ПАЛЧО ВЕЛИ ДЕКА УБИСТВОТО НА ВАЊА ЌЕ ОСТАНЕ НЕОДГАТНАТО ПОРАДИ ЛОША ИСТРАГА Палевски негира секаква вмешаност, ги обвини Манев и Кешишев дека се луѓе на полицијата
Првообвинетиот Палевски негира дека некогаш бил на местата каде се убиени и закопани Вања и Панче, негира дека купил алат, дека пратил нeкого да купа дупка, дека купувал мотороли и спреј WD-40 и дека му се заканувал на Манев.
Љупчо Палевски, првообвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, тврди дека се нелогични и неточни тврдењата за времето на убиството на Панче и за неговото присуство во куќата на Жежовски. Тој тврди дека му се монтираат убиства од страна на Обвинителството, како и дека „прашањето за киднапирањето и класичното убивање на Вања ќе остане неодговорено благодарение на истрагата на началникот на Единицата за насилен криминал, Дејан Димовски“.
– Според обвинението, Панче е грабнат во 9, а убиен во 9.30, а на камерите кај хотелот „Романтик“ возилата се снимени после 10 часот. На телефонот на Панче се најдени траги од извесен Александар Велиновски од Делчево, кој не е обвинет во случајот. Во куќата на Панче не е направена криминалистичка обработка и не е подигнат никаков траг, освен списите на Жежовски за неговиот спор со Манев – рече Палевски.
– Манев и Кешишев во нивните искази велат дека тие ја копале дупката кај Рудник, со ваше знаење. Точно ли е тоа? – праша адвокатот Јовица Страшевски.
– Не е точно. Таквите неточни изјави се ставени и во обвинението против мене од 12.08.2024 година. На 06.12.2023 година во ОЈО Скопје, Манев изјавил „Сам го најдов местото за земуницата, сам ја ископав, а на крајот ми помогна Влатко Кешишев, а Љупчо знаеше.“ Тоа после запирката е директна последица на ќотекот што го опишаа четорицата обвинети, за да се дополни исказот со тоа „Љупчо знаеше“. ОЈО не достави доказ дека сум знаел. Манев во судот кажа трета верзија, дека јас сум му рекол да го остави телефонот и да сме се прошетале и јас, кој сум од Скопска Црна Гора, сум го однел во Рудник и така сме го одределиле местото за копање на дупката за Панче. Не само што е неточно, туку е и недокажано. А однесувањето и исказите во ОЈО и нивната промена во судот покажуваат дека обвинетите Манев и Кешишев се обични ресурси на МВР и на Обвинителството за монтирање убиства – рече Палевски.
– Дали знаете каде се наоѓа местото на настан Рудник? – праша Страшевски.
– Не знам каде е местото на настанот. Но, читајќи внимателно списи од истрагата и слушајќи сведоци на МВР, разбрав дека е во непосредна близина на пунктот Кула на Македонија пат. Местото на настанот Рудник е крајно потценето во оваа истрага од повеќе причини. Копале дупка од дијаметар од 1,60 метри, длабока 5 метри, што претставува 5 кубика земја, две приколки од трактор… Велибор Манев тврди дека го затрупал Панче еден метар, па останале уште два метра дупка. Зошто при толкава дупка копале нова дупка за закопување на убиеното дете на еден килиметар растојание од куќата на мојата мајка, каде често пресотјувам? – рече Палевски.
Тој ги цитираше исказите на Манев дадени во Обвинителството. Рече дека на видеото од пред неговата куќа се гледа како Велибор вади неколку лопати од „кангуто“ и ги внесува дома. Манев, за дупката во Рудник на 03.12.2023 кажал: „Нафрлавме земја и заминавме за Скопје“, а на 06.12. 2023: „По 3-4 дена се вративме со Боре, затрупавме со земја и ставивме капак“. Во третиот негов исказ тврди „По најголемиот снег дојдовме и го затрупавме Панче“. На ова место на настан Рудник, каде е најден Панче, до денес, не е утврдено, ниту докажано кога е убиен Панче Жежовски, дали на 22.11.2023, дали на 24.11.2023 година, кога Манев, како што тврди, со Видевски се вратил на местото на злосторот, во Рудник – рече Палевски.
