ПАЛЕВСКИ ДОЛЖЕЛ 16.000 ЕВРА НА ВРАБОТЕН ВО МВР Нему му рекол дека оди во Бугарија и во Турција на состаноци
Пензионираниот Ламбе Бучков сведочеше дека комуницирал со Палевски додека овој бил во Белград и во Турција и дека ѝ се понудил на полицијата да го донесе Палевски од Турција.
Првообвинетиот Љупчо Палевски му должел 15.000 евра на Ламбе Бучков, пензиониран полицаец, кој сведочеше денеска во процесот за расветлување на убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска што се случија на 22 и на 27 ноември 2023 година.
Тој зборуваше колку често одел во партијата Десна и го барал Палевски по телефон за да си ги врати парите. Бучков сведочеше дека комуницирал со Палевски додека овој бил во Белград и во Турција и дека ѝ се понудил на полицијата да го донесе Палевски од Турција.
Бучков се запознал со Палевски пред повеќе од 20 години кога тој бил вработен во МВР, а Палевски се занимавал со градежништво.
Во почетокот на 2012 година Палевски знаејќи дека другар на Бучков бил еден од поимотните луѓе во Македонија, побарал од Бучков пари за да се заврши изградбата на зградата „Тифани“ во центарот на Скопје. Соработката меѓу нив двајцата почнала успешно, зградата се завршила и почнала да функционира.
На прашањето од обвинителката каква била финансиската состојба на Палевски во тоа време, Бучков рече:
– Нормално дека не му беше добра, оти да му беше добра, сам ќе ја завршеше зградата.
Тој додаде дека Палевски на неговиот богат другар му понудил да откупи локации што ги имал во општина Центар за на нив да гради згради. Се договориле, бил направен идеен проект, на Палевски му била дадена извесна сума пари како аванс. По три поднесени барања за одобрение за градба од Општина Центар, до ден денес не добиле одобрение.
– Даден е аванс од мојот пријател во износ на 15.000 евра. Човекот кој требаше да му ги однесе на Палчо, по пат си зел 3.000 евра во џеб. Кај Палчо стигнале 12.000 евра. Парите не се вратени до ден-денес – рече Бучков.
Тој додаде дека од 7 септември 2022 година почнал поинтензивно да контактира со Палчо и си ги барал парите, затоа што од работата и од локациите немало ништо. Бучков рече дека контактирал со Палевски два-три пати неделно и еднаш неделно, а некогаш и два-три пати неделно одел во седиштето на партијата.
Бучков посведочи дека Влатко Кешишев секогаш бил во седиштето на партијата кај Железничката станица во Скопје, а дека другите обвинети не ги познава.
– Палевски секој пат ми велеше дека чека некои средства и дека ќе ми ги врати парите. Сѐ се одолговлекуваше затоа што и него некој го лажел дека ќе му префрли пари – рече Бучков.
Последниот пат кога отишол во седиштето на партијата, Кешишев му рекол дека Палчо е на пат и дека треба да дојде. Последен пат Бучков вели дека контактирал со Палчо во неделата, на почетокот на декември, кога Палевски му се јавил од Турција.
– Рече дека отишол по работа. Се слушнавме и додека беше во Белград, каде ми кажа дека е поради кичмата. Ми рече и дека му се јавил Влатко и му рекол дека полиција го барала во партијата. Ми кажа дека полицијата сакала да земе некој пикап од дворот. Ми рече дека сакал да се врати во Македонија, но дека имал договорени состаноци во Бугарија и во Турција. Наводно му кажал на Влатко „сѐ што бара полицијата, дај им“. После рече дека такво возило било видено некаде каде што снемало некое девојче. Јас не дознав за кое девојче се работи. На 26 ноември 2023 година бев во Германија – рече Бучков и додаде дека последната порака со Палевски му е од 28 и 29 ноември 2023 година кога го прашал Палчо за парите, а овој одговорил „Наскоро ќе завршиме“.
