ПАЛИ-ГАСИ НЕ Е ДОМАЌИНСКО МЕНАЏИРАЊЕ СО СТРУЈАТА Во очи Божик не се гои прасе и не се ремонтираат централи

Експерти велат дека ако домаќински се работеше со енергетските капацитети, тие немаше да се ремонтираат во екот на грејна сезона, кога треба да работат во топ форма и да произведуваат далеку поевтина струја, наместо енормно да се увезува.

707

Ремонти во екот на сезоната: Имаме среќа што струјата е малку поевтина од порано и тоа што не се најавуваат ниски температури до јануари. Затоа ЕСМ и Владата можат да се оправдуваат дека купуваат струја поевтина од таа што ја произведуваат нашите електрани, иако ветија активирање на сите енергетски капацитети и поевтино производство на струја за домаќинствата и за дел од компаниите.

Според експертите, ако домаќински се работеше со енергетските капацитети, тие немаше да се ремонтираат во екот на грејната сезона, кога треба да работат во топ форма и да произведуваат далеку поевтина струја, наместо да се увезува. Дополнително, со незаинтересираноста за активирање на новите рудници за јаглен, се губи шансата да се произведува поевтина струја од таа што може да се купи на берзите.






Вистинското прашање е дали ние можеме да произведуваме поевтина струја. Мислам дека можеме, но само ако капацитетите ги управуваме домаќински и ако јагленот, кој е скап на пазарот, го произведуваме дома.

Спире Мавровски Поранешен раководител на РЕК Битола

– Вообичаена практика на енергетските компании е своите капацитети да ги ремонтираат или да ги обновуваат во екот на летната сезона, кога нема голема потрошувачка на струја, а зимата да се дочека во топ форма. Но, кај нас, дефиницијата за домаќинско работење е поинаква. Во екот на грејната сезона и на висока потрошувачка на струја, во РЕК Битола се ремонтира еден трансформатор. Другиот се чека две години да стаса. Во такви услов се најавуваат и тридневни поправки на блокот 1. Што станува со РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино? И таму ремонтите се во ек и се надвор од производство. ТЕ-ТО, за кого се најавуваше дека ќе произведува струја за домашните компании, е посебна приказна. Сега се тврди дека ТЕЦ Неготино, поради нерентабилност, е исклучена. Хидроелектраните работат наместо да се штедат. И каде води сето тоа? Се разбира, кон увоз на струја. Велат, била поевтина од нашата производна цена. Па и да е така, од каде се парите да се увезе? Од буџетот, каде што се слеваат нашите пари. Вистинското прашање е дали ние можеме да произведуваме поевтина струја. Мислам дека можеме, но само ако капацитетите ги управуваме домаќински и ако јагленот, кој е скап на пазарот. го произведуваме дома – вели поранешниот раководител во РЕК Битола, Спиро Мавровски.

Помина времето кога можеше трите блока на РЕК Битола да работат заедно: Тој не очекува во блиска иднина да проработат трите блока на РЕК Битола. Поради тоа и потребите за увоз на струја ќе бидат повисоки, со оглед на зголемената потрошувачка во месеците што доаѓаат. А цената ќе биде далеку повисока од сегашната.

– Одамна помина времето кога можеше трите блока во РЕК Битола да работат заедно. Сега е добро ако работат два блока и еден да се ревитализира. Еве, да речеме денеска да стаса трансформаторот од Туркије за третиот блок. Потребни се најмалку 15 дена да се постави и да почне пробното производство на струја. Значи, дури некаде во средината на декември тој би почнал нормално да работи, ако тече се како што треба. Но, тогаш вториот Блок ќе мора да се ревитализира. За него ќе го чекаме трансформаторот кој се поправа. Значи, пак, остануваме со два блока, кои дневно можат да произведат по околу 8.000 мегаватчасови. РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино се надвор од производство, а евтиниот гас од Србија за ТЕ-ТО никако да стигне – вели Мавровски.

Според него, прашањето дали домашната производна цена на струјата е пониска или повисока од берзанската е само прашање на процена. Домашното производство би било далеку поевтино, ако имавме домашно производство на јаглен од рудникот кој требаше да се отвори пред три години.

