Пандев со многу емоции до Ангеловски: Шефе, благодарам е малку да ти кажам, направи да се сакаме како браќа и да гинеме еден за друг (ФОТО)
Прв пат кога се сретнавме во вашите очи видов енергија, сигурност и голема желба да ја вратиш репрезентацијата во живот - стои во пораката на Пандев до селекторот.
Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, кој се прости од националниот дрес после две децении, на социјалната мрежа Инстаграм се збогуваше од својот досегашен шеф Игор Ангеловски, кој го врати во репрезентацијата пред шест години, по речиси двегодишната пауза на Пандев од националниот тим.
Селекторот Ангеловски во Џенова успеа да го убеди Пандев да се врати во македонската репрезентација, а потоа почна искачувањето на националниот тим, кој беше заглавен до 162-то место, па летово дебитиравме на Европското првенство.
Ангеловски заминува од функцијата селектор, зашто му завршува договорот, а Пандев оди во репрезентативна пензија после 122 меча и 38 гола за Македонија, па капитенот сега јавно му се заблагодари на својот кормилар, посочувајќи дека е најзаслужен за семејната атмосфера во соблекувалната.
– Прв пат кога се сретнавме во вашите очи видов енергија, сигурност и голема желба да ја вратиш репрезентацијата во живот. Ги памтам твоите зборови кога ми рече дека ќе направите од репрезентацијата една голема фамилија и дека вашата цел е Македонија да се пласира на европско првенство. Сите овие години не беше лесно, имаше и многу препреки, но ти гордо ја чуваше нашата фамилија. Шефе, благодарам е малку да ти кажам, Вие го сплотивте цел македонски народ, направивте да се сакаме како браќа во репрезентација и да гинеме еден за друг. Затоа, сакам да ти кажам дека вечно ќе останеш во моето срце – напиша Горан Пандев во пораката селекторот Игор Ангеловски.
View this post on Instagram