Тој додаде дека Институтот за судска медицина и ОЈО Скопје ниту напишале во наредбата дека треба да се утврди приближното време на смртта на оштетениот, ниту Институтот самоиницијативно го утврдил времето на смртта. Во извештајот било напишано само како настапила смртта.
– На ова место на настан, Рудник, е пронајдена чаура од испалување, на еден метар северно од дупката каде е најден Панче Жежовски. Микроскопски е вештачена и се констатирани идентификациски траги од испалување, но не се наоѓа во листата на докази на ОЈО – додаде Палевски.
– На изминатите рочишта беше спомнато од обвинетите дека вие сте купиле алат. Дали е тоа точно? – праша адвокатот.
– Не се сеќавам дека сум купил алат како што посочиле Кешишев и Манев. Обвинителството тврди дека вештачењето на предметната лопата покажало дека дека со неа е копана дупката за оштетеното дете Вања Ѓорчевска. Но, правена е криминалистичко-техничка обработка, земени се 6 примероци од земја од дупката каде е закопано детето, а таква земја не е земена од Рудник. СВР Велес и обвинителката Славица Темелковски повторно направиле пропуст. Алатот кој се гледа на видеото како Манев го внесува дома, при претресот во неговиот дом на 03.12.2023 не е одземен, ниту зеле примерок од земјата од Рудник. Не направиле вештачење за да се утврди каде и што копал Манев. И во куќата на Панче не е направена криминалистичко-техничка обработка, а во Обвинителството и во видеото се тврди дека во подрумот на куќата се правеле состаноци и се одучувало кога да биде грабнат Панче – рече Палевски.
Тој тврди дека не е точно дека му наредил на Кешишев да му помага на Манев при копање на дупката во Рудник.
– Карактеристично за Кешишев е да ги менува изјавите, што беше причина ОЈО да не бара читање на неговите искази, кои се тотално различни, па дури и за алатот. Во ОЈО во два искази тврди дека алатот е оставен на местото на настан Дупки, дека претходниот ден е копана дупката за Вања, а во судот го промени својот исказ и кажа дека не се сеќава дека е претходно копана дупката, а алатот е изваден од „кангуто“. Изјавите на Кешишев се измислени за потребите на оваа криминална истрага, под раководство на Дејан Димовски, началникот на Единицата за насилен криминал. Освен земање изјави со ќотек, што оваа истрага ја претвори во Гвантанамо стил, и со технологија на рекла-казала на Дејан Димовски, истрагата е уништена и ОЈО е ставено пред свршен чин да брани и да докажува што е многу тешко. Прашањето за киднапирањето и класичното убивање на ова дете ќе остане неодговорено благодарение на истрагата на Дејан Димовски – рече Палевски.
– Во обвинението стои дека вие со пиштол со калибар 9 милиметри сте испукале куршум во главата на оштетениот Панче Жежовски. Точно ли е? – праша адвокатот.
– Претходно кажав дека не сум бил на местото на тој настан ниту во куќата на Жежовски. Не е точно тоа што го тврди ОЈО во обвинителниот акт – рече Палевски.
Тој повторно цитираше искази на Манев, кој наводно на 03.12.2023 изјавил: „Жежо беше убиен од Палевски со пиштол, се нафрла земја и заминавме.“ На 06.12.2023 година наводно рекол: „Не видов точно, бидејќи беше поркриен со церада, но најверојатно беше пукан во главата на некои 10 сантиметри.“
– Во судот кажа трета варијанта на пукање во Жежовски. Церадата исчезна, добро видел дека е пукано во главата. Така ОЈО утврдило дека јас сум пукал во Панче, без ниеден доказ, благодарение на исказот на Манев, кој е различен во три распити. Последниот исказ е составен откако прочитале во извештајот од Судска медиина дека во сивата церада во која бил замотан Панче, не постои дупка од куршум, ниту барутни траги. Затоа ја промени изјавата пред судот. Никогаш не сум бил на тоа место и не сум пукал во Панче Жежовски. Жежовски дефинитивно не е убиен на 22.11.2023, затоа што е невозможно на камерите на „Романтик“ да се забележани возилата во 10.30 часот, а првиот повик на Кешишев да му биде во 11.47 во Скопје и за тоа време да се пројдат споредни патишта, да се изнесе од кола, да се убие. Веројатноста да биде убиен и закопан е подоцна, на 24 ноември, но немам докази, затоа што сум во притвор – рече Палевски.
