ПАЛЕВСКИ ИМ ВЕТИЛ ПО 150.000 ЕВРА ЗА ГРАБНУВАЊЕ НА ЌЕРКАТА НА ФАРМАЦЕВТОТ Манев тврди дека во полиција бил тепан

Манев тврди дека му било страв од Палевски, затоа што бил под закана дека ќе го убие него и неговото семејство ако не му ја заврши работата до крај.

1,323

Второобвинетиот Велибор Манев на денешното сведочење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 73-годишниот Панче Жежовски, рече дека првообвинетиот Љупчо Палевски им ветил по 150.000 евра награда за киднапирањето на ќерката на фармацевтот, како и дека бил тепан во полициска станица.

Тој рече дека не поседувал огнено оружје.






– Дали ви е познато дека некој од обвинетите поседувал оружје? – праша адвокатот Горан Бошевски, бранител на Манев.

– Да. Палевски имаше, но му го одзедоа при претрес во Демир Капија. И Боре Видевски, кој беше обезбедување на директорот на „Жито Вардар“, има оттаму добиено оружје, пиштол, не знам која марка, не се разбирам во оружје – рече Манев.

– Со кого од обвинетите комунициравте после настанот? – праша адвокатот.

– Со Палевски најмногу. Тој ни се јавуваше после тоа, ни кажуваше: „Не се секирај, сѐ е чисто, не бери гајле“. Неколку пати ми се јави едно по друго, на Телеграм. Со Боре се слушав еднаш дневно – рече Манев.

– Дали Палевски ви се јави од странство? – праша адвокатот.

– Да. Тоа беше кога тргнал од Србија кон Турција, преку Бугарија. Неколку пати ми се јави. Првиот пат ми рече дека ќе одел за Москва. Јас му реков, прави што знаеш. После десетина минути пак ми се јави, ми рече дека се наоѓа на турска граница и ќе оди за Истанбул. Јавувањата беа и од телефонот на Стефан Димовски. На последното јавување ми рече ќе се чуеме сабајле, кога ќе бидам во Истанбул. Утредента ми се јави, знае дека имам многу пријатели во Трција, ми рече да му најдам некој контакт од пријател, за да може да најде куќа под кирија. Наводно во Истанбул била висока киријата. Јас му го предложив пријателот Хусеин Херемит, кој е во Баликесир. Хусеин му нашол некоја куќа на Палевски, со платена кирија за 3 месеци. По телефон ќерка ми го прашала Хусеин, дали Палевски му рекол дека треба некаде да го носи на лекар. Хусеин рекол дека Палевски не му рекол такво нешто – рече Манев.

– Освен овие лица, дали уште некое лице има преземено учество во грабнувањето? – праша адвокатот.

– Не – рече Манев.

– Колку пари треебаше да добие секој од вас? – праша адвокатот.

– Првично, ни вети по 150.000 евра за грабнување на ќерката на фармацевтот. Потоа, кога видовме дека е грабната друга личност, дека е грешка, рече дека нема да бидат толку пари. Ќе бидат помалку – рече Манев.

– Во полиција, дали ви беше сугерирано лице или име кое нема врска со настанот од страна на службените лица? – праша адвокатот.

– Во Велес не. Во Скопје за да почнам да зборувам побарав да имам адвокат, за да им кажам што и како. Тие не сакаа да слушнат ништо од тоа. Почнаа физички да ме малтретираат, да ме тепаат и да ме газат, за да почнам да им зборувам. Еден од инспекторите ми пријде, ми покажа слика од машко лице, ми рече „Дали го познаваш?“ Јас му реков „Не сум го видел овој човек.“ Еден од инспекторите ми рече „Ова е таткото на детето, дали сум слушнал дека Палевски разговарал со него?“ Јас му реков дека ниту сум слушнал, ниту знам Палевски со кого разговарал, не сум му секретарка за да знам со кого прави муабет. Почнаа уште повеќе да ме тепаат. Кажи, па кажи дека сум видел Палевски како разговара со таткото. Бев упорен дека не го познавам човекот. Беа упорни, ме тепаа, еден ми стоеше со нога врз глава, друг ми стоеше со нога на колкот, останатите клоцаа, маваа, ми викаа имаме листа дека се јавувал, дека Кешишев им кажал дека се јавувал. Им реков „Ако имате зошто ваква тортура“. Ми рекоа: „И ти да ни кажеш“. Им кажав дека се слушнале, само за да прекинат со тортурата што ја вршеа врз мене. И така го знам како петта личност во случајот, кој воопшто не е инволвиран – сведочеше Манев.

– Зошто не се откажа од второто грабнување, по грабнувањето и убиството на Панче? – праша адвокатот.

– Ми беше страв, затоа што бев под закана дека ќе ме убие мене и семејството ако не му ја завршам работата до крај – одговори обвинетиот Манев.

Поврзани содржини