ПАЛЕВСКИ НЕГИРА ДЕКА ГИ УБИЛ ВАЊА И ПАНЧЕ Поседувал 200.000 снимени разговори, обвини портали за негов „брутален линч“
Доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со ферари и останати, но, тоа не сум го направил. Така што, не само што не сум го извршил, немам ни мотив за такво злосторство – рече Палевски и додаде дека ќе докаже дека е киднапиран од Кривичниот суд.
Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо негира дека ги извршил грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и дека немал никаков мотив за такво злосторство.
Палевски, дали вие, како што посочија двајца сообвинети, ладнокрвно ги извршивте убиствата на Вања и Панче? – го праша адвокатот Јовица Страшевски.
– Не, не сум ги извршил, ни убиствата ни грабнувањата. Едноставно, немам мотив за тоа. Во депото на ОЈО се наоѓа хард диск тошиба, кој го зедоа со записник во кој има над 200.000 разговори на оваа политичка елита, но и на новинарската професија. Доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со ферари и останати, но тоа не сум го направил. Така што, не само што не сум го извршил, немам ни мотив за такво злосторство – рече Палевски.
Палевски седна во прв ред, свртен кон судијата со лице, а со грб кон сите останати. Денеска одговараше на прашања на неговиот адвокат Јовица Страшевски.
Тој прво побара од Палевски да се претстави накратко, кој е, но Палевски беше опширен.
– Регистрирав политичка партија и бев избран за нејзин претседател. Во последните 20 години се занимавам интензивно со политика. А претходно, правев згради. Организирав собирање потписи за распишување референдум за народот да се изјасни за Договорот за добрососедство со Бугарија. Сметав и сѐ уште сметам дека кога се работи за историја и идентитет на еден народ, тоа не може да биде политичко прашање на ниеден субјект во државата, туку мора да биде плебисцитарно изјаснување на народот. Тоа беше една брза акција, во првите 2 недели од ноември 2023. Во парламентот барањето беше формално одбиено од тривијална причина, затоа што името на договорот било погрешно во референдумското прашање. Потоа, беа скенирани, втори по ред 50.000 декларации, подготвени за предавање на оригиналите на повардарскиот митрополит Агатангел. Секој вторник, среда, петок, сабота и недела јас лично емитував програма во живо на неколку социјални платформи. Секој вторник во 10 часот одеше поткаст „Лице, ум“, во среда од 21 часот одеше „Крш дебата“, во петок Извршен комитет на апликација Зум, затоа што имавме четворица во Извршен комитет од Македонците низ светот. Освен оваа активност во ноември заврши и проектот Банкстери, за откривање перење пари во официјални банки, поддржани од Народната банка, проект кој почна со емитување на 28 ноември во 21 часот, а требаше да биде на 26 ноември во 21 часот. Доцнеше затоа што доцнеа неколку докази, изводи од сметки, свифтови, пасоши за мегатрговци со оружје од Иран, кои имаат депозити во македонски банки. Не беа пристигнати сѐ уште тие докази, кои беа и последни што недостасуваа. Тоа беше причината за одлагање на последната епизода Крш 113. Тоа е редовен поткаст. Во тој серијал за криминал беа објавени само мал дел, 3 документи, а после тоа бев уапсен. Во тие документи се наоѓа причината за убиството на Никола Младенов, се работи за фирма од Велес Широко езеро преку која се испумпани многу пари од Македонија. Објавени се во ноември 540 милиони долари, сметки со веродостојни податоци, од кои 420 милиони долари во Комерцијална банка, на име на ирански државјанин и 120 милиони долари на истото лице во Капитол банка. Ја објавивме и одлуката за замрзнување на тие средства во Македонија, затоа што иранскиот државјанин продавал ирански дронови „шахиб“ на Руската федерација. Средствата за набавка на дроновите се од Србија. Требаше да следат уште поткасти дека Македонија е најголема перална на пари. Сето тоа го правев сам, во организациска смисла и со лична одговорност, со 5 до 6 соработници, од кои двајца се надвор од Македонија. Сето тоа како ангажман од ноември 2023 година е најдобра слика за мојот лик, дело, за мојата работа – рече Палевски.
