ПАК ГОВОР НА ОМРАЗА И НЕТРПЕНИЕ ОД СОФИЈА Поранешен политичар бара Бугарија да ѝ воведе санкции на Македонија
Бидејќи САД и ЕУ воведуваат санкции врз недемократските режими, Бугарија, во својство на членка на Европската Унија, може да воведе финансиски и економски санкции врз РСМ, како и политичка блокада во Брисел, пишува поранешниот пратеник во бугарското собрание, Велизар Енчев.
Време е Бугарија да воведе санкции за Македонија, пишува на Фејсбук поранешниот пратеник во бугарското собрание, Велизар Енчев.
„По демонстративните тужби против Бугарите во РС Македонија и по официјалните тврдења на премиерот Христијан Мицкоски за малцинствата, Софија мора да посегне по оваа екстремна мерка. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и владата во Македонија демонстрираат систематско непријателство кон Бугарија, европските принципи и човековите права. Одбивањето да се вклучат Бугарите во македонскиот Устав – јасна обврска во преговарачката рамка со ЕУ, е очигледно кршење на добрососедството.
Уште повеќе – тврдењата за „македонско малцинство“ во Бугарија се директно мешање во нашите внатрешни работи, а политички мотивираните гонења против Бугарите во Република Северна Македонија се груба форма на етничка дискриминација“, пишува Енчев.
Бугарија е должна да одговори на систематското газење на човековите права на Бугарите во РС Македонија, но не со празни дипломатски изјави, туку со целни санкции, додава тој.
„Бидејќи САД и ЕУ воведуваат санкции врз недемократските режими, Бугарија, во својство на членка на Европската Унија, може да ги воведе следните санкции врз РСМ:
1. Финансиски санкции:
– Замрзнување на средствата на лица од Македонската влада, членови на владејачката коалиција и магистрати кои учествувале во репресија против Бугарите.
– Забрана за пристап до бугарскиот банкарски систем за овластени лица и нивните бизниси.
2. Економски мерки:
– Суспендирање на сите билатерални трговски преференции, вклучително и во областите на енергетиката и инфраструктурата.
– Прекинување на учеството на македонските компании во бугарските јавни набавки и аукции финансирани од јавни средства.
3. Транспорт и логистика:
– Преглед на прекугранични инфраструктурни проекти, вклучително и изградба на патни и железнички врски, сè додека Македонија не покаже вистинска промена во својата политика.
– Откажување на објектите за гранична контрола усвоени во рамките на добрососедските односи.
4. Политичка блокада во ЕУ:
– Целосно блокирање на какво било движење според Преговорната рамка на РСМ со ЕУ.
– Иницирање на заеднички став со другите земји-членки за систематско кршење на правата на малцинствата во РСМ, со цел прашањето да се постави на ниво на Европскиот совет“, набројува Енчев.
Бугарија има право на глас во ЕУ и мора да го искористи, додава тој.
„Европската Унија не може да прифати во своите редови земји кои отворено дискриминираат и провоцираат свои соседи. Санкциите не се преседан, туку воспоставена алатка во политиката на ЕУ за заштита на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Поради непријателската реторика и дејствијата што се спротивставуваат на вредностите на Унијата, ЕУ веќе воведе ограничувања и ја блокираше европската перспектива на Србија и Босна и Херцеговина. Бидејќи Унгарија и Полска беа под финансиски и политички притисок за отстапување од европските стандарди наметнати од Брисел, мора да има последици и за властите во Скопје поради систематската дискриминација и судското малтретирање на Бугарите во РС Македонија“, предлага Енчев.
Тој е експерт по меѓународно право, поранешен дописник за БНТ од Југославија и поранешен амбасадор на Бугарија во Хрватска.