ПАЛЕВСКИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СЕТИ НА ЧОВЕКОТ СО КОГО ЗБОРУВАЛ НА ДЕНОТ НА УБИСТВОТО НА ПАНЧЕ Обвинителката го праша и зошто самиот не се пријавил во полиција кога видел дека го бараат

Палевски потврди дека на 22 ноември 2023 година првиот телефонски повик му бил во 13.14 часот. Тој рече дека бил на интернет од 9.30 часот и дека не одговара на повици на обична линија, затоа што не сакал да биде прислушуван незаконски.

2,301

 

Зошто самиот не се пријавил во полиција кога во Баликесир видел дека го бараат, зошто не користел телефон до 13 часот на денот на убиството на Панче, зошто не прибавил специјалистички наод ако одел на прегледи во Белград, зошто нагло заминал за Белград, зошто не ги дал пасвордите за двата лаптопа, иако му биле побарани на распитот во Обвинителството…






Овие прашање му ги постави обвинителката денеска на првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски, кој одговараше на вкрстени прашања.

– Една од причините поради која сте одлучиле така наеднаш, без најава, рано утрото на 30.11.2023 да заминете во Белград, според вашиот исказ, била вашата здравствена состојба. При вашето заминување во Белград со себе сте зеле микрофони, слушалки, адаптери, таблети, лаптопи, фотоапарати, хард дискови, картички на име на партијата Десна и на име Десна република, со овластување за вас, што е констатирано при вашата екстрадиција во државата и спроведување во КПУ Затвор Скопје. Од записникот произлегува дека најмалку што сте носеле со себе е медицинска документација, за со неа да одите на второ специјалистичко мислење, без притоа, да имате закажан преглед кај кој било лекар, во која било болница во Белград. Точно ли е дека се упатувавте со некоја друга цел во Белград? – праша обвинителката.

– Јас во мојот исказ наведов 3 или 4 причини зошто заминав на пат, со намера да се вратам на годишнината на партијата 12 декември, кога и мене ми е роденден. Прво, и во Јавното обвинителство, при давање на мојот исказ, лично на вас и на колешката Цалева јасно и прецизно ви наведов дека кога правите магнетна резонанца добивате второ специјалистичко мислење за неа. Тоа мене ми беше потребно како второ стручно мислење, а првото го имате во листата на докази. Очигледно не сте го виделе, штом вака поставувате прашање. Од приложениот од мене доказ, не сте виделе дијагноза на болеста, потпишана од д-р Лозанче во јули 2020, далеку пред настаните. Не постои алтернатива, ниту терапија, освен операција и тоа е уредно заведено во дијагнозата. Со мене носев две цедиња, во куферот со алишта и тетратки, но Јавното обвинителство буквално ги украло. Едното цеде е магнетната резонанца од 2016, а второто беше од 2020. И кога ќе направите во 2023 година уште една резонанца, каде било, ќе се види прогресот на болеста. Каде и кога ќе правам резонанца надвор од Македонија, мој термин нема. Тоа се прави приватно, со пари, а потоа се носи одлука дали ќе се оперирам или не. Тоа беше мојата логика за да одлучам дали да ја оперирам кичмата или не – рече Палевски.

– Тие предмети се одземени од вас со записник, така? – праша обвинителката.

– Не знам. Не бев присутен на одземањето – рече Палевски.

– Вие сте одлучиле брзо, сега и веднаш, да заминете за Белград, утрото на 30.11.2023, на големо изненадување на сите ваши блиски сопартијци, иако во партијата требало за два дена да се одржи Централен комитет, а за 12 дена конгрес. И покрај тоа што вие сте алфа и омега во партијата и без вас никој ништо не може да преземе и да одлучи, и покрај закажаните термини за ЦК и за Конгресот, вие сепак одлучивте одненадеж да заминете за Белград, рано утрото на 30 ноември. Нели е тоа чудно? – обвинителката повторно се наврати на прашањето.

Палевски приговараше на прашањето и почна да зборува за друга тема дека Обвинителството една година крие пиштол од 9 мм.

– Не приложивте доказ за шок и изненадување од блиски партиски соработници. Алфа и омега во Десна не постои. Адвокатот Васко Стојков, ваш сведок, убаво објасни дека од 10 до 12 часот на 30 ноември сме се шуткале низ градот со возилото на Стојков и после 12 часот сме заминале за Белград. Самото заминување беше направено на регуларен граничен премин, со регуларно возило, на главен автопат. Отседнав регуларно, со моја патна исправа во хотел „Таш“, јавно, без никакво криење, вечерав во „Руски цар“ на Кнез Михајлова, со професор со кого дебатиравме неколку часа, за политика, по што се вратив во хотелот – рече Палевски.

