ПАНИКА НА БАЗЕН ВО ОХРИДСКИ ХОТЕЛ Четири лица завршија во болница поради хлор
Технички дефект во системот за циркулација на водата предизвикал силна пареа и кашлица кај гости на хотелски базен.
Четири лица биле пренесени во Општата болница во Охрид откако на базен во хотел во градот се почувствувал силен и продорен мирис на хлор, придружен со зголемена пареа.
Инцидентот бил пријавен во СВР Охрид на 19 јануари околу 17:30 часот. Според првичните информации, лицата кои се затекнале во просторот добиле силна кашлица, по што била побарана лекарска помош.
Повредените биле задржани на болничко лекување, но, како што информираат надлежните, тие се надвор од животна опасност.
По преземените проверки било утврдено дека станува збор за технички проблем во системот за циркулација на водата на базенот. Овластена фирма интервенирала и го заменила неисправниот дел од системот, со што состојбата била ставена под контрола.
Надлежните служби најавија дека продолжуваат мерките за целосно расчистување и документирање на настанот, по што ќе следува соодветна пријава.