ПАДНА ДОГОВОР МЕЃУ БЕЛГРАД И ПРИШТИНА Вучиќ вели дека го прифатиле компромисниот предлог
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека постигнатиот договор во Брисел за регистраските таблички е „апсолутно најмногу што можеше да се постигне“ и дека тоа е добар резултат за Србија, иако дефинираше и одредени негативни аспекти од договореното.
Косово и Србија денеска постигнаа договор со посредништво на Европската унија. Деталите ќе бидат објавени во текот на денот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Главните преговарачи од српска и косовска страна го поминаа целиот вчерашен ден и дел од денешниот во билатерални преговори со специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Попладнево, Европската комисија потврди дека двете страни постигнале договор за спорот околу регистарските таблички.
– Претседателката Урсула фон дер Лајен го поздравува договорот постигнат по преговорите кои се одржуваат од вчера наутро. Овој договор доаѓа додека претседателката ја финализира својата тура низ Западниот Балкан. Таа вчера се сретна со властите во Косово, а денеска во Србија и ги повика двете страни да постигнат договор што поскоро и да ја деескалираат ситуацијата – изјави Дана Спинант, портпаролка на Европската комисија.
Таа додаде дека деталите од договорот ќе бидат соопштени во наредните часови.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека постигнатиот договор во Брисел за регистраските таблички е „апсолутно најмногу што можеше да се постигне“ и дека тоа е добар резултат за Србија, иако дефинираше и одредени негативни аспекти од договореното, јави дописникот на МИА од Белград.
– Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, од кое сум задоволен и мислам дека е важен за нашата страна – изјави Вучиќ на прес конференција во Ниш, каде што претходно присуствуваше на почетокот на два проекти со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
– Двете страни се согласија да ја повлечат Росу од премините Јариње и Брњак истовремено со отстранување на барикадите на 2 октомври, од 8 часот наутро, а повлекувањето на Росу да заврши до 16 часот – изјави Вучиќ.
Тој кажа дека КФОР ќе ги постави своите сили на Јариње и Брњак уште пред имплементацијата, кои ќе останат околу две недели со цел да се зачува безбедноста и слободата на движење.
Тој објасни дека на 4 октомври во 08:00 часот ќе биде воспоставен таканаречениот режим на налепници, како привремена мерка пред конечното решение.
– Конечното решение е одложено извесно време, за што ќе имаме разговори во Брисел – изјави Вучиќ, наведувајќи дека тоа го смета за голем успех за срспката страна.
Од друга страна, Вучиќ рече дека договорот донел подобра ситуација од онаа пред 10 години, и дека останува да се види како ќе се преговара во наредниот период.
-Следната тема во дијалогот ќе биде Заедницата на српски општини (ЗСО), кажа Вучиќ, додавајќи дека е јасно дека секоја слична акција на Росу ќе наиде на реакција од Србите, додека враќањето на КФОР покажа дека е можно оствраување на дополнителна гаранција за српското население.
Тој додаде дека е јасно дека повеќе нема да има отстранување на пробните регистарски таблички или плаќање на пет евра за привремени регистарски таблички.
-Особено, нема да има отстранување на српските КМ таблички издадени од Белград за таа област, ниту прогон на лица кои ги имаат тие таблички. Ние,го одбранивме правото на слобода на движење и стока, кажа тој.
Вучиќ додаде дека не треба да се дејствува триумфално, но дека е јасно дека Приштина повеќе не може да дејствува исклучиво со политиката на свршен чин.