ПАЛЕВСКИ СЕ ЖАЛЕЛ ДЕКА СУДИЈАТА СТЕФАНОВСКИ ПРЕДОЛГО ЈА ПИШУВАЛ ПРЕСУДАТА ЗА УБИСТВАТА НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ Судскиот совет ја одби претставката, судијата се оправда со здравствени проблеми
Судијата Стефановски како одговор до Судскиот совет доставил писмено изјаснување во кое посочил дека станува збор за исклучително сложен предмет, со обемен доказен материјал, голем број сведоци и повеќе обвинети.
Судскиот совет денеска ја отфрли како неоснована претставката од неправосилно осудениот Љупчо Палевски Палчо, со која тој се жали дека судијата на Кривичниот суд Ивица Стефановски предолго време ја изготвувал пресудата против него. Со претставката Палевски изразил незадоволство и од целокупното постапување на судијата Стефановски во предметот.
Палевски на 25 јуни 2025 година беше осуден на доживотен затвор за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Истата казна ја добија и неговите соучесници и сопартијци од Десна, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Обвинетиот татко на Вања, Александар Ѓорчевски, пак, беше ослободен од обвинението дека помогнал во киднапирањето на неговата ќерка, затоа што против него Јавното обвинителство немаше докази.
Судијата Стефановски како одговор до Судскиот совет доставил писмено изјаснување во кое посочил дека станува збор за исклучително сложен предмет, со обемен доказен материјал, голем број сведоци и повеќе обвинети. Тој навел и дека во периодот на изготвување на пресудата имал здравствени проблеми поради кои бил отсутен од работа, како и дека постапувал и по други предмети.
По расправата, членовите на Судскиот совет едногласно ја отфрлија претставката. Пресудата била изготвена на 14 ноември и членовите на Совет ја отфрлија жалбата како неоснована бидејќи се работи за сложен предмет, а во периодот имаше и судска ферија, период кога судиите не постапуваат.
Пресудата на првостепениот суд веќе е пред Апелацискиот суд, по жалбите на адвокатите на обвинетите, на самиот Љупчо Палевски и на Јавното обвинителство, кое, пак, се жали на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски. Се чека Апелација да ја закаже седницата на која ќе одлучува за пресудата.
Во жалбата до Апелација Палевски бара да биде ослободен од вина или предметот да се врати на повторно судење.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа грабнати и убиени со пиштол во ноември 2023 година.
Обвинителството не расчисти кој е мотивот за злосторствата, ниту го најде оружјето со кое се извршени свирепите убиства. Обвинителството освен што не го докажа учеството на татото на Вања, не докажа ниту дека четворицата соучесници го грабнале Панче Жежовски, па за тој дел од обвинението беа ослободени.