ПАДНА ГОЛЕМ ДИЛЕР НА КОКАИН ОД ГАЗИ БАБА Ќе му биде конфискуван имот од околу 600.000 евра
Извршени се претреси на три локации и притоа се пронајдени кокаин, три дигитални ваги, а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутер со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, информира МВР.
По подолга истрага која почнала лани во септември, по налог на јавното обвинителство, полицијата денеска изврши претреси на три локации и обезбеди докази дека Р.К. (45) од Скопје, кој претходно бил осуден и издржал казна затвор од 15 години за продажба на дрога, продавал дрога на поголем број лица.
Обезбедени се докази дека осомничениот набавувал кокаин, хероин и марихуана и потоа ги препакувал и ги препродавал по цена од 3.000 денари за пакување кокаин, од 600 до 1.000 денари за пакување хероин и 600 денари за пакување марихуана, информираат МВР и јавното обвинителство.
Во координација со САЕ Тигар денеска во населбата Гази Баба во Скопје извршени се претреси на три локации и притоа се пронајдени кокаин, три дигитални ваги, а во деловниот објект се пронајдени 21 компјутер со монитори и гејмерска опрема, разновидна компјутерска опрема вредна околу 120.000 евра, за кои постои сомнение дека се купени од парите од продажба на дрога.
По приемот на кривичната пријава, во текот на утрешниот ден, Основното јавно обвинителство Скопје ќе донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик. До Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Во текот на постапката, против осомничениот ќе биде спроведена и финансиска истрага. Доколку се потврдат сомненијата дека пронајдената опрема, превозни средства и недвижниот имот се стекнати со финансиски средства остварени со продажба на наркотична дрога, Јавното обвинителство ќе поведе постапка за конфискација, во согласност со законските одредби. ОЈО проценува дека вредноста на имотот кој треба да се конфискува достигнува 600.000 евра.