ПАЛЕВСКИ БАРА ВЕШТАЧЕЊЕ НА ЧАУРАТА НАЈДЕНА КАЈ ЖЕЖОВСКИ Видевски не направил пробно испукување од „зброевката“, а полицијата не направила споредба на чаурите
Со оглед на тоа дека нема податоци за извршено пробно испукување од пиштолот на Видевски, не е направена споредба и без доставени чаури од пробно испукување не може да се врши компаративна анализа на пронајдената чаура, било наведено во извештајот од Отсекот за оружје од Велес.
Зошто не е вештачена чаурата која била пронајдена покрај убиениот Панче Жежовски беше главна тема на денешното продолжение од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски кои се случија во ноември 2023 година.
Според доказите кои ги изнесе обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, таа повикувајќи се на полициски извештаи, рече дека не можело да се направи споредба на оружјето кое го поседувал обвинетиот Боре Видевски со карактеристиките на пронајдената чаура, поради тоа што тој не направил пробно испукување.
Од друга страна првообвинетиот Љупчо Палевски инсистира на тоа да се вештачи најдената чаура.
На денешното изведување дополнителни докази беше презентирана и чаурата произведена во Македонски Брод, пронајдена покрај убиениот Жежовски, за која има балистички извештај од 5.12.2023 година од Одделот за форензички испитувања.
Судијата ја извади чаурата и ја покажа во најлонче.
Обвинителката предложи да се изведе како доказ и известување по донесена наредба од ОЈО до Сектор за оружје, експлозивни и опасни материи, отсек за оружје Велес, во однос на околноста дали е извршено пробно испукување кое обвинетиот Видевски го поседува според евиденцијата на МВР. Известувањето е од 6 мај 2025 година.
– Овој доказ го предлагам на околност дека од предметното оружје на обвинетиот Видевски, во евиденцијата на отсекот за експлозивно оружје во Велес нема податоци за извршено пробно испукување за оружјето кое тој го поседува и тоа пиштол „зброевка 75“, калибар 9 милиметри, евидентиран на 29.12.1998 година на име Боре Видевски. Ова беше од причина да се види дали може да се направи споредба на оружјето кое го поседува Видевски со карактеристиките на пронајдената чаура, најдена на 3.12.2023 и извршениот увид во местото Рудник, Велес, непосредно до местото каде е пронајден закопан оштетениот Панче Жежовски – рече обвинителката.
Во врска со овој доказ Палевски се јави за збор.
– За овој доказ му посочувам на Судот дека барав вештачење на чаурата, која потенцирам, е доказ на одбраната, а не на Обвинителството. Барав да се вештачи, а не да се утврдува дали има отисок од ударната игла. Наместо вештачење на чаурата, гледам наредба за доставување податоци, а тоа не е вештачење. Вештачењето го прави МВР форензика, а не Одделот за граѓански работи, експлозиви и оружје. Така што ова како доказ нема употребна вредност во оваа доказна постапка. Поседувам докази со кои ќе докажам пред Судот дека ова ЈО неполни 18 часа по пронаоѓањето на телото на Жежовски е запознаено со ова оружје, но тие документи на МВР не постојат ниту во истражните списи, ниту во судските списи. Затоа сметам дека ова не може да биде изговор да не биде вештачена предметната чаура со однапред познато оружје. Мене не ми пречи ова да биде изведено како доказ, но и понатаму инсистирам на наредба за вештачење – рече Палевски.
Обвинителката понатаму предложи известување од МВР, Оддел за форензички испитувања од 09.05.2025, по доставено барање од ОЈО Скопје за дополнително известување во врска со извештајот од анализа, во врска со предметната чаура пронајдена по увидот во местото Рудник кај Велес.
– Овој доказ го предлагам на околност дали карактеристиките на пронајдената чаура се совпаѓаат со карактеристиките на оружјето кое е евидентирано на име на обвинетиот Боре Видевски, „зброевка 75“ и воопшто дали за пронајдената чаура е направена споредба со податоците од базата која ја поседуваат. Видно од известувањето, доставен е одговор дека во балистичкиот извештај меѓу другото е наведено дека предметната чаура потекнува од муниција со калибар 9 милиметри од производителот „Сувенир“ од Македонски Брод, произведена 2002 година. Истата поседува траги од испалување. Механичките траги од испалувањето се внесени во системот за автоматска компарација и не се постигнати совпаѓања и поклопувања на трагите со внесените чаури во системот, кои потекнуваат од кривично-правни настани во Македонија. Компаративна анализа била направена за предметната чаура и во однос на пиштолот „зброевка“ на обвинетиот Видевски, за што во прилог на барањето беше доставено и известувањето од Отсекот за оружје од Велес. Се известува дека со оглед на тоа дека нема податоци за извршено пробно испукување, не е направена споредба и се појаснува дека без доставени чаури од пробно испукување не може да се врши компаративна анализа на пронајдената чаура – рече обвинителката.
Палевски имаше забелешка на овој исказ од обвинителката.
– ОЈО со задоцнување од една година се обидува да изгради за себе алиби за непостапување во откривање на оружјето. Не ме удостои со одговор дека барање за вештачење барал обвинетитот од нив и сето ова, претходниот доказ и овој, се обично покривање за лошата истрага и непостапување во врска со оружјето. Во дополнение ќе доставам докази за нивното непостапување – рече Палевски.
Судијата ги праша сите обвинети дали е исцрпена нивната листа на докази. Сите потврдија освен Палевски кој побара извештај од обдукција.
Палевски праша кога ќе бидат изложени предмети како докази. Судијата рече дека сите докази се изложени, а ако Палевски смета поинаку, треба да ги предложи во дополнение.