– Со Палевски последен пат се слушнав кога беше во Турција. Ми се јави на Вибер, во неделата околу ручек. Ми рече дека е во Истанбул и дека во понеделник сабајле ќе дојде во Македонија за да ја расчисти ситуацијата – рече Бучков.
Тој вели дека вечерта кога полицијата вршела претрес во партијата не влегол во седиштето. Забележал службени „ибици“ и полицајци како стојат надвор.
– Во партијата во тој момент немаше никој, се гледаше дека два-три дена нема никој. Откако дознав што се случило со Вања, престанав да одам во седиштето – додаде Бучков.
Обвинителката повторно го праша за финансиската состојба на Палевски.
– Имаше многу пари и тој и луѓето околу него. Потоа почна да му оди надолу кога големата политичка елита почна да му урива објекти. Мене не ми должи пари, му должи на мојот другар. Јас сум подигнал кредит за да ги вратам парите кај пријателот, за да не се срамам пред него, а после парите си ги барав од Палевски – рече Бучков.
Тој рече дека се познава и со братот на Палевски со кого се видел додека Палчо бил во притвор во Турција.
– Ми рече дека брат му не можел да направи такво дело. „Може ќе те викнат на суд, да ја кажеш само вистината“, ми рече. Палевски му пратил писмо во кое напишал „Ќе го викаат Лаки за сведок, нека каже сѐ што знае“. Мене ми е незгодно што сум повикан, мене Палчо само ми должи пари, а јас сум сведок во случај за убиство – рече Бучков.
Тој рече дека Палевски имал неколку пиштоли, но дека тој не ги видел.
– Знаев дека има, не сум видел. Знаев дека е љубител на убави марки пиштоли. Мислам дека имаше повеќе. Имаше дозвола за тоа оружје.
Бучков го испрашуваше и другата обвинителка.
– Кога ви се јави Палевски од Белград што ви кажа, зошто е таму?
– Ми рече дека отишол по работа и дека сака брзо да се врати, ама откако дознал дека полицијата го бара решил да не се враќа веднаш затоа што имал лошо искуство со екстрадициски притвор во минатото. Затоа рече дека во саботата ќе одел во Софија на состанок, а потоа ќе одел во Турција. После тие состаноци рече ќе се врател за да ја расчисти работата. Преку Вибер ми рече дека во Бугарија има состанок со луѓе со кои политички соработува, а во врска со претстојните избори. Само еднаш ми се има јавено на Ватсап, од број кој ми е непознат. Кога се објави сѐ, јас се јавив кај висок полициски функционер дека имам контакт со Палевски. Им реков „Јас ќе го донесам Палчо“. Никој не ме побара. Шест месеци мене ме следат, со камери, со базни станици… – рече Бучков.
-Кога ви кажа Палевски дека колата ја бараат во врска со исчезнато девојче, знаевте ли за што се работи? – праша обвинителката.
– Не, јас во тој период бев во Германија – рече Бучков.
На сведокот Бучков прашања му поставуваше и првообвинетиот Палевски.
– Рековте дека сум барал пари од вашиот имотен пријател Коста Балабан, за да се заврши зградата. Дали вашиот имотен пријател купи стан во тој објект од Екуп Зуковиќ, со кои пари беше завршен објектот? – праша Палевски.
– Да – одговори Бучков.
– Дали со едни исти пари, вашиот имотен пријател може и да инвестира и да купи стан? – праша Палевски.
– Парите за локациите немаат врска со станот – рече Бучков.
– Рековте дека на Палевски му биле даде пари за локации, договорот е заверен на нотар. Дали според тој договор требаше да му исплатите три пати по 100.000 евра на Палевски? – праша Палевски.
– Да – одговори Бучков.
– Дали постапивте по налогот? – праша Палевски.
– Не. Не знам што е ова битно. Аванс му беше даден на пријателот. Таксативно беше наведено со одобрение за градба 100.000 евра, со карабина 100.000 евра, а на крајот 100.000 евра. Никогаш не добивме одобрение за градба и затоа не се дадени тие пари – рече Бучков.