– Кога сте биле во Баликесир, Турција, велите дека сте чекале да ве уапсат. Знаевте дека ве бараат, дека за вас се објавени фотографии. Како не отидовте како совесен, разумен човек, сам да се пријавите во полициска станица, туку одлучивте и понатаму да се криете. Така? – праша обвинителката.

– Не е така. Кажав дека претходно ја вратив интернет картичката на господинот кој ја најде куќата под наем, за да не му правам проблем. Бидејќи во пицеријата постои ви-фи и можев да си ги видам сликите и обвинувањата, протечени од Обвинителството кон медиумите, пред да ми биде дадена кривична пријава и пред легендарниот прес на Гаврил Бубевски и на Оливер Спасовски. Пред да бидам уапсен, истиот ден, 4.12.2023, го вратив клучот од куќата на сопственикот, затоа што сметав дека е јасно дека ќе бидам уапсен. Без разлика на големината на Баликесир, кога 48 часа сте во градот, не може да знаете каде е судот, обвинителството и полициската станица. Затоа, кажав, дека во истиот ден 2 пати се вратив во пицеријата, по што, вториот пат бев лишен од слобода, на регуларен, нормален начин. Немам приговори на однесувањето на турската полиција, освен една забелешка, која вашиот претпоставен Бубевски ја злоупотреби. Еден од вработените од Интерпол ме извади во ходник, ме сликаше и сликата по Вотсап му ја испрати на Оливер Спасовски. Подоцна мојот адвокат во Турција ми испрати принтани вести од Македонија, каде ја видов таа слика. Тоа се ваши класични злоупотреби и на предистрагата и на самата истрага, каде ги сликате осомничените и ги праќате по медиуми. Немало бегање и не сум променил град на престој по сознанието дека сум осомничен – рече Палевски.

– Ако сте сакале да се пријавите, сте можеле и од самата пицерија да се пријавите и да кажете дека доброволно се пријавувате заради тие и тие причини, односно, дека сте баран со меѓународна потерница. Вие си седевте и немавте намера да се пријавите, така? – праша обвинителката.

– И еспресо пиев – додаде Палевски.

На тоа приговараше неговиот адвокат Јовица Страшевски кој рече дека прашањата се ирелевантни за постапката.

– Добри се за уво, за јавноста и би сугерурал да се поставуваат прашања вкрстени, поврзани со нашите поставени прашања и дадени одговори. Вкрстеното испрашување треба да произлезе од дадените одговори на прашањата на одбраната – рече Страшевски.

Судијата Ивица Стефановски не го прифати приговорот.

– Јас кажав дека не сум барал полициска станица. На мониторот во пицеријата на сите вести во Турција се гледав себеси, зошто да барам станица кога ќе ме најдат? На 2 декември Дејан Димовски, оној кој вистински ја водел истрагата, а не вие, барал од мојот адвокат Стојков преку телефон да му кажам каде се наоѓам, да му кажам каде сум се движел на 27 ноември. На полицијата ѝ кажав дека сум во Баликесир – рече Палевски.

– И покрај тоа што првенствено, како што велите, поради здравствената состојба сте заминале во Белград, вие не прибавивте ниту еден специјалистички наод. Така ли е? – праша обвинителката.

– Не е така – рече Палевски.

– Кажавте дека сте ги дале кодовите за одземените уреди, меѓу кои и за ајфон 13, но притоа не ги дадовте тие кодови, односно пасворди, за одземените лаптопи макбук ер и макбук про. Иако бевте прашани од Обвинителството за ваше доброволно давање, вие сепак одлучивте да не ги дадете. Така беше, нели? – праша обвинителката.

– Делумно. Сега ќе објаснам. Прво, за ајфонот, за кој веќе од Еуропол сте побарале отворање на телефонот и сте биле одбиени, затоа што никој не може да отвори ајфон доколку не се работи за тероризам. Јас ги отклучив ајфонот за да се извадат од него сите докази кои се во моја корист, за да се уверите дека немам никаква врска со жртвите за кои ме обвинувате, дека јас сум ги грабнал и убил. Но, доколку сте го читале внимателно вештачењето, ќе знаевте дека на ајфонот и на макбук про и ер, на сите мои уреди има еден ист клауд, [email protected]. и сите три уреди имаат идентично. Сите слики на телефонот и на лаптопите се идентични и меѓусебно се копираат, затоа што клаудот ги синхронизира. Веб историјата, телефонските броеви, сите апликации за комуникација како Вотсап, Телеграм, Вибер се идентични во лаптопот и во телефонот ајфон 14. Така што, вие во отклучениот ајфон убаво видовте дека на 28 ноември не сум можел да правам сервис кај Ерол Османи, затоа во тој ајфон се пораките каде егзактно се гледа дека вашиот сведок Османи лаже. Бадијала ви го отворив телефонот, вие сосема сопротивно тврдите од она што го пронајдовте во телефонот. Но, мене тој телефон и тоа вештачење ми помогна да го докажам неточното тврење на Велибор Манев дека на 22 ноември имало состанок кај мене во канцеларија, дека вечерта сум ги носел на местото на настан Дупки, затоа што во телефонот се комуникациите со Манев и со други лица. Во тие комуникации има спротивни факти од исказите на сообвинетите, но докажува и фалсификат на телефонската анализа. Физички е невозможно да се примаат и да се праќаат пораки без интернет, без базна станица, како што е во вашите извештаи – рече Палевски.

