ПАДНА ПОТПОРЕН ЅИД ВРЗ КУЌА ВО ТЕТОВО, ЗАГРОЗЕНИ ОБЈЕКТИ НА ПОПОВА ШАПКА, ВАРДАР СЕ ИЗЛЕА Поплави и бројни одрони во Тетовско
Во Кичево врнежите престанаа и нивото на реките е намалено, а состојбата во градската болница е нормализирана, информира Центарот за управување со кризи.
Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, во Тетобско и во Гостиварско има поголем број интервенции поради поплави и свлечишта, инфорнира Центарот за управување со кризи.
„Во Тетово е пријавен е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби. Евидентирано е свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти. Големо свлечиште е регистрирано на улицата 195, на патниот правец од селото Џепчиште кон селото Гермо. Патот е непрооден за цело маало“, соопшти ЦУК.

Свлечиште е пријавено и на улицата Прохор Пчински.
„Во селото Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.
Во Општина Желино, реката Вардар се излеа во село Стримница, при што се поплавени 5 куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат. Пријавени се поплавени подрумски простории во селото Теарце. Поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот“, информира ЦУК.
Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите, се додава во соопштението.
„Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита. Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и на локално население“, информира ЦУК.
На подрачјето на Куманово, како и во општините Липково и Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките, водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.
„Од вчерашните врнежи во селото Опае е поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река. Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре. Во селото Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, има насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност. Во населбата Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби“, информира ЦУК.
Во Кичево врнежите престанаа и нивото на реките е намалено.
„Состојбата во градската болница е нормализирана. Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства. Екипите на ЈП „Комуналец“ и пожарникарите ја испумпуваат водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината“, се вели во информацијата на ЦУК.
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери, како и минимално излевање на реката Вардар кај селото Пакошево.