Падна под 100 бројката на пациенти кои лежат во болница поради ковид-19, само еден хоспитализиран во Скопје во изминатите 24 часа
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 99 и има околу 550 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.
Само еден пациент позитивен на ковид-19 е примен во болница во изминатите 24 часа, а вкупно 34 лица сомнителни и потврдени за коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје, соопшти Министерството за здравство.
Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективниболести и фебрилни состојби, додека, пак, на Институтот за ТБЦ и во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ немало приеми.
„Во изминатите 24 часа дома се пуштени тројца оздравени пациенти. Во ковид-центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 2 пациенти. Во ГОБ ‘8 Септември‘ има вкупно 13 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 19 пациенти. Вкупно 34 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 100 слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка“, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, во ковид-центрите во болниците низ земјава, додаваат од Министерството за здравство, пријавено е дека се лекуваат вкупно 65 пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 4 пациенти, позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 5 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 3 пациенти, во Велес се лекуваат 6 болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 6 пациенти, во Прилеп 3, во ковид центарот во Гостивар 8, а во Струга 4 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 9 пациенти, во Кичево 2 и во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 99 и има околу 550 празни болнички кревети во ковид-центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти“, соопшти Министерството за здравство.