Паника во Белград и во Приштина, Фрчкоски за посредник, Заев на резервната клупа!

Корупцијата на елитите од периодот пред и после 2001 година, во Заевото „опшесво за сите“ прерасна во корупција на широките народни маси. И ако има вистина во една Фрчкова шега, така и сега се одржува меѓуетничкиот мир во Македонија.

8,080

Еве, веќе втор ден си се смеам на веста дека премиерот Димитар Ковачевски во Њујорк го понудил амбасадорот Љубомир Фрчкоски за посредник на Обединетите нации, да им помогнел на Косово и на Србија да го решат спорот.

Прво помислив дека веста е лажна. Или можеби сатирична. Ако е таква некаква, камен од срце ќе ми падне.






Потоа си реков, можеби премиерот бил практичен и штедлив, согласно со новата мода што ја наметна глобалнава ситуација. Фрчкоски дреме во Њујорк без работа и редно е да му се најде некаква забава.

Ама, изгледа не било така…

Легендата вели дека Ковачевски таму во Њујорк кажал дека ние сме биле шампиони на Балканот за мирно решавање спорови. „Може да го прашате и нашиот амбасадор во ООН (Фрчкоски), кој е тука во публиката, тој учествуваше во правењето на мировното решение пред 20 години, кога имавме конфликт“, гласи цитатот на исказот на нашиот премиер, што го пренесуваат медиумите.

Што ќе рече, Ковачевски мислел сериозно. Ако навистина рекол така. А досега не одрекол.

Добро, нема да го критикуваме премиерот. Не за толку неважни нешта и персони. Ваму храна струја муја проблем, нема сега ние за Фрчко да се караме. Барем не озбилно…

Освен тоа, Ковачевски уште е неопитен во премиерските работи. И ако мене ме прашате, тоа не му е маана, туку предност. Но сепак, треба да научи некои важни нешта, пред да дава вакви изјави.

На пример, треба да научи дека човек што не добил агреман од американската администрација да стане амбасадор во Вашингтон не може ни да помисли да плетка нешто околу Косово, а камоли да биде некаков посредник или миротворец. Не бива таа работа. Американците имаат посебен стратешки однос кон Косово и има дебели причини зошто е тоа така. Косово е само за „тешкаши“ во дипломатијата, а Фрчкоски не е заведен во ниту една позната категорија и лига.

Нашиот премиер е млад и треба да се потсети и на настаните што му претходеа на конфликтот во 2001 година. Луцидниот Џевдет Хајредини ја фатил таа логичка грешка во неговата изјава – да бевме шампиони по мирно решавање на споровите, немаше да ни се случи војната во 2001 година.

Кога сме кај фактите… Точно е дека Фрчкоски е дел од екипата што го скицираше Охридскиот договор. Но, уште поточно е дека тој беше министер за внатрешни и за надворешни работи во владите од 1991 до 1997 година, одговорни за продлабочување на кризата во меѓуетничките односи, што кулминираше со војната во 2001 година.

Во зенитот на својата моќ, Фрчкоски меѓу пријателите се шегуваше и велеше дека корупцијата е клучен фактор на меѓуетничката стабилност во Македонија. Сите кисело се смеевме на таа негова шега. И не ни текнуваше дека во секоја шега има половина вистина. Во оваа позната Фрчкова дефиниција, за жал, имаше многу повеќе од половина вистина.

А нема ништо шампионско во настаните од 2001 година. Една корумпирана елита мораше да замине од политичката сцена и да дојде до промена на номенклатурата. Тоа бидна со калашникови. За фалење ли е?

Својата политичка кариера спомнатиот Фрчкоски ја заврши неславно. За прв пат се обиде да биде избран од народот на претседателските избори во 2009 година. Катастрофално загуби од Ѓорге Иванов. Во првиот круг освои нешто повеќе од 200.000 гласови. За споредба, Имер Селмани и Љубе Бошковски освоија безмалку по 150.000 гласови секој. Ете, така народот ја измери политичката тежина на „шампионот“ Фрчкоски. Прв и последен пат.

Ако веќе сериозно сакаме на ООН да им понудиме вистински шампион за мирно решавање на кризите, му предлагам на Ковачевски да го номинира Зоран Заев. Несудениот нобеловец Зоран Заев.

Корупцијата на елитите од периодот пред и после 2001 година, во Заевото „опшесво за сите“ прерасна во корупција на широките народни маси. И ако има вистина во онаа шега на Фрчкоски, така и сега се одржува меѓуетничкиот мир во Македонија.

Освен тоа, кај може Фрчковата декаденција со Заевите оџагорени очиња под веѓите поткренати, со она негово руче на срцето, со онаа негова ѓаволеста насмевка, со онаа искреност кога ќе рече „море мамето негово ќе му го…“?

И затоа, апелирам – не Фрчкоски, туку Заев за посредник меѓу Белград и Приштина!

А може бе и двајцата заедно.

Цррррп!

Па да видимо чија мајка црну вуну преде…

Поврзани содржини