– Манев и Кешишев во своите искази тврдат дека вие сте ги набавиле моторолите кои сте ги користеле пред куќата на Манев. Точно ли е? – праша адвокатот.
– Не. Точно е дека ме интересирало, но откако Манев се појави со моторола во штабот, веќе не размислував за мотороли. Доколку ми требаа, ќе ги побарав од него. Тие мотороли единствено се докажани дека постојат, со записник и службена белешка од настанот од Демир Капија на 05.05.2023 година и не беа одземени. Кешишев и Манев тврдат дека јас сум ги купил. Моторолите во стариот штаб се појавија откако ги донесе Велибор Манев, сосе полначи. Ги стави во режијата да се полнат и ги заборави цел месец. Подоцна си ги зеде – рече Палевски.
– Сте набавувале и WD-40 и за која намена? – праша адвокатот.
– Не, не сум набавувал WD-40. Мислам дека судот утврди кој купувал, покажа фискална сметка најдена кај Манев. Но и WD-40 е сликано во боца во подрумот на Манев кога е правен претресот. Одземна е фискалната сметка. Се поставува прашањето од каде му е таа сметка на судијата Ивица Стефановски. Има 5 фискални сметки, една одземена од Влатко Ефтимов и 5 сметки во плико. Обвинителството заборавило да ја достави таа сметка како доказ, но се појави кај судијата. Му беше покажана на Манев и тој ја потврди. Сметката е регуларно одземена при претресот на 03.12.2023 но ОЈО заборавило да ја напише како доказ во обвинителниот акт. Затоа ми е чудно како доаѓаат фискални сметки до судот – рече Палевски.
– Дали со Влатко Кешишев на 21.11.2023 со „рено кангу“ од Скопје сте пристигнале на паркингот кај пругата во Велес во 7.30 часот? – праша адвокатот.
– Никогаш со Кешишев не сум пристигнал на тој паркинг. Сум бил во Велес неколку пати во 2023 година, ама никогаш на тој паркинг и не на 22.11.2023. Има директна спротиставеност на исказите на Кешишев и на Манев токму околу овој паркинг, од кој заминале кон Рудник. Кешишев тврди дека се возел во „кангуто“ заедно со Манев, а Манев тврди дека бил со Боре Видевски во „цитроенот“. Лагите одат доттаму, што сведокот на одбраната, полицаецот Стојан Кујунџиевски сведочеше дека во „цитроенот“ има само едно лице, а не две – рече Палевски.
Тој негираше дека добил слика од Панче како стои покрај својот „цитроен“.
– Чудно е како јас пукам во Панче, а сликата од жртвата не е праќана на наводниот убиец. Ако Обвинителството сакаше вистина и ако сакаше казна за злосторствата, имаше време да вештачи чаура на која има идентификациски траги и отисок од ударна игла. Сликата на жртвата, испратена на еден од обвинетите 9 дена пред убивањето, е уште една нелогичност. ЈО тврди дека сум дошол од Скопје да го убијам Жежовски, а не знам како изгледа – рече Палевски.
Тој го негираше тврдењето на Манев дека бил под закана од Палевски. Во врска со исказот на Кешишев дека Манев го опоменал да не зборува за ископаната дупка во Рудник, затоа што за тоа се губело глава, Палевски рече дека е лага.
– Овие искази се полни со лаги – дека морале да грабнуваат луѓе, дека морале да копаат дупки, а во спротивно ќе изгубеле глави. Тие двајца обвинети, ресурси на ОЈО, чекаа 18 месеци, Александар Ѓорчевски да биде тепан, компромитиран од медиумите, да се направи дополнителна штета на семејството и да им проработи совеста, па да кажат дека не го познаваат – рече Палевски.
На ова реагираше Александар Ѓорчевски, таткото на убиенета Вања. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ реагираше дека Палевски не мора да го брани Ѓорчевски и дека Александар тоа го смета за злоупотреба на неговото име од страна на Палевски.