Требаше да го отвориме рудникот Живојно: – Ако парите кои лани ги потрошивме за увоз на струја (170 милиони евра) се вложеа за отворањето на новиот рудник за јаглен во Живојно, сега ќе имавме домашно производство на јаглен и помал увоз на јаглен со висока цена. Така и влезните трошоци ќе беа помали и цената на струјата ќе беше пониска. Не знам каква е фактичката производна цена, но знам дека е далеку повисока од порано, бидејќи сега увезуваме јаглен по двапати повисока цена од порано, превозот е поскап, а и мазутот кој се користи притоа е со далеку повисока цена. Домашното производство на јаглен исто така е на климави нозе. Струјата од ТЕЦ Неготино секогаш била скапа и затоа тој капацитет е резерва. Тоа го знаеја од ЕСМ, пред да ветуваат зголемено домашно производство, кое ќе ги покрие потребите и активирање на сите производни капацитети. Што се однесува до берзанската цена, таа беше 300 евра за мегават и во не така далечниот период, па тогаш ни беше висока, а сега ни е ниска. Кој кого лаже со изјавите? Факт е дека немаме домашно производство што ќе ги покрие потребите и мора да се увезува струја. Така било одамна, така е и сега. Прашањето е дали увозот ќе биде 5, 10 или 30 отсто од потребните количини. Повторувам, лани за увоз на струја потрошивме 170 милиони евра. Колкав ќе биде износот годинава не знам, но да се надеваме дека ќе биде помал, иако од јануари мислам дека ќе дуваат поинакви ветрови и на берзите – вели тој.

Кога увозот е домаќинлак: Власта и натаму лиферува различни изјави за увозот на струјата и колку тоа е домаќинско однесување. Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски неодамна изјави дека производната цена на домашните капацитети во октомври изнесувала  58 до 60 евра за мегаватчас, а таа што е наменета за домаќинствата на ЕВН ѝ се нуди по 48 евра за мегаватчас.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека земјава домаќински се однесува со тоа што увезува струја по пониска цена од производната.

– Со домаќинско управување со енергетската криза мора да се следи што се случува на пазарот. Ако на пазарот има електрична енергија чија берзанска цена е пониска од производствената, недозволиво е да се произведува со повисока цена. Токму затоа се прави привремен увоз на електрична енергија. ТЕЦ Неготино е во процес на ремонт, но неговата производна цена на струјата е повисока од берзанската цена и немаше логика да произведува, дури и да беше во можност да испорачува електрична енергија – изјави Битиќи.

Премиерот се крсти во ЕСМ: Премиерот Димитар Ковачевски настапува со поинаков став. Тој вели дека е добро што изминатите осум недели не биле потрошени средствата планирани за увоз на струја, бидејќи ЕСМ успеале да произведат поголема количина од онаа што била потребна. Премиерот се надева и дека сите производни капацитети ќе бидат ставени во функција иако има ремонти на дел од нив и застој во транспортот на трансформаторот за блокот 3 на РЕК Битола, кој треба да стигне во земјава на 22 ноември.

– Сепак, стручните екипи на ЕСМ, вклучително и сите експертски тимови кои ги има во државава и универзитетски професори, се на терен и работат на ставање во потполна функција на сите капацитети во државата. Затоа граѓаните не треба да се грижат. Како што беше во целата измината година, така е и сега. Финансиски средства се обезбедени за набавка на струја која недостасува во овие денови – изјави денеска  Ковачевски.

КОЛКУ СТРУЈА ТРОШИМЕ?
Месечните потреби од струја во земјава, според податоците на Државниот завод за статистика, во летните месеци се движат од околу 400.000 до 500.000 мегавати, а годишните потреби одат и до 865.000 мегавати, зависно од годината. Во декември 2020 година биле потрошени 865.418 мегавати, а во декември лани 852.895 мегавати.
Само домаќинствата во летните месеци трошат по околу 200.000 до 250.000 мегават часови, а во зима и до 400.000 мегават часови. Финална потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата во мај лани била 212.163 мегаватчасови, додека во декември лани се потрошени 347.326 мегават часа. Во мај лани енергетските капацитети произвеле вкупно нето 264.431 мегаватчасови, а во декември успеале да произведат вкупно нето 561 308 мегават часа. Во декември лани биле увезени 283 361 мегавати струја. Лани во декември за да се произведат потребните количини електрична енергија биле активирани хидроелектраните кои произвеле нето 132.268 мегават часа, а термоелектраните во декември лани произвеле нето 221.207 мегаватчасови струја.
Ако, се направи пресметка, според дневните извештаи што ги објавува владата во ноември годинава, енергетските капацитети во земјава дневно произведуваат по 10.000 до 10.600 мегавати. Месечното производство се движи од 300.000 до 318.000 мегаватчасови, па реално е да има и увоз на остатокот од потребите на струја само за домаќинствата. Од декември, покрај домаќинствата, од домашното производство на струја ќе се снабдуваат 200 фирми од прехранбениот сектор, училиштата и јавните претпријатија за снабдување со вода и отпадни води.
Како ќе биде наредните месеци ќе се виде по објавата на податоците следната година кога ќе се знае колку енергија сме потрошиле оваа грејна сезона и колку од потребите сме произвеле и увезле.
Поврзани содржини