ПАКИСТАН ГО ПОВИКА ИНДИСКИОТ АМБАСАДОР НА РАЗГОВОР Се засилуваат дипломатските тензии меѓу двете нуклеарни сили
Вршителот на должност индиски амбасадор беше повикан да му се врачи протест поради бомбардирањето. Нападите се јасно кршење на суверенитетот на Пакистан, соопшти Министерството за надворешни работи на Пакистан.
Пакистан денеска го повика на разговор вршителот на должност амбасадор на Индија во Исламабад по размената на оган меѓу двете нуклеарни сили.
„Вршителот на должност индиски амбасадор беше повикан да му се врачи протест поради бомбардирањето. Нападите се јасно кршење на суверенитетот на Пакистан“, соопшти Министерството за надворешни работи на Пакистан.
Пакистанската војска соопшти дека од синоќа се „убиени 26 цивили“. Најмалку 19 лица загинаа утринава во индиски напад на територија под контрола на Пакистан. Ракети погодија 6 локации во Кашмир под контрола на Пакистан и во источната провинција Пенџаб.
Во текот на ноќта се слушнале експлозии и околу Шринагар, главниот град во индискиот дел на Кашмир. Безбедносни извори рекоа дека се соборени 3 индиски борбени авиони.
Во тек е интензивна артилериска борба меѓу Индија и Пакистан долж спорната граница во Кашмир, неколку часа откако индиските сили гаѓаа пакистанска територија во знак на одмазда за смртоносниот напад од 22 април.
Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, ги осуди воздушните акции и рече дека Пакистан ќе одговори на „кукавичките напади“.