ПАКИСТАН ГРАНАТИРАЛ БОЛНИЦА ВО КАБУЛ, НАЈМАЛКУ 400 МРТВИ Погоден бил центар за зависности
Обединетите нации и Меѓународната фондација за човекови права го осудија нападот и го потсетија Пакистан дека нападите врз болници претставуваат сериозно кршење на меѓународното право.
Во пакистански напад со гранати врз клиника за лекување на нарко-зависници во авганистанскиот главен град Кабул вчера биле убиени најмалку 408 лица, соопштија авганистанските власти.
Очевидци велат дека имало три експлозии во моментот кога луѓето во болницата ја завршувале вечерната молитва.
– Целото место пламна. Беше како да е крај на светот. Моите пријатели изгореа и не можевме да ги спасиме сите – изјави за агенцијата Ројтерс 50-годишен маж кој се лекувал во болницата, а го преживеал нападот.
Авганистанските власти велат дека бојот на загнатите не е конечен.
– Во бомбардирањето на Центарот за рехабилитација на нарко-зависносници во Кабул од страна на пакистанскиот воен режим, бројот на маченици досега порасна на 400, додека бројот на повредени надмина 250. И тој број не е конечен – изјави портпаролот на Исламскиот емират на Авганистан Забихулах Муџахид.
Тој додаде дека времето за дипломатија со Пакистан поминало и оти „за нападот мора да следува одамзда“.
Пакистан негираше дека ја нападнал клиниката. Владата во Исламабад соопшти дека армијата нападнала „воени објекти и инфраструктура за поддршка на терористи“ во Кабул и во источната погранична провинција Нангархар.
Специјалниот известувач на Обединети нации за човекови права во Авганистан, Ричард Бенет, изрази загриженост поради цивилните жртви во нападот. Тој ги повика Кабул и Исламабад да ги намалат тензиите и да го почитуваат меѓународното право, вклучително и заштитата на цивили и јавни објекти како што се болниците.
Синоќешниот напад го осуди и Меѓународна фондација за човекови права, оценувајќи дека нападите врз болници претставуваат сериозно кршење на меѓународното право, притоа повикувајќи на независна истрага и одговорност за сторителите.
Конфликтот меѓу Пакистан и Авганистан повторно ескалираше кон крајот на февруари. Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на вооружени екстремистички групи како пакистанската талибанска група ТТП, која повеќепати извршува напади во Пакистан. Кабул го негира тоа.
Во октомври лани, во еднонеделните борби меѓу Пакистан и Авганистан во пограничниот регион, беа убиени повеќе од 70 луѓе. Двете соседни земји договорија примирје со посредство на Катар и Турција, но во неколкуте следни рунди преговори не успеаја да постигнат траен договор.