ПАЛЕВСКИ ЗАМИНАЛ ЗА ТУРЦИЈА ЗА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ НЕ ГО УБИЛА ТУРСКА ВОЈСКА, ТУКУ ВРХОВИСТИ Заминал на пат за да се одмори од состаноци

Палевски рече дека во судот и во Обвинителството приложил дијагноза од професорот Лозанче од 2020 година, кој констатирал дека кичмениот канал на Палчо му бил стеснет и дека повеќе од 50 отсто од ‘рбетниот мозок му е под притисок.

2,354

Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски негира дека учествувал во настаните за кои е обвинет. Тој раскажа зошто заминал за Турција и зошто се интересирал за патување во Москва.

Палевски денеска во судницата одговараше на прашања на неговиот адвокат Јовица Страшевски.






Палевски рече дека ги познава сите обвинети освен Александар Ѓорчевски.

– Влатко Кешишев беше домаќин во партијата, патриотски расположен, вреден. Политички неук, но стабилен. Чесен Македонец, кој си ја сака Македонија и затоа се договоривме лесно и брзо. Велибор Манев го познавам од ангажман прво во здружението, а по регистрацијата и по неговиот ангажман во општинската организација во Велес. Амбициозен и алчен за пари. Имаше неколку конфликти во партијата за пари, меѓу кои и со сведокот Стефан Димовски од Струмица. Меѓусебно имаа купопродажба на земјоделска механизација, но Велибор не го доплатил износот. Имаше агресивен испад на Велибор на состанок на партијата, каде јас морав да интервенирам. Но, исто така, Трајче Петрушев од Швајцарија му позајмил 1.000 швајцарски франци кои Велибор не ги вратил, па ме извести мене како претседател на партијата. Ми прати документ од Вестерн унион дека зел 1.000 евра. Јас го решив проблемот и ги вратив парите за да нема расправии и компромитација на самата партија. Боре Видевски го запознав преку Манев, скромен мирен, но не стигнав подобро да го запознам. Нашите контакти се резултат на партиски ангажман – рече Палевски.

Тој зборуваше за патувањето во Белград и рече дека заминал на 30.11.2023 година, дека Васко Стојков го возел, дека заминал со регуларна патна исправа, на регуларен граничен премин, со регистрирано возило.

Рече дека таму се видел со професорот Шкребаљ со кого вечерале во ресторанот „Руски цар“. Рече дека со свое име и со пасош се пријавил во хотелот „Таш“, каде што преноќил. Сабајлето имал уште еден состанок со невладина организација од Белград и со студенти од Правен факултет. Потоа го исконтактирал Стефан Димковски, кој бил слободен, и дошол во Белград за да го однесе во Турција.

Тој рече дека во судот и во Обвинителството приложил дијагноза од професорот Лозанче од 2020 година, кој констатирал дека кичмениот канал му бил стеснет и дека повеќе од 50 отсто од ‘рбетниот мозок му е под притисок. За таа дијагноза исклучиво требало оперативен зафат.

Тој рече дека две цедеа од магнетна резонанца од 2016 и од 2020 година не постојат во записникот за одземени предмети од него.

– Тоа беше една од причините во моето патување од 10 дена, а за медиумите бегство, добро брифирани од некои обвинители и од бриферот Јанаки Митровски, познатиот шарен револуционер. Втора причина за моето патување беше посета на воениот архив во Истанбул дека во селото Баница на 4 мај 1903 година немало аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турска војска, туку од врховисти. Тоа е од интерес и на Турција да се расчисти. Зошто сум гледал авиокарти од Минск и од Москва е поради мојата желба и намера да одам во Москва. Но не сум букирал карта, како што кажа обвинителката, ниту сум купил. Мојата желба не се реализирала, а на обвинителката ѝ е многу добро познато зошто. Бев да земам копија од новгородските ливчиња од јавната библиотека на Москва, да земам копија од најстариот документ издаден од патријаршијата. Тоа беа причините за моето патување, за да се одморам од состаноци – рече Палевски.

Тој вели дека кога стасал во Турција, на граница имал контакт со Велибор Манев, кој му дал број од Турчин што знае македонски. Тој му објаснил дека во Истанбул тешко ќе најде евтина куќа за изнајмување и му го предложил Баликесир кој е на 200 километри од Истанбул.

– Прифатив затоа што мојата намера беше во Истанбул да изгубам само еден ден, за магнетна резонанца. Во неделата на 3.12 сакав да направам епизода од „Крш муабети“ 114, но не ја направив зашто веќе бев прогласен за монструм и ќе беше смешно да правам поткаст – рече Палевски.

Тој вели дека имал резервирано автобуска карта од Баликсир до Истанбул, но дека не отишол.

На 3 декември вечерта во 20 часот се правел претрес во куќата каде живее неговото семејство.

