Паника во паркот на корупцијата

Не знам кои американски служби, и како, ги бирале „зависниците“ и колку ги плаќале, но барем кај нас се покажува дека нивната работа главно била јалова. Премолчувањето на скандалозните промашувања на сенилниот Бајден и неговата администрација, глупостите на Камала Харис во изборната кампања и многу други, не придонесоа воопшто во подобрувањето на имиџот на САД кај нас.

2,160

Ако некому ваквиот наслов му заличи на насловот на филмот на Џери Шацберг „The Panic in Needle Park“ (1971), кај нас преведен како „Паника во паркот на дрогата“, ќе биде во право. Ако пак во спомнатиот филм зависноста на главните ликови – Ал Пачино како Боби и Кити Вин како Хелен – беше хероинот, во локалниот македонски парк има многу повеќе ликови а главната зависност е – доларот. И како што кај хероинските „зависници“ при недостаток на дрогата завладува паника и добиваат напади, така сега, после Трамповиот ненадеен прекин на финансискиот „дотур“, и кај македонските доларски „зависници“  се случуваат слични нешта. Најавите за укинување на тој редовен годишен прилив на зелена валута и одработувањето за истата – кој за што бил најмен и платен! – го разбранува македонскиот коруптивен пазар и многумина ќе ги остави „на суво“, ќе ги примора полека да се „симнуваат“ од зависноста, или пак да бараат нови газди со извори на свежа валута.

И ако најавите се покажат точни – зашто има некои нови толкувања на таа извршна наредба – сега можеби ќе разбереме и колкав бил опфатот на таа коруптивна мрежа под маската на помош за секакви бесмислени нешта коишто некој ги смета(л) за американски интерес. И не му пречел фактот што тие бесмислици всушност значат директен „мек“ поткуп – но под „софистицирано“ осмислени толкувања! – на цела една лепеза корисници односно на јавни личности и организации – политичари, новинари, професори, колумнисти, фактчекери, невладини организации и др. – чијашто „активност“ била специфично управувана и насочувана кон одредени цели. Со помош на доларот, се разбира.






Или, како што тоа обично се случува кај нас, целиот процес, преку општ молк и нетранспарентност, ќе се маскира заради заштита на корумпираните. Но тоа сепак ќе биде тешко остварливо затоа што „корисниците“ на оваа доларска „помош“ речиси автоматски ќе престанат со активностите по прекинувањето на финансискиот прилив. Или ќе се завртат на друга страна барајќи нови газди. Зашто, ако се доволно неморални да одработуваат такви нешта, не се толку луди да работат џабе, нели?! И кога полека ќе се затвораат невладини канцеларии, ќе се укинуваат емисии а можеби и медиуми, некои шушумиги ќе престанат да се појавуваат на малите екрани и по порталите, а довчерашните доларски „зависници“ ќе започнат хајка против довчерашниот газда…,  тогаш ќе знаеме кој сѐ бил на американските платни списоци, нели?!

Сепак, повторно, оставам резерва дека некои од највлијателните „зависници“ ќе бидат заштитени на некој начин. Прво од македонската власт, како што впрочем никогаш не ги разбравме, ниту пак некој покажа интерес за тоа, имињата на корисниците на оној претенциозно смешно именуван Фонд за спречување на руско влијание, исто така од властите во САД, а којшто потрошил во Македонија околу 67,5 милиони долари во периодот од 2017-2021 година. Дури и тогашната опозиција – сега власт – ги премолча тие пари, не поставуваше никакви незгодни прашања во јавноста или не дај боже во Собранието, како сето тоа да е нормално една странска држава, па нека е и „стратешки“ партнер, да може така слободно да поткупува поединци, медиуми, партии, невладини организации… за свои цели. Дали сето тоа се одвиваше баш така заради тоа што некои од „зависниците“ од тој Фонд беше од нивните редови? Не знаеме, иако не станува збор баш за мал износ. Но штом и тогашната и сегашната власт молчат… Иако обете ветуваа транспарентност во работењето.

Дали и сега ќе го гледаме истиот „филм“? Не сакам да предвидувам, но во јавноста полека излегуваат некои имиња. Колку се точни тие приказни – ќе видиме. Но некој во државава мора да знае каде оделе американските пари годиниве, тоа не можело да биде којзнае колку тајна операција. Или надлежните македонски служби не си ја сработиле работата? Или пак молчат, што ќе рече дека повторно важни нешта се премолчуваат или некој, некогаш ќе ги користи за други цели?

Но, од друга страна, овој потег на новиот американски претседател веројатно нема за цел само заштеда на огромни пари што се одлевале од американските даночни обврзници за мито и корупција, туку конечно некој таму увидел дека од тоа немале којзнае каква полза. Барем во Македонија, Не знам кои американски служби, и како, ги бирале „зависниците“ и колку ги плаќале, но барем кај нас се покажува дека нивната работа главно била јалова. Премолчувањето на скандалозните промашувања на сенилниот Бајден и неговата администрација, глупостите на Камала Харис во изборната кампања и многу други, не придонесоа воопшто во подобрувањето на имиџот на САД кај нас.

Но затоа сега сведочиме на некаков бесмислен одмазнички процес на македонскиве „мудреци“ кои почнаа отворено да плукаат по Трамп уште неседнат во Овалната соба. Го нарекуваа(т) секако, сега дури и „ментално неизбалансиран“! Просто неверојатно е таквото салто мортале во поддршката на локалциве на политиките на „стратешкиот партнер“ само зааради фактот што Трамп е републиканец а не заспан демократ. И тоа не е само фронтален напад врз новиот претседател туку сега на тапет се извлекуваат и минатите политики на Америка – „Америка можеше сѐ, ама не сакаше да стори ништо за нас“!? – па и актуелните македонски врски со САД. И што всушност треба да значи сегашното пелтечење дека новата власт била фасцинирана од милијардерите во САД, а Вашингтон – како што проповеда еден чаршиски „мудрец“ – сега да ти бил полн со „силен евроскептицизам, популизам и национализам“? Истите фолиранти, кои до вчера се крстеа во таа САД и излапениот Бајден па во секоја реченица петпати го повторуваа значењето на стратешкото партнерство со Америка, сега наводно се чудат што тоа ние „бараме во нивно друштво“, па дури сме требале и „да оладиме малку“! Па зарем  затворањето на топлата доларска вода од таа Америка има такво дејство и така бргу ги излади нивните чувства кон неа?

Но, како што се развива актуелната меѓународна „политика“, неволите на „зависниците“ од странската „помош“ може да се мултиплицираат. Нема воопшто да биде чудно ако поделената и понижената еу (малите букви се… знаете веќе што) и она нејзино полуписмено раководство бргу  започне да ги следи потезите на Трамп и полека и таа да ги затвора славините на т.н. економска помош, низ којашто се провираат исти или слични „принципи“ на поткуп на одделни поединци, групи, партии, невладини организации. Каква ли тогаш масовна паника ќе завладее во Македонија?

Но, што е најинтересно, токму овие две „сили“ – САД и еу – во сите нивни годишни извештаи за Македонија, на прво место ги ставаат проблемите со владеењето на правото, криминалот и корупцијата. Ако пак нивните „механизми“, познати и непознати, псеудоекономски и квазиодбрамбени, со години овде спроведуваат екстремни форми на поткуп/корупција на сите нивои, зарем тогаш е чудно што таа фатила таков корен кај нас. И кој и како да се бои против неа кога токму тие ги корумпираат врвот на државата, администрацијата, партиите, „пајтон интелигенцијата“…, па и судството, ако баш сакате?

 

извор: теодосиевскиуметност

Поврзани содржини