– За „реното кангу“ рековте дека се поклопувало со движењето на возилото од 05.05.2023, на настанот во Демир Капија. Сопствениците на „рено кангу“ кажаа дека возилото не ви е дадено во мај и не го имате оттогаш на располагање. Невозможно е „рено кангу“ да биде забележано на 05.05.2023 пред куќата на Манев? – праша обвинителката.

– Не е точно. Тоа возило на располагање ни беше и претходно, но, инцидентно кога ни треба. Ни беше оставено во дворот на партијата, за да се грижиме за него и да го користиме. Сопственичката Рита Ќириќ зборуваше за тоа кога ни го оставиле во партијата. Никогаш ниту во Јавното обвинителство ниту во судот не сум кажал дека „кангуто“ било во Демир Капија. Ќе повторам што сум кажал. Составот на луѓе, Палевски, Манев, Кешишев и Видевски, е идентичен како на 5 мај во Демир Капија. Не сум кажал дека сум бил со „кангуто“ во Демир Капија, за вие тоа да ги користите во прашање. Тоа не е точно. Тоа видео, на минатото рочиште, го оспорив со два доказа, кои го негираат вашето тврдење, серверот на Паметен град и серверот на платниот промет на Македонија. Во 2023 година 3,4, можеби 5 пати сум бил во тој двор, кај Велибор Манев. Сум бил и доцна навечер, и преку ден, кога сме се враќале од Битола, од Прилеп, сум застанувал, сме пиеле кафе и сме разговарале. Јас го негирам видеото со докази, а не со мои тврдења – рече Палевски.

– Кажавте дека на 22 ноември сте станале во 9.30, сте го шетале кучето, сте пиеле кафе и сте разговарале со член на партијата, кој се плашел од кучето, но за чудо, не се сеќавате, кое е тоа лице, ниту до денес такво лице е предложено како сведок, за да потврди. Не постои такво лице, нели? – праша обвинителката.

– Постои такво лице, тоа лице е претепано од вашата истрага, има сериозни последици. Јас и тогаш и денеска не можам да се сетам на името и презимето. Мојата одбрана подготвува некакви чекори кои не сум должен да ви ги објаснувам. Јас кога ја шетам Хера сретнувам многу луѓе. Но, како што е примерот со професорот Мартин Панчевски кој два-три пати не прифати да прими покана за сведок, за да нема опструкции во процесот јас го повлеков тој сведок. Тоа е лице од интерес за одбраната, а не на Обвинителството. Кога и како ќе се осмели тоа лице да се појави пред вас и пред судот не знам, но, за разлика од Обвинителството, моите тврдења до сега, како и за пиштолот кој недостасува, се поткрепени со материјални докази – рече Палевски.

– На 22.11.2023 година, од телефонската анализа произлезе дека прв успешен реализиран повик е дури во 13.14 часот. Претходно сте користеле интернет. Сигурно сте имале причина што не сте биле активен на телефонот со повици до 13.14. Така ли беше? – праша обвинителката.

– Еве како беше на 22.11.2023. Телефонскиот повик кој го спомнавте е на обична линија, ГСН разговор. Тој разговор во извештајот е поделен на 7 разговори, сите по 60 секунди и после тоа нема базни станици во извештајот, до 16.30 часот. Се работи за Мери Минческа, чија базна станица кога ме повикала е ТЦ Бисер, а разговорот трае 7 минути. Но, базна станица за Палевски нема. Спомнавте дека сум користел интернет, а таму има броеви и тоа посериозна количина, но не го кажавте времето на користењето на интернетот. Интернет сообраќајот е после 9.30 на 22.11.2023. Јас не одговарам на повици на обична линија, затоа што не сакам да бидам прислушуван незаконски. Користам исклучиво Телеграм. Според тоа, според анализата, со Влатко Кешишев е првиот разговор во 11.47 часот. Во обвинението не ни е објаснето како успеал Влатко, од 10.30 пред хотелот „Романтик“, да направи прв повик во 11.47 во Центар на Скопје. Ова се два единствени докази во врска со убиството на Панче Жежовски и евентуално утврдување на точно време – рече Палевски.

 

ПАЛЕВСКИ ОБВИНУВА ЗА ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН Обвинителките му ја предочија казнената евиденција за последните 20 години

Поврзани содржини