ПАНЧЕВСКИ ДИСКВАЛИФИКУВАН, СИТЕ ДРУГИ ДОБИЈА ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ Советот на јавни обвинители ги оцени кандидатите за државен јавен обвинител
Советот на јавни обвинители оцени дека обвинителките Анита Тополова Исајловска и Лидија Раичевиќ имаат долгогодишно искуство и интегритет, а Панчевски не ги исполнува условите.
Советот на јавни обвинители на денешната седница го дисквалификуваше поранешниот кривичен судија Владимир Панчевски од трката за државен јавен обвинител и неговата кандидатура не ја стави на гласање и нема да даде мислење.
Советот на обвинителите утврди дека тој ги има потребните години на стаж, но тој не е непрекинат.
– Согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија, ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот – рече членот на Советот Маријана Илиеска.
Со оглед на наведеното, Советот смета дека кандидатот не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа.
Кандидатката Анита Тополова Исајловска, која моментно е в.д државен јавен обвинител, доби позитивно мислење од Советот. Членовите посочија дека се работи за обвинител со долгогодишно
искуство, дека поседува углед, морални вредности и менаџерски квалитети. Сите членови гласа таа да добие позитивно мислење.
За обвинителката Лидија Раичевиќ членовите на Советот, исто така, посочија дека е обвинител со интегритет и долгогодишно искуство и работела на многу тешки предмети. И Раичевиќ доби
позитивно мислење.
Едногласна поддршка доби и обвинителката Ленче Ристовска, за која 10 членови на Советот гласаа „за“, односно дадоа позитивно мислење.
Позитивна оценка од сите 10 членови доби и судијата од Кривичен суд Скопје, Ненад Савевски.
Изборот на државен обвинител следува по оставката на обвинителот Љупчо Коцевски.