ПАДНА ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА Макрон треба да предложи петти премиер за две години
Сега е вистинска политичка криза, бидејќи по девет месеци релативен мир, Франција се врати таму каде што беше минатиот декември со падот на неговиот претходник, Мишел Барние.
Францускиот Парламент ја разреши владата на премиерот Франсоа Бајру по само девет месеци на власт, при што неговата администрација го загуби гласањето за доверба.
На гласањето во Националното собрание, 364 пратеници гласаа дека немаат доверба во владата, додека само 194 и дадоа доверба.
– Во согласност со член 50 од уставот, премиерот мора да поднесе оставка на својата влада – рече претседателката на парламентот Јаел Браун-Пивет.
Според француски медиуми, Бајру утре наутро ќе ја поднесе оставката до претседателот Емануел Макрон.
Со недели беше јасно дека Франсоа Бајру е на пат кон пораз. Денешното гласање сушност беше само формалност.
Бајру се обиде да протурка намалување на буџетот за 44 милијарди евра за да го ограничи јавниот долг, вклучувајќи замрзнување на социјалните бенефиции, укинување на два државни празника и намалување на здравствената заштита. Опозицијата го одби тоа, а анкетите покажаа дека 80% од граѓаните не му веруваат.
Сега е вистинска политичка криза, бидејќи по девет месеци релативен мир, Франција се врати таму каде што беше минатиот декември со падот на неговиот претходник, Мишел Барние.
Претседателот Емануел Макрон сега се соочува со избор помеѓу свикување предвремени избори или избор на петти премиер за помалку од две години.
Тој мора да најде кандидат кој нема автоматски да биде соборен, но тоа ќе биде исклучително тешко во толку поделен парламент.
Имиња од левицата се во игра, како што се лидерот на социјалистите Оливие Форе, поранешниот премиер Бернар Казнев и Пјер Московиси. Доколку Макрон повторно се сврти кон центарот и десно, се споменуваат министерот за одбрана Себастијан Лекорну, министерката за труд и здравство Катрин Вотрин, министерот за внатрешни работи Бруно Рејто и министерот за правда Жералд Дарманин.