ПАЛЕВСКИ САКА ДА ГО ПОБИЕ МАНЕВ ДЕКА БИЛЕ ВО ДУПКИ Судскиот процес за убиствата на Вања и на Панче стаса до завршни зборови

Палевски предложи како доказ да се донесе во судот сива леплива лента пронајдена на вратот на Вања Ѓорчевска на која постои биолошка трага од обвинетиот Манев, како и да се издвои од доказите лопатата со која Кешишев рече дека е копано во местото Дупки.

2,412

Судот го прифати предлогот на првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски, како дополнителен доказ да земе предвид

анализа за неговите комуникации на 22.11.2023 со која сака да го побие тврдењето на сообвинетиот Велибор Манев кој тврдеше дека таа ноќ отишле во местото Дупки, каде што била убиена Вања.






– Околноста е побивање на тврдењето на Манев дека на 22.11.2023 имало состанок во штабот околу полноќ, по што сме го посетиле местото Дупки ноќта кон 23 ноември. Тоа не се случило. Овде се сите комуникации на сите апликации за ден 22.11.2023 година, цел ден е полн со комуникации. Има 11 страници комуникации – рече Палевски.

Судот донесе решение дека го прифаќа овој дополнителен доказ.

Палевски следно предложи како доказ сива леплива лента пронајдена на 3.12.2023 година во 9.30 часот на вратот на Вања Ѓорчевска на која постои биолошка трага од обвинетиот Манев, што, како што рече, било утврдено со извештај од Судска медицина од 15.12.2023 година.

– Јас го предлагам предметот сива лента, а не вештачењето. Која е причината ОЈО да не го предложи овој предмет во листата на докази не знам, но сметам дека е важен во утврдувањето – рече Палевски.

Судот констатира дека обвинетитот бара да се достави како доказ сивата лента пронајдена на телото на Ѓорчевска. Судот му укажа на обвинетитот дека не може да се произнесе за докази кои не се доставени до него и дека странките ги доставуваат доказите.

– Тогаш, доставувам барање да се достави до судот сивата лента пронајдена врз оштетеното дете, затоа што на неа постои биолошка трага од Велибор Манев, кој бил во директен допир со оштетеното дете – рече Палевски.

– На која околностот се бара лентата? – праша обвинителката Ана Стојковиќ Димитроска.

– На околност што со сивата лента е утврден факт кој од обвинетите е во директен контакт со оштетеното дете – одговори Палевски.

– Околноста која ја наведува обвинетиот е утврдена со предметното вештачење на траги и резултатите од тоа вештачење не се спорни за ниту една страна. Самата лента присутна во судница не дава никакво дополнително значење и предлагаме ова барање да биде одбиено – рече обвинителката.

Судот донесе решение дека не се прифаќа предлогот во судницата да се донесе лепливата лента, затоа што физичкото изведување како доказ е непотребно и беззначајно за предметот.

Палевски побара да се издвојат 7 предмети од доказите од обвинителниот акт од 31.05.2024 и тоа пластична часа за фрлање отпушоци, два отпушока, пластично шише од пола литар, црна капа со стреа и микрофолија со ознака на трага.

– Овие предмети се подигнати од возилото „ренџровер“, сопственост на Холдинг фарминг Македонија, со кое јас патував на 02.12.2023 година од Белград до Турција. Ова возило нема никаква врска со кривично-правниот настан, а во првиот обвинителен акт, кој не е против мене, туку против други лица, има предмети со траги од Палевски. Во мојот обвинителен акт не се ставени предмети на кои има само мои траги, туку свесно се направени во обвинителен акт за другите обвинети. Тоа е направено за да немам увид во доказите, затоа што двата обвинителни акта беа споени на 4 септември, а главната расправа почна на 20 септември 2024 година. Откако почна судењето, јас ги видов тие докази во другиот акт и не можев навреме да приговарам. Мои ДНК и папиларни линии не постојат на предмети во другите вештачења. Барам или да се декларира дека не се предмети подигнати од лице место, туку се подигнати од возилото „ренџ ровер“. Околноста е што тоа возило од кое се подигнати трагите не учествувало во кривично-правниот настан ниту е спомнато од јавен обвинител или од судот – рече Палевски.

Обвинителката Елизабета Јосифовска рече дека во поднесениот обвинителен акт против Палевски од 12.08.2024 година во листата на докази со реден број 1 се доказите од листата на докази од обвинителниот акт од 31.05.2024 година.

