ПАДНА МРЕЖА ОД ПОЛИЦАЈЦИ И ОД ПОСРЕДНИЦИ Од турски студенти барале мито за да им го продолжат престојот

Во периодот од јануари до април годинава, неколкумина осомничени лица во Штип ги искористиле своите пријателски врски со полициски службеници и посредувале за да им овозможат на најмалку пет турски државјани, кои престојувале нелегално во Македонија, да го регулираат својот престој без пречки.

2,012

По неколкумесечна предистражна постапка, денеска под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела, сторени од лица со полициски овластувања и од затворска полиција, беа извршени претреси на 15 локации во Скопје, Штип и на граничниот премин Долно Блаце, соопшти Јавното обвинителство.

Акцијата беше спроведена во соработка со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, а теренските активности ги реализираше Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.






Во полициската акција беа приведени 11 лица, додека две се недостапни на органите на прогонот.

Јавниот обвинител, постапувајќи по кривична пријава, донесе наредба за спроведување истражна постапка против 11 осомничени, од кои седуммина се полициски службеници.

Три лица се сомничат дека сториле продолжено кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, две лица се товарат за „Примање поткуп“, додека, пак, 5 лица се осомничени за „Давање поткуп“. Покрај тоа, едно лице се товари за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Употреба на исправа со невистинита содржина“, уште едно лице е осомничено за „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а едно за „Фалсификување исправа“.

Според наредбата на обвинителството, осомничените физички лица, во периодот од јануари до април годинава, во Штип искористиле претходно воспоставени пријателски односи со полициски службеници од ГП Блаце и инспектори од Секторот за странци во Штип. Во најмалку 4 наврати, тие посредувале за да им овозможат на најмалку 5 турски државјани, кои незаконски престојувале во Македонија, непречено да го регулираат својот престој.

За определена парична награда, посредниците преземале дејствија за да добијат дозвола за привремен престој во државата овие странци на кои им истекол рокот за престој по основ студирање.

Полициските службеници, прифаќајќи го влијанието од посредниците и со намера да стекнат имотна корист, ги пречекориле своите овластувања и не ја извршиле својата службена должност.

Со тоа, според обвинителството, го оштетиле и Буџетот на Република Северна Македонија, имајќи предвид дека незаконскиот престој е прекршок кој согласно Законот за странци се санкционира со глоба од 50 до 250 евра.

Јавниот обвинител имајќи ги предвид околностите, оцени дека се исполнети условите и до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор за петмина осомничени, додека за осум лица предлог за определување мерки на претпазливост.

ПОЛИЦИЈАТА ЈА ТРЕСЕ КАНЦЕЛАРИЈАТА ЗА СТРАНЦИ ВО МТВ Разбиена мрежа за нелегален престој на странски државјани

Поврзани содржини