала, учениците безбедно се евакуирани. Останува на службите да ја проверат состојбата – изјави раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Случајот продолжува да се истражува, а МВР апелира до граѓаните да останат смирени и да ги следат упатствата од надлежните служби.

Поврзани содржини