Пандев и Ангеловски добија благодарници од АМС за постигнатиот успех
Агенцијата за млади и спорт да организираше прием на Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски поради историскиот пласман на нашата фудбалска репрезентација на европското првенство.
Историскиот пласман на европското првенство на нашата фудбалска репрезентација, како и долгогодишните успешни настапи на еден од најголемите фудбалски легенди беа повод Агенцијата за млади и спорт да организираше прием на Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски.
На приемот беа искажани импресиите од историскиот настап на нашата репрезентација на Европското првенство.
– Европското е голем успех за секоја репрезентација, особена за нашата. И покрај големите остварувања во мојата долгогодишна фудбалска кариера, за мене настапот на европско првенство со мојата репрезентација е моментот кој го чекав сите овие години – истакна Пандев.
Селекторот Ангеловски истакна дека имал огромна чест да биде прв селектор-предводник на репрезентација која настапува на едно големо натпреварување како што е европското првенство.
– Тимот докажа дека кога има слога, има и успех. Безразлика кој од каде доаѓа нашите репрезентативци докажаа дека сплотеноста на тимот е предуслов за тоа што го постигнавме. Покажавме дека сме мала земја со големо срце – истакна Ангеловски.
Директорот Мојсовски им се заблагодари и им додели благодарници за досегашните успеси и за сите позитивни емоции кои ги предизвикаа кај целокупната нација.
– Јас доаѓам од спортот и знам како треба да се вреднува спортскиот дух. Мојата цел како директор на Агенција за млади и спорт и на секој еден кој бил дел од спортот да го добие тоа што го заслужува, а за тоа потребна е добра организација, тимска работа и пред сѐ чесна трудољубива работа и на самите спортисти, како и на клубовите и федерациите кои ги поддржуваат. Најдобар пример за тоа се капитенот Пандев и селекторот Ангеловски – изјави Мојсовски.