– Дали ги дадовте првите 100.000 евра, како што беше договорено – праша Палевски.
– Не беше така договорено – рече Бучков.
– Дали јас лично Вам ви должам пари и дали протов мене има постапка за тој долг? – праша Палевски.
– Да, за рекламите. 16.000 евра ти се дадени за билборди – рече Бучков и додаде дека против Палевски нема спор ниту за долгот ниту за билбордите.
Бучков негираше дека Палевски во спомнатиот договор го дал во владение билбордот, затоа што рече дека Палевски никогаш го немал во владение билбордот за да го даде некому.
– Усмено, ти пред сведоци рече дека ќе ги вратиш парите – му рече сведокот на Палевски.
– Беа побарани 15.000 евра аванс и кога ќе се добие одобрението за градба да се даде првата рата од 100.000 евра минус тие 15.000. Три пати поднесовме барање за одобрение за градба. Никогаш не е реализирано, не ни е ниту одговорено. Палевски само притискаше за пари, само пари го интересираа, а имавме сознанија дека тој истите локации веќе ги нуди и на други луѓе – рече Бучков.
После овој одговор Палевски коментираше на глас, по што судијата го опомена дека ќе го исфрли од судница.
Бучков додаде дека бил побаран да даде исказ во Обвинителството во врска со неговата комуникација со Палевски.
Обвинителката го праша во какви односи биле Палевски и Коста и дали директно комуницирале.
– Не комуницираа директно зашто Коста не сакаше да има контакт со Палевски. Рече „Јас често патувам, контактирај ти“. Коста и Палевски беа во лоши односи зашто овој пишувал лоши работи за Коста во весникот „Старт“. Коста не сакаше да комуницира, ама сакаше да инвестира и да ја доврши зградата. Му реков на Палчо дека услов Коста да инвестира е ти никогаш да не му свртиш на телефон – рече Бучков.
Судијата го праша Бучков колку пари му должи Палевски.
– Дадени беа 15.000 евра, кај него рече дека стигнале 12.000 евра. Во септември 2022 седнавме да се порамниме. Александар рече дека ќе ги преземе локациите за тој да проба да гради. Ми должеше 16.000 евра. Не ми ги врати парите. Рече дека ќе ми ги врати до септември 2022 година затоа и интензивно го барав во текот на 2023 година. Често одев во седиштето, ми велеше вака, па онака, во септември 2022 во присуство на Александар Стојанов ми рече дека наскоро ќе ги врати. Последен пат се сретнавме со Палевски десетина дена пред да замине во Белград. Јас бев во Германија, на 26 ноември 2023 година се вратив во Македонија. На 27.11.2023 го барав. На 28 кон 29 ноември му напишав „до каде е работата со парите?“ Тој во тие два дена не ми одговори. Ноќта на 29 ноември ми стигна порака дека работата ќе се заврши до петок. Јас до петокот не го барав. Во петокот попладне отидов во партијата, а Кешишев ми рече дека е на пат. Го барав, не одговараше, па му напишав да ме бара кога ќе се врати од пат. Вечерта во петокот ми се јави од Белград и ми кажа дека во партијата имало полиција, го барале, а го барале и дома, кај што живеат мајка му и брат му. Рече дека полицијата бара пикап, оти такво возило било видено на место каде е киднапирано девојче. Му рекол на Кешишев да даде сѐ што бара полицијата. Ми рече и дека има лошо искуство со полицијата и со притвори и дека полицијата не го сака, па ќе го затворат со месеци во притвори додека ја докаже работата. Рече дека ќе оди во Бугарија, па во Турција, ми рече дека е во Белград заради кичмата. Во недела околу ручек се чувме и ми рече дека сабајле во понеделник ќе тргне кон Скопје, да дојдам во понеделник навечер во партија. Тоа беше нашиот последен контакт – додаде Бучков.