– Додека траеше претресот ми се јави Васко Стојков во својство на адвокат и ми кажа „најдобро е да си дојдеш и да си дадеш изјава, овде не си осомничен, туку пресуден“. Почна расправија, бев многу лут, но Васко ја прекина линијата. Претходниот ден, на 2.12.2023, Стојков, во својство на адвокат, а не член на партија, по барање на инспекторите ми ѕвонеше на Телеграм и ми предочи дека полицијата прашува каде сум, на што јас одговорив во Баликесир, Турција. Не е точно дека не сум бил достапен на органите на прогонот, прашаа и истиот момент дознаа каде сум. Бев прашан преку адвокатот Стојков дали и кога сум се движел во Дебар Маало. Бидејќи бев многу лут, му кажав на Стојков да почека да размислам и ќе се јавам брзо и ќе издиктирам каде, кога се движам низ Дебар Маало. За 27 ноември не можев да се сетам точно на денот, но му кажав последен пат каде и кај кого сум бил во Дебар Маало и со какво возило. Штом МВР побара, после еден час доби информација од мене каде сум бил. Така што тврдењето на Јавното обвинителство кое брифира медиуми дека јас сум во бегство е брутална лага – рече Палевски.

Тој утрово писмено побарал од Судот да ги издвои доказите од возилото „ренџ ровер“ со струмички таблици со кое патувал од Белград до Турција. Тој вели дека врз ова возило на 5.12.2023 година е направена криминалистичка обработка, и се најдени 7 ДНК траги на предмети. Пронајдени се фолии, црна капа, џемпери, портокалова маица и два отпушока во пластична чаша.

– Јавното обвинителство во судот и во обвинителниот акт ги декларира како предмети пронајдени на лице место и ги става заедно со лопатата, канистрите, јастуци од место на настан Дупки. Сите тие се доставени во судот како предмети пронајдени на лице место. Тоа е уште едно подметнување на ЈО – рече Палевски.

Тој додаде дека освен со Стојков имал контакт и со неговиот брат Баге Палевски, кој бил распрашан од полицијата и кој рекол дека Палевски е во Турција. Тој му кажал дека двајца инспектори на 1 декември во 17.20 часот, отишле до Глуво, во викендица кај мајка им, да ја прашаат какво возило вози Палевски и како се вика неговата сопруга. Откако дознале дека неговата сопруга не е сопственик на „рено кангу“, инспекторите си заминале.

Дали сте учествувале во настаните за кои сте обвинет? – праша Страшевски.

– Не. Не сум учествувал во тие настани. Останувам на наводите што сум ги кажал во исказот пред ОЈО, со забелешка дека ќе ги надополнам, затоа што во доказната постапка многу работи видов и се потсетив што сѐ се случувало во критичното време – рече Палевски.

Страшевски побара од неговиот клиент да го опише апсењето во Турција.

– Не сум уапсен на автопат. На 2 декември попладне стигнав во Баликесир. Веднаш зедов куќа под закуп на мое име со моја патна исправа, платив за еден месец однапред. Го замолив господинот кој ми ја најде куќата на негово име да земам интернет картичка, затоа што планирав да правам поткаст. Тоа беше завршено ноќта на 2 декември, кога беа и контактите со полицијата, за тоа каде сум. По дознавањето дека сум осомничен, а тоа е 3 декември, при претрес на мојот дом, јас на Стефан Димковски му дадов пари и му реков веднаш да се врати во Македонија. Утредента на 4 декември ја вратив картичката за интернет, земена претходниот ден, ги вратив и клучевите од куќата иако беше платена, не ја искористив автобуската карта до Истанбул. Преспав во куќата и утредента заминав. Отидов на бензинска пумпа во Баликесир за да размислам што да правам, отидов во пицерија во градот за да ручам и очекував во секој момент да се појави полиција. На сите портали во Турција беше мојата слика. За чудо, не се појави полиција, иако Баликесир има милион жители. По неколку часа, отидов во истата пицерија, пиев кафе и се појави Интерпол Турција. Немам забелешки за нивното однесување, ме однесоа во полициска станица. Таму бев изведен пред бел ѕид и сликан со мобилен телефон, па сликата преку Вотсап беше пратена во Македонија. На пресот на Оливер Спасовски е прикажана таа фотографија. Инспекторот од Баликесир ја пратил кај тогашниот министер Спасовски. Веднаш ми стана јасно што се случува и кој го организира тоа. Сабајлето на 5 декември бев однесен пред обвинител, ми беше прочитано за што сум осомничен, што е дел од меѓународната потерница, и бев прашан дали постои можност за мачење и убиство во Македонија. Од срам за сопствената држава кажав дека не постои можност да бидам мачен и убиен. Во документацијата за екстрадиција, за која верувам дека ОЈО не ја доставил до Судот, а јас ќе ја доставам, стои дека ме прашале дали се согласувам со барањето за екстрадиција. Јас одговорив дека сакам што побрзо да бидам екстрадирам. Тоа значи итна постапка за екстрадиција, со моја волја и согласност, без жалба. Пројдоа 5 и пол месеци додека бев екстрадиран. Во таа документација која ќе ја доставам во дополнение на доказна постапка стојат некоку писма од затвореникот Палевски до министерот за правда на Турција, со молба за побрза екстрадиција, затоа што знам со кого си имам работа – рече Палевски.

ПАЛЕВСКИ НЕГИРА ДЕКА ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ Поседувал 200.000 снимени разговори, обвини портали за негов „брутален линч“

Поврзани содржини