ПАЛЕВСКИ СЕ БРАНИ СО ЈАКНАТА НА КЕШИШЕВ И СО ФИСКАЛНИ КОИ ГИ НЕМА Судот ќе ги разгледува фотографиите од дворот на Манев во фазата на одлучување

Судот му укажа на обвинетиот дека не може да изведе доказ кој не е доставен до судот, странките ги доставуваат доказите, а судот се произнесува дали ќе бидат прифатени или не. Бидејќи не е доставена фискалната сметка судот не може ниту да ја прифати ниту да ја одбие.

2,286

Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски денеска побара како дополнителен доказ да се прифати јакната на сообвинетиот Влатко Кешишев, која е одземена на 2 декември 2023 со претресот во штабот на Десна. Судот не го прифати овој предлог, ама судијата укажа дека јакната и фотографиите од дворот на Велибор Манев ќе бидат предмет на анализа во фазата на одлучување.

– Јакната не беше презентирана. Ја предлагам и јакната, но ќе ме одбиете, ќе речете дека е изведена, зашто ја има во листата на докази. А ние овде не ја видовме јакната, никој не ја презентирал. Ја предлагам и јакната и две фотографии од видеото на ОЈО од дворот на Велибор Манев на околноста дека ниту јакната е црвена како што пишува во доказот на ЈО, туку е шарена, со две големи црни парчиња на себе, со различна боја, на ракавите, со нагласени црни копчиња, за разлика од фотографиите извадени од видеото каде дефинитивно и по димензии и по самиот изглед не е јакната која е одземена од Кешишев. Влатко Кешишев на 22 ноември носи една јакна, а на 27 ноември сосема друга. Ова го наведувам, затоа што на прашање од одбраната обвинетиот Кешишев тврди дека носел иста јакна и на 22 и на 27 ноември, дека била во црна боја. Овие докази говорат дека не ја говорел вистината и дека ова видео не е од 22 ноември. Според јакната, избегнувајќи да коментирам огромен број лисја и пола метар зелена трева, исказот на Кешишев е нерелевантен – рече Палевски.






Обвинителките на ова рекоа дека јакната ја има во листата на докази.

– Евидентирана е како машка јакна без подетални карактеристики. Ирелевантно е дали на предметните фотографии се забележува истата јакна или не – рече обвинителката.

Судот не дозволи да се изведе јакната како доказ, со образложение дека веќе е изведена со листата на докази во обвинението. Судот дозволи да се изведат како доказ фотографиите од дворот на Велибор Манев.

Следен доказ што го предложи Палевски е фискална сметка одземена на 3 декември 2023, од 23.11.2023 во 9.52 часот.

– Бидејќи беше употребена во судската постапка, а ОЈО ја нема доставено во докази. Има други сметки од лицето Влатко Ефтимов и една од Кешишев во врска со полнење гориво на Макпетрол, но не и оваа. За мене оваа сметка е важна затоа што докажува кој купувал и организирал сѐ околу грабнувањето и убиството на Панче и на Вања. На неа како артикли се појавуваат WD-40, ракавици и други работи, која беше употребена при распит на Манев, но ја нема во доказите. Затоа ја предлагам да биде евидентирана како доказ во судот – рече Палевски.

– Дали постои оваа сметка во предметот? – праша судијата.

– Јас оваа сметка не ја поседувам, ја видов во судот, судијата му ја предочи на Велибор Манев при поставување на прашање и сметам дека е многу важен факт и затоа треба и формално да биде доказ во оваа судска постапка – рече Палевски.

Судот му укажа на обвинетиот дека не може да изведе доказ кој не е доставен до судот, странките ги доставуваат доказите, а судот се произнесува дали ќе бидат прифатени или не. Бидејќи не е доставена фискалната сметка судот не може ниту да ја прифати ниту да ја одбие.

Палевски предложи потврда за привремено одземени предмети од 4.12.2023 и една потврда за влегување во туѓ дом и други затворени простори без писмена наредба издадена од СВР Велес.

– Се работи за следното. На 3.12 е извршен претрес во домот на Боре Видевски. На 3.12 се пронајдени телата на убиените Панче и Вања. 18 часа по пронаоѓањето на телата МВР и ОЈО се запознаени со денес веќе утврдениот факт дека недостасува оружје на обвинет во двојно убиство. Потврдата за влегување во туѓ дом без наредба е изготвена за да се заобиколи судот, а до денес, по претресот и одземените предмети, не е изготвена судска наредба. Со потврдата за привремено одземени работи на 4.12 во 13.13 часот, на адреса „АД Бауман“ одземени се ловна пушка, 17 патрони ловџиски, калибар 12, и 5 куршуми со калибар 9 мм, како и две дозволи за поседување и носење оружје на име Боре Видевски. Во судот, сведокот на одбаната, виш инспектор Стојан Кујунџиевски ги потврди овие документи, дека лично тој ги одзел оружјата и ги потпишал овие потврди. Во исто време нѐ информираше дека усмено го известил јавниот обвинител и СВР Скопје, но двата органи не биле заинтересирани за фактот дека недостасува пиштол „зброевка“ 9 мм, за кој обвинетиот има уредна дозвола. Но, она што му потенцирам на Судот е што на 13.12.2023 после регулирање на надлежноста меѓу ОЈО Скопје и ОЈО Велес, во 13 часот, претставници на институциите направиле записник за предавање предмети и списи. Предадени се 29 предмети и списи, меѓу кои оној ДВР уред од кој гледавме видеа. Во ова примопредавање на списи меѓу СВР Велес и СВР Скопје има потврди. Но, овие потврди исчезнуваат, исто како „зброевката“. Се работи за намера, а не грешка од Јавното обвинителство, затоа што во истиот период за Палевски се извадени 12 документи за поседување оружје – рече Палевски.

Обвинителката му одговори дека постапката за претрес кај Видевски е согласно законот. Во врска со потврдите за одземени предмети, доволно се произнел сведокот Стојан Кујунџиевски затоа што е одземено, додаде таа.

Судот донесе одлука да се прифати овој доказ.

ПО ЗИМСКО ВРЕМЕ „РЕНОТО“ БИЛО ВО СКОПЈЕ ПОСЛЕ ПОЛНОЌ, А ПО ЛЕТНО ВО ВЕЛЕС Натегања за секој доказ меѓу Палевски и обвинителките

Поврзани содржини