Пандемијата безмилосно удира на психата, пациентите во постојан страв од повторување на болеста
Анксиозноста и депресијата е очекувана појава кај ковид-пациентите, но читањето добра книга и слушањето релаксирачка музика секогаш помага. Најлошо е правењето слики во главата за најстрашните сценарија што би можеле да ни се случат. Тоа никаде не води, вели за Плусинфо психологот Катина Павловска.
Постојан страв, депресија, панични напади, нервоза, несоница. Ова се само дел од непријатностите и последиците со коишто се соочуваат пациентите од земјава кои се позитивни на ковид-19, но и оние кои веќе целосно ја победиле болеста.
На Фејсбук групата „Ковид-19 искуства и совети“, каде што секојдневно се објавуваат нови информации поврзани со пандемијата, а им се делат и совети на заболените луѓе со цел полесно да ја надминат болеста, деновиве беше поставено прашањето „Какво е вашето психичко здравје, дали имате панични напади и депресија како последица на вирусот?“.
Постојан страв
Голем дел од членовите напишаа дека и покрај тоа што веќе ја победиле болеста, сепак тие сè уште живеат во постојан страв дека нешто лошо ќе им се случи. Оние, пак, кои во моментов се борат со вирусот истакнаа дека страдаат од несоница и депресија.
„И после 7 месеци јас сум во хаос. Нокт да ме заболи, мислам корона е. Е, до толку се чувствувам лошо“, напиша Душица Ј.
Извесна Јасмина, пак, посочи дека несоницата ѝ е најголемата другарка.
„Најстрашна е психата, таа никако не можеш да ја средиш. Многу е тешко, многу голем стрес. А несоницата е постојана и таа ми е најголемата другарка“, раскажа Јасмина Д.
Друга членка наведе дека за скоро време ќе излезе од изолација, но дека се плаши од повторување на болеста.
„За два дена излегувам од изолација и се мислам како ќе излезам надвор и како ќе одам на работа, а најмногу се плашам да не се повтори болеста. Бев на домашно лекување, ама сепак не поминав баш лесно“, напиша Катерина Н.
Слично искуство дели и Анита С., која посочува дека честопати ѝ доаѓа да плаче.
„Многу голем страв чувствувам. Што ако повторно се заразам? И одвреме-навреме се чувствувам како повторно да ме фаќа болеста. И многу пати ми доаѓа да плачам и си плачам“, раскажува таа.
Извесна Васе, пак, објаснува дека чувствувала голем страв поради тоа што е дијабетичар и има вишок килограми, но дека го криела стравот од своите деца за да не се грижат.
„Поминав со домашно лекување, ама не баш лесно. Најтешко ми падна тоа што син ми, кој има 16 години, многу беше исплашен за мене затоа што сум дијабетичар, имам вишок килограми, висок притисок, а цело време се зборува дека тие групи на луѓе се најризични. Па морав да бидам силна за да не приметуваат децата дека стварно ми е страв да не ми се влоши состојбата. Сега веќе еден месец по првите симптоми чувствувам само замор ако работам некоја потешка работа, а психички ми пречи целата ситуација со носењето маски, одржувањето дистанца, нема дружење, нема гушкање“, раскажува Васе Т.
„Нов човек“
Од друга страна, можат да се прочитаат и коментари од луѓе кои не чувствуваат никаква психичка слабост, туку напротив, како што велат, болеста ги направила посилни луѓе.
„Само почнав повеќе да го сакам животот. И нормално, да се придржувам до мерките за заштита од ширење на ковид-19, бидејќи не се придржував пред да се заразам“, искрена е Елена Д.
Скопјанката Марија С., пак, вели дека вирусот ја направил подобра личност.
„Дури мислам дека вирусов ме направи подобра личност. Шала на страна, мислете позитивно, секоја болест се победува со храброст, упорност и со добри мисли. Чувајте се и бидете добри“, напиша таа.
Сличен став има и Јованка Д., која вели дека болеста ѝ помогнала за да сфати дека треба да му се радува на животот.
„Токму искуството со коронавирусот ме направи повеќе да му се радувам на животот, да работам повеќе на себеси, да читам, да пишувам поезија, книга, да реновирам и да украсувам по дома, да слушам релаксирачка музика и ред други нешто што ме прават среќна“, раскажа Јованка.
Дека рационалноста е многу важна во целото ова лудило објаснува Елена П.
„Држете се, верувам дека сте поминале низ пеколот. Животот оди понатаму и којзнае уште низ какви искушенија ќе нè одведе. Штета е во секоја смисла, физички и психички, е да се држиме до нешто кое поминало. Има многу позначајни работи кои вредат за да се гледа напред. Бидете добри, главата горе.
Гледам паничари помеѓу тие кои поминуваат асимптоматски или лесно, нема потреба од паника. Факт е дека процентот на тешките случаи не е голем. Придржувајте се до советите од докторите и сѐ ќе биде во ред. Секој организам е различен. На крајот на краиштата ќе го прележите лесно, другите кои не прележале се постојано во неизвесност. Рационалноста е многу битна во лудилово“, напиша Елена.
Исфрлете ги лошите мисли
Психолологот Катина Павловска во изјава за Плусинфо вели дека на Клиниката за психијатрија има отворено телефонски линии за луѓето коишто психолошки страдаат поради ситуацијата поврзана со ковид-19.
– Без разлика дали станува збор за лични страдања или за состојби поврзани со членовите на семејството, луѓето во било кое време можат да се јават на телефонскиот број и да побараат стручна помош и советување. Од друга страна, секој човек кој чувствува некакви последици од пандемијата треба да си пронајде начин како квалитетно да си го пополни времето. Анксиозноста и депресијата е очекувана појава кај ковид-пациентите, но читањето добра книга и слушањето релаксирачка музика секогаш помага. Најлошо е правењето слики во главата за најстрашните сценарија што би можеле да ни се случат. Тоа никаде не води. Потребно е да останеме со добра мисла дека болеста ќе помине и постојано да бидеме во контакт со матичните лекари, а при најмала промена на здравјето, веднаш да бараме помош од стручно лице и консултација – објаснува Павловска.
Во врска телефонските линии на Клинката за психијатрија, таму може да побара помош секој човек кој чувствува потреба да разговара со стручно лице.
- Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст – 072/912-676
- Психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација – 072/919-009
Психички проблем кај секој петти ковид-пациент
Научниците од Центарот за биомедицинско истражување на Оксфорд открија дека секој петти пациент може да развие проблеми со менталното здравје како последица на болеста. Особено изолацијата може да доведе до нарушувања како анксиозност, депресии и несоница. Научниците ги објавија своите наоди во стручниот магазин „Лансет психијатрија“.
За обемната студија спроведена заедно со здравствената мрежа „ТриНеткс“ биле анализирани речиси 70 милиони анонимизирани електронски досиеа на пациенти во САД. Меѓу нив биле и 62.000 ковид-пациенти со лесни симптоми. Се испитувало дали овие пациенти развиле психички проблеми во периодот од две недели до три месеци по дијагнозата.
Според студијата, кај 18,1 отсто од ковид-пациентите во анализираниот период е дијагностицирано психичко заболување, што значи кај секој петти заболен пациент. Кај 5,8 отсто од анализираните за првпат се дијагностицира психичко заболување.