ПАК ГО ИЗБРАЛЕ ЗА ДИРЕКТОР ИАКО ВОЗНЕМИРУВАЛ МАЈКИ Училиштето Лазо Ангеловски го тресе голем скандал
Арсеновски имал и галерија од експлицитни слики на вработени во школото, кои на тој начин ја добивале работата. За случајот е познато уште од 2019 година, но институциите ништо не презеле.
Перо Арсеновски, директор на основото училиште Лазо Ангеловски во скопската општина Ново Лисиче ќе биде реизбран да го води школото и по 3-ти февруари вгодина, иако зад себеси има досие за сексуално вознемирување на мајки на ученици и на вработени жени, јавува Телма. Тој имал и галерија од експлицитни слики на вработени во школото, кои на тој начин ја добивале работата.
Арсеновски пред медиумите ги отфрли обвинувањата.
„Помпезните содржини воопшто не соодвестуваат на вистината. Информациите кои сте ги добиле се резултат на една конструирана приказна со политичка заднина. Не постојат пријави, ниту пак имам скандалозно досие со напади и вознемирување на вработени и мајки на ученици. Една единствена пријава за која се води постапка е онаа на поранешна вработена во училиштето чие Решение од Основниот суд со кое се изречени времени мерки е укинато од страна на Апелациониот суд Скопје“, стои во писмената реакција на Арсеновски.
И додека скандалот ја тресе општина Аеродром, градоначалникот Тимчо Муцунски изјави дека нема да дозволи ова да продолжи и дека ќе назначи в.д. директор на училиштето.
„За оваа моја одлука го информирав и Министерството за образование и наука и доколку тие не одлучат да ја преиначат мојата одлука, во најбрз рок во училиштето ќе именуваме в.д. Директор од редот на вработените. Во иднина нема да дозволам несоодветни кадри да бидат поставувани на високи позиции, особено кога станува збор за образовни институции“, соопшти Муцунски преку Фејсбук-објава.
Што го натерало Училишниот одбор во ноември годинава повторно да го избере Арсеновски меѓу трите кандидати од огласот за директор? На гласањето на конкурсот, Арсеновски го победил најблискиот противкандидат со тесна разлика од 4:3 во негова корист. За нов мандат на контроверзниот директор гласале тројца наставници во школото и еден родител, додека двајца родители-членови на Училишниот одбор и претставникот на општина Аеродром гласале за друг кандидат.
За однесувањето на директорот Арсеновски алармирале повеќе вработени жени кои биле малтретирани и сексуално вознемирувани. Мајка на ученик за емисијата „КОД“ на ТВ Телма сведочела дека го отпишала детето од ОУ Лазо Ангеловски поради големите скандали и делењето на спорни фотографии, чии копии дури биле расфрлани пред учениците.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права уште во 2019 објавиле извештај во кој побарале институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот, но ништо не било преземено.