Дали се чувствуваш како што те прикажаа на прес-конференциите на МВР и на ЈО и по медиумите, дека си монструм и убиец? Барам конкретно и јасно да одговориш – рече адвокатот Страшевски.
– Ниту едното, ниту другото. А мотивите за таквото однесување, за суспендирање на правото на невиност додека не се докаже вината, не постојат, и тоа затоа што шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари во Македонија. Спасовски дал согласност како министер за полиција ирански државјанин шверцер на дронови да отвори нерезидентна сметка во НАТО-банки во Македонија. Токму тој сериозен криминал и износите кои се депонирани во македонските банки се сосема доволна причина да се изврши морален атентат на еден човек. Се компромитира човек во целост. А инструментот да реагира по допрен гас, службено, за ова Јавно обвинителство не постои. Медиумите се комплетно корумпирани од банкарскиот сектор и без поддршка од банкарскиот сектор нема да постојат – рече Палевски.
Тој додаде дека до прес конференцијата одржана на 5 декември, кога била поднесена кривичната пријава против него, било завршено само едно вештачење на телефонот на убиениот Панче Жежовски и вештачења за отпечатоци од прсти и ДНК.
– Сите останати вештачења се правени после 5 декември, после прес-конференцијата на Спасовски и на Бубевски. Но, во ваква масовна истрага, прашањето кој ги брифирал медиумите со лаги веќе е одговорено. На пример, сведокот Гоце Трајковски кој глуми Шерлок Холмс овде во судот, лично тој на инспектор Каришиќ му праќал скринови од некакви инфлуенсерки, кои тврдат дека јас сум бил очув на Вања. Сето тоа некој уредно го пласирал на оваа багра позади мене, позади стаклото. Позади мене е сместена една професија која егзистира крајно непрофесионално, без ниту еден доказ, со шпекулации од луѓе како посочениот Гоце Трајковски. Такви лаги се истурени во огромна количина. Во тоа време, директорот на КПУ Затвор, видно од доказите, вршел приватни истраги, ги тепал и ги распрашувал обвинетите, а сите тие разговори во порака се праќани на Гоце Трајковски. Во доказ 151 самиот Гоце се фали на инспектор Каришиќ што сѐ дознал преку неговиот брат Сокол. Така се хранети медиумите со лаги, за кои сметам дека биле должни да ги проверат, за да се заштити не само мојот, туку и интегритетот на семејството на убиеното дете. Политиката која ја почнавме со Десна е причина за ваквиот однос на медиумите, бидејќи е единствена партија која покренала иницијатива за референдум за многу болно прашање за бугарската агресивна политика, кон нашата држава. Тоа се причините за овој брутален медиумски линч од портали под контрола на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Друга една професија, што се нарекува адвокат, јавно преку медиумите се прозиваа да не ме застапуваат. Подоцна ќе докажам и дека сум киднапиран од Кривичниот суд – рече Палевски.
Адвокатот Страшевски побара од Палевски да го опише начинот и интензитетот на неговото живеење во критичниот период од средината на ноември до критичните настани и до неговото апсење.
– Огромен број секојдневни партиски состаноци и снаоѓање со многу мали финансиски средства за толкав ентузијазам за политичко дејствување. Тоа бара буквално секојдневно и целосно посветување на започнатите проекти кои претходно ги објаснив. Може да се каже дека јас живеев и спиев во партијата. Обично спијам по 6 саати и тоа ми е единствениот одмор, а работев по 18 часа дневно, последните 3 години. Бројот на комуникации, видно од вештачењето е доста интензивен, од 20 до 50 телефонски разговори дневно. Живеев интензивно, вклучително и со патот, кој се случи на 30 ноември 2023 кога заминав во Белград. Тоа беше шанса да се одморам барем десетина дена до роденденот на партијата, 12 декември – рече Палевски.