– По истрагата, до Палевски се доставени сите докази на Обвинителството што е видно од тоа што се презентира во судница. Околностите за „ренџ ровер“ со подигнатите траги се веќе изведен доказ во постапката, односно на тоа дека со тоа возило Палевски бил превезуван во Турција – рече Јосифовска.

Судот донесе решение да не се изведат овие докази, бидејќи веќе се изведени.

Палевски предложи да се издвојат доказите за лопатата.

– Во оваа дополнителна постапка токму ЈО тврди дека лопатите употребувани во овој настан се гледаат на видеото кое дополнително го покажаа во судницата. Тоа значи дека лопатата која ја посочи Влатко Кешишев непосредно кај местото Дупки е вештачена, а земјата на неа не одговара на земјата од дупката во која е пронајдено оштетеното дете. Тоа значи дека таа лопата никогаш не копала таму, на местото на настан Дупки. Но, покажаните лопати на видеото ниту се одземени ниту се вештачени на 3.12.2023 кога е извршен претрес во домот на Манев. До денес нема никакви дејствија за утврдување на оваа околност. Барам да се тргне лопатата посочена од Кешишев, која нема никаква вредност – рече Палевски.

Судијата праша дали бара веќе изведената лопата да се изземе од доказите.

– Да, бидејќи ЈО тврди дека е копано со други лопати и тоа го тврди во дополнителната постапка – рече Палевски.

Судот донесе решение да не се прифати овој предлог да се издвои лопатата како доказ, затоа што веќе беше изведена, а нејзината доказна вредност судот ќе ја цени дополнително.

Палевски преку неговиот бранител Јовица Страшевски побарал да се достави  цеде, кое наводно ОЈО го примило од Безбеден град.

– Не е означено, нема ознаки тоа цеде, туку е во прилог на известувањето од Единицата за насилен криминал до ОЈО на 12.01.2024. Началникот Дејан Димовски го предава ова цеде на ОЈО. Од ова цеде беа презентирани 6 видеа, од кои 3 од „цитроенот“ на Панче Жежовски за деновите 24 и 25 ноември. Барам од ОЈО да ми се достави цедето од камера 67 од Безбеден град на кое се гледа „рено кангу“ на 22.11.2023 после полноќ. Усно ми одговори ОЈО дека такво цеде нема, а тоа е лага, затоа што видеа од тоа цеде веќе беа презентирани. Околноста е што времето на евиденција од системот Безбеден град на возилото „рено кангу“ е во време за кое ЈО тврди дека возилото е во Велес – рече Палевски.

– Јавното обвинителство во два наврати одговори пред судот дека цеде од камера 67 не е доставено до ЈО, и затоа не е доставено до Судот. Такво видео не постои. Околноста на која обвинетиот бара да се заведе ова видео, е веќе изведена на главна расправа преку ЛПР системот на Безбеден град, каде е нотирано во кое време и на кое место е забележано предметното возило и истото не е спорно – рече обвинителката.

Судот не го прифати ова барање на Палевски и со тоа заврши дополнението на доказната постапка.

За збор се јави полномошникот на оштетените Зорица и Миња Ѓорчевски.

– Во својсто на полномошник на оштетените Зорица Ѓорчевска и Миња Ѓорчевска, а во врска со предметното имотно-правно побарување, предјавено со поднесокот од 10.01.2025 година, предлагам судот да дозволи да се изведат доказите наведени во поднесокот – рече адвокатката на мајката и ќерката Ѓорчевски.

Судот го прифати предлогот да се изведат доказите за имотно-правното обесштетување.

Адвокатката меѓу доказите прочита вешт наод и мислење за Зорица Ѓорчевска од 18.9.2024 година, извештаи од специјалист по психијатрија д-р Зоран Митиќ за Зорица и Миња Ѓорчевски, вешт наод и мислење од вешто лице Анета Спасовска Трајановска, Отпусна листа за Миња од ЈЗУ УК за детска хирургија и препорака од психолог, психотерапевт.

Судијата Ивица Стефановски констатира дека денеска завршила доказната постапка и дополнението на доказната постапка.

Обвинителките побараа 10 дена за да се спремат за завршните зборови. После тоа обвинетите ќе имаат неколку дена за подготовка за завршните зборови.

Судијата закажа завршни зборови од Обвинителството за 4 јуни во 10 часот.

Потоа на 11 јуни ќе следат завршни зборови на обвинетите. Според редоследот во обвинението, прво ќе земе збор Манев, па Видевски, Кешишев, Ѓорчевски и Палевски.